Чек да брцнам во ташнава: Ах, деца деца... дајте бре малку милост
Конечно малку мир. Излегоа сите. Уф.
Уживам кога сме сите дома, нема муабет. Па еден пушта музика, друг телевизија. Кај ми е телефонот!? Ми се јадат палачинки. Мммм, како мириса. Срце си мамо! Ај направи едно кафе! Кај ми е кошулата, кај ми се клучевите, кај ми е полначот.
Кај ви е главата мајку ви ваша. Ама уживам! Уживам и кога сецкам, лупкам шницли, местам чаршав, па салвети, па вазна со цвеќе… Уживам и кога баботи шпоретот. На една ригла, фил за торта, на друга супа, во рерна месо и компири, ваму питата чека на ред да се пече, а на трета рингла кафе за меѓу-пауза.
Ама уживам бре брате и кога ќе излезат сите од дома. Уф, затварам врата после сите нив и се спружувам како шпагета.
Ама денеска не сум баш сигурна дали сум добро раположена. Нешто ме мачи.
Излегувам на тераса да ги прочепкам цвеќињата, да скастрам некој пожолтен лист, да ги забришам саксиите со мокра крпа, да не мислам на проблемите, во кој понекогаш заглибувам како во густа шума. Ми се пикаат во коса, во нос, во уста, ми живеат под нокти, ме чешаат.
Цвеќето ми го пренасочи вниманието на едно пола саат. Супер што имам некое такво хоби си помислив.
Што те мачи толку!? Ај седни кажи си сама на себе, еве тука на тераса, опкружена со овие ретки видови цвеќе, на Сонце, со кафе. Зошто тие горки емоции можат да те совладаат и да го победат овој убав сончев ден!?
Не знам дали другите родители доаѓаат до момент, кога се презаситуваат од родителството, ама јас, признавам во тој момент тоа го почуствував. Не во смисла дека не сакам веќе да бидам тој единствен бедем, тој единствен одговорен лик, за сè што е поврзано со нивните обврски, потсетувања, молења и замолувања, будења, успивања, недовршени домашни, писмени… Ама балансирањето помеѓу дрскиот диктатор и нежната мајка, почнаа сериозно да ме заморуваат веќе, а не гледам дека нешто во догледна иднина ќе се промени. Не можам да насетам такво нешто. Ќе си тера ова уште долго вака. Сè така ми се чини. А јас некако немам сила за „Хај Хитлер“.
Мои се, наши се, добри се, ама Господин Пубертет, завладеа со нивните детски души, а мене ми рече да одјебам додека сè тоа не се заврши, или добро да се наоружам со трпение и доследност и да се борам со него секој ден очи во очи.
Па дали е можно дека имам уште еден противник со кој ќе морам да излегувам на двобој. Како да е дојдено време да се отвори апликација наменета за двобои.
Во понеделник имаш двобој на работа. Со работата. Ќе изгубиш. Работата е посилна. Мораш повеќе да се трудиш, повеќе да мислиш, смислуваш, осмислуваш. Никогаш нема да бидеш доволно добра. Никогаш. И не се обидувај да објаснуваш било кому, дека си ја сакаш својата работа и дека ја работиш чесно и часно. Тоа ништо не ти се важи. Љубовта кон она што го работиш зачувај си ја за себе.
Во вторник двобој со сметки. Нема да ме победат, ама ќе ми го смалат буџетот за 7-8 илјадарки.
Среда. Кулминација на три пубертети. Едното плаче и решава да си отиде од дома, бидејќи требаше да ја измие тавата и да го исчисти тостерот. Другото вришти бидејќи полначот не му ја полнел веќе баеријата ко што треба, а оваа му траела помалку од ден. А третото лупа врата бидејки второво му го изело црното од еурокремот, и точакот бил мал, а ние никако да купиме нов.
Четврток. После работа двобој со господата алишта, садови и ѓубре кои се насобрале до сега.
Господин Пубертет лежи оптегнат на кревет и игра игрица на мојот телефон и ми кажува како пак победил. Мене ми иде „усвет“ да фатам, а тоа и натаму бесчуствително игра игрица. Па тогаш „дрекнувам“, па ми снемува глас 5 дена. Не сум авторитет бидејки 5 дена шепкам.
Петок. Го сакам петок уште од времето кога по два дена не се одеше на работа. Петок е ок, освен што се плаче у три пубертетски примероци, затоа што некој некому рекол нешто што не е на туфни.
Сабота е ден за на пазар. Е таму не водам никого со себе. Таму одам сама опкружена со овошје и зеленчук во сите бои, со селаните кои сето ова го одгледуваат и се во сопствен двобој едни со други чие е пораскошно. Се враