Чек да брцнам во ташнава: 100 грама кафе и бонбониера
Баба ми секогаш ми зборуваше дека откажувањето е посебно почитувана дисциплина и доблест и дека жената, (а утре ќе бидеш мајка), треба особено да обрне внимание и да ги негува тие способности кај себе. Пожртвуванста и откажување во име на своите најблиски. Љубов е тоа ми велеше. Исто така ми рече дека тоа нема да ми се допаѓа баш секогаш и дека ќе се случува тоа да ти ја стутка душата како на пиле, ама ќе мораш да се научиш да живееш со тоа и дека со тек на време, кога ќе дојде време, ќе се помириш со тоа.
„Дај му ја нему чоколадата, тебе ќе ти купиме друга“. Некогаш ова беше затоа што е тој машко, некогаш затоа што е постар, некогаш помал, некогаш е таа помала, некогаш ова, некогаш она. А, јас бев некако секогаш или поубава, или посреќна, или повесела, или не знам што… па личеше дека јас можам без тоа „нештото“, а тој другиот не.
И така почнува. Од малечка. Се откажуваш прво од својата чоколада, па потоа од патиките за тебе, бидејки тој е машко, нему повеќе му требаат. Кога има две банани и едната е убава, а другата зрела со она црното, нему поубавата, а тебе намигнување, кое значи „можеш ти“. За ручек, прво нему му се сипува и се разбира тоа е најубавото и најголемото парче месо, а за тебе е она другото. Види, тој сега треба да студира, треба да му купиме кола, така што еден период ти ќе се стрпиш малку.
И така некако, тивко и ненаметливо те учат дека ти треба достоинствено да се откажуваш од свите мали задоволства, затоа што си ти помала, женско си, послатка си, поубаво играш, пееш… И некако личи дека ти нема ни да го заблежиш она со бананата и местото.
После ова следи, „немој да им кажеш на мама и тато дека се јавила класната, дека сум добил единица по математика, дека ја украдов колата“…
Па така учиш и како да лажеш за добробит на другиот. Таквото откажување се подразбираше. Тоа само по себе следи, како логична последица на она првото.
Нешто како апдејт.
Па после следеа деведесеттите. Таа епоха беше кондиционен тренинг, за да истренираме од што сè подоцна ќе треба да се откажеме.
Се откажавме од пасошот, од Наше Море, од игри без граници, од светски прваци во кошарка, ракомет, одбојка, ватерполо, од сè живо и диво… Се откажавме од Застава, од Рашица, од Елан, На факултет почнавме да се откажуваме од добрите професори од стариот ков. Почнаа да се плеткаат во политика. Им бегаше погледот, речениците не им беа веќе такви за да подзинеш кога ги слушаш. Оценки фрчеа од ракав. Почна овој му е син на Петко, овој на Станко… Па почна „ме прати „Фиљан“ да ми завршите работа…Односно, не само да ми завршите работа, него и да ме примите на работа.
Тука некаде почна да станува јасно и дека ќе треба малку по малку да се откажуваме од своите соништа.
Мајка ми вика - „сè почна од 100 грама кафе и бонбониера“. Кога прв пат и донеле во Социјално (таму работеше, решаваше пензии на луѓето, што им дошло време да одат во пензија), се ушуткала да не види некој, му рекла на овој со кафето и бомбониерата „никако, не доаѓа предвид, мене ми е тоа работа. Ама ве молам!“ И тоа е оној момент, кога тебе ти станува непријатно, за да не му биде на другиот и прифаќаш, а после жив се јадеш. Никогаш повеќе.
Дома не ги ни донела, ми раскажуваше подоцна. Кој знае што ќе си помислеше татко ти.
Какви шокантни социолошки промени за само тричетириесет години. Денес три коли и два стана можеш да донесеш дома и никој нема ни да те праша од кај ти се.
После дојде ред да се откажувам поради син ми. Тоа некако најмалку ме болеше. Велам најмалку, ама тоа не значи ич. Пошто кога ќе пресметаш, собереш поделиш, помножиш, со возачки испит, кола, факултет, попатно годишни одмори, скијања, ти реков ми рече, јас ќе имам негде педесет и кусур.
Можеби најтешко ми падна прв пат кога се вработив во „Телма“ и кога видов како одат работите. Уште потешко кога дојде новиот, па ми даде отказ.Тогаш требаше да се откажам од идејата дека сум била добар водител, новинар, уредник… Преку ноќ требаше да сфатам и да се откажам од добрите интервјуа, добрите репортажи… Инаку зашто овој ми дал отказ!? За 100 грама кафе и бонбониера!?
Ништо! Тапа сум била.
Потоа заради нечии лоши вести на телевизија требаше да се откажувам од своето добро расположение.
Поради лажни вести исто така.
Се сеќавам дека требаше да се откажам и од едно фер судење, бидејки тој другиот однел камион кафе и шлепер бонбониери.
Сега треба да се откажувам од поздравување и гушкање.
Ајде животе!! Сакаш да се степаме? Не ми можеш ништо! Овој опаш сè уште никој не го откорнал. Ќе се откажувам јас уште. Обучена сум. Од мала ме научија.
Можам јас со денови и да не јадам и да не пијам. Ја разбирам оваа скромна трпеза која ми ја сервираш. Стварно те разбирам. Знам дека е ова максимумот што можеш да ми го сервираш. Сигурна сум дека ако имаш повеќе, ќе ми дадеш. Ти верувам! Ќе се прилагодам. А башка сè уште умеам убаво да играм и да пеам и сè уште ми е слатка душата.
Само една работа те молам да ми ветиш. Никогаш немој од мене да бараш да ти го дадам сопственото здравје, или здравјето на оние кои ги сакам, во замена за сто дваесет квадрати со подно греење. Немој да ми бараш да се откажам од кафето, цигарите, уметноста, љубовта, патувањата.
Патувањата најмногу. Без нив ќе ми секнат и смеата и играта.
Сè останато земи ми.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска