Чек да брцнам во ташнава: Како да гледам на плажа најнапната хорор сцена на Тарантино

Почестена сум. Син ми сака со мене на одмор. Го дочекав тој ден “големото“ дете да сака да одиме заедно на одмор. Двајцата со ранец на грб, без резезервација, без планови и без некоја посебна организација. Се чувствувам волшебно. Каква радост.

Ние двајца сами, као двајца стари другари у кола, со музика до даска, гледаме низ прозор, ѕенѕаме на седишта и пееме на цел глас. Не зборуваме ништо. Како сè да си знаеме еден на друг и како да немаме што да си кажеме. Ама тоа е ќутење кое е супер.

Одвреме навреме ќе се погледнеме, ќе си намигнеме и толку.

Тој со мајка му, која вози мушки 150/160 км на час,пие кафе во термос за по пат, пуши, пушта добра музика, со врзана марама околу глава, фармерки и бела маица и бели “старки“.

Стигнуваме и наоѓаме смештај за речиси 15 минути. Супер апартманче со две соби и со поглед на море.

Ми се смешка под мустаќ, бидејки знае дека со сè можам да направам компрoмис, ама поглед на море е нешто што го менувам за сите пет ѕвезди на свет.

Најдовме и една преубава мала плажичка. Беше тоа еден амбиент од кој ти застанува здивот поради погледот, мирисот и бојата. Мерак ми е дека и нему му значи тоа. Многу ми беше важно да го научам да ужива во животот. Многу повеќе него да ги има сите петки во школо.

Крупен шљунак, бистра вода, која како голем син јоргован се развлеува кон морската шир и неколку галеби кои не надлетуваат.

И на ова плажиче еден супер сладок дрвен шанк. Да нè поверува човек дека овде на ова место може да се довлечка фрижидер. А во него сосем доволна количина Кампари, лед, лимон и сода. Мојот летен еликсир.

Морето ни рече “добредојдовте“, а ние нему “добро те најдовме“.

У секунда нарачав Кампари сода, со многу лед и лимон.  Дур да ми го донесе конобарот, се “сјурив“, право у море. Никогаш не ги разбрав оние што пола саат се мачкаат,  па лежат со саати, па влегуваат во вода ко по јајца да газат или ко мислиш со Лох Нес ќе треба да остварат директnа средба. Стрчај се бре брате, загњури одма, пливај едно 10 метара под вода и изнеси го озареното лице на директна и величенствена средба со Сонцето. Има ли поубаво. Нема! На свет. Ништо поубаво.

Излегувам од вода, а таму ме чекаат мојата лежалка, книгата, кампарито, цигарите и мојата малечка пепељара, која секогаш ја носам со мене на плажа. Не сакам да гасам цигари во песок. Секој таков атак кон оваа волшебна природна убавина, ужасно ме вознемирува.

Син ми покрај мене дреме покриен со шарена сенка. Спакував по еден сендвич со пршута, кашкавал и парче пиперка. Пиперката ми е откритие за такви летни сендвичи. Две праски. Шише вода и термос со кафе. Не сакам да плаќам за вода и кафе по плажни барови. Обично си носам и порачувам само чаша со лед. Син ми превртува со очи за оваа моја “цинцарска“ навика, ама возрасен е веќе и не ми зановета.

Тишината на плажата беше совршена. Се до еден момент. Со довлечка едно семејство, жена, маж и две деца. Негде околу 5 и 8 години. И двете деца неверојатно гојазни.

Таткото ги носи сите оние плажни аксесориси, топки, кофички, душеци…, а мајката две огромни торби, за коi си помислив дека има нешто што ќе го продава по плажа. Одма почна да издава наредби. И тоа баш гласно.

Јасно ми е. Од овој момент, ова е веќе нивна плажа. Сите ние кои мислевме дека ќе уживаме во оваа морска идила, можеме да се сликаме.

Рашири едно големо ќебе и им нареди на децата да се соблечат во костими за бањање, а нему, на мажа си, му рече да ги надува сите мускули, топки и душеци.

После тоа сите мораа да се мачкаат со 50-ка фактор,во толку дебел слој ко мајонез над руска за Нова година. Децава почнаа да плачат, а и мене ми дојде да се расплачам.

Ја отвори торбата и од неа извади огромна кутија со едно 10 парчиња домашна пита. Објави дека кој нема да јаде, нема да може да оди во вода. Тогаш сите заедно, онака коцкасти, изедоа по две парчиња. Кога тргнаа накај вода, истиот момент објави медицинска теорија дека пред да се влезе во вода, мора да се испие течност.

Да, ама може и вода, а не по пола литро тетрапак сок.

Не успеа да им ги “натакне“ оние гумени мускули, затоа што не им пасуваа на нивните тулумбести рачиња. Ги одвлечка до вода и некако успеа да им ги напика.

Кога конечно ги пушти во вода, им нареди да не се мрдаат од плиткото. Тука. Да може да ги гледа.

После пет минути им се “дрекна“ дека “одма треба да излегуваат“.

Децава послушно излегоа и седнаа покрај неа. Извади по еден сендвич од торбата и им рече да јадат бидејки, сигурно огладнеле од петминутното пливање.

Јас станав да си земам уште едно Кампари. Се враќам, а тие јадат лубеница. Овој едниов помалиот беше, сеуште мусав од мајонезот од сендвичот, ама јаде сиромашкиот, а лубеницава му се цеди и му капе по цело тело. Три салца на стомакот. Почнаа и муви да се собираат. Поголемиов прашува дали можат повторно во вода да влезат. Може, ако изедете по едно јаболко.

Не може само пити и сендвичи да се јадат. Мора и овошје малку. Се ова се случува во рок од саат и пол време. 

Ја изедуваат и јаболката и тргнуваат накај вода. Помалиот почнува да повраќа.

Јас тргнувам по уште едно Кампари. Се враќам и гледам детево јаде чипс. Мораш му вика да изедеш барем половина. Ти треба сол, бидејки сега поврати и мораш малку да надоместиш.

Боже -Господе си мислам, сироти деца. Ми се идеше за коси да ја фатам и да ја треснам од земја.

Маж и ќути и седи, играјки си со каменчињата околу него. Таа отвара кеса со бомбони.

Мене ми се слоши.

Сакате ли бомбони? Зошто не сакате!? А Плазма!?

Може малку од она мевцето од вчера да ви ставам во лепче со малку патлиџан. Еве скоро еден саат е. Треба да се руча.

Ги пипка по чело. Зошто не ви се јаде!?, да не сте болни да не имате температура!? Ајде одете малку во вода.

Истрчаа да не речам се истркалаа јадниве деца до вода.

Сакате ли банана. Одмануваат со рака и едниот и другиот.

Трча кон нив со бананата. Ја дели на две и им ја бута во уста.

Се враќа и му наредува на мажот повторно да ја намачка со 50ка факторот.

Конечно малку тишина.

Додека целава оваа хорор сцена се случува јас палам цигара по цигара.

Како да гледам најнапната хорор сцена на Тарантино, каде што децава ќе пукнат и сите ќе бидеме испрскани со крв и со сето она што го изедоа досега.

Го гледам син ми како сѐ уште дремуцка и ме гризе совест што ниту еднаш не го понудив со тој еден, единствен сендвич што му го понесов.

Го будам нежно и го прашувам дали сака праска.

А тој ми вика. Не бе каква праска, сабајле јадев.

А сендвич!?

Дај ми малку вода. Жеден сум.

Сакаш ли Плазма, печено пиле, пита, помфрит. Од кај ни е цела таа храна. Па немаме. Али ќе и кажам на теткава до нас, дека не си јадел од сабајле. 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска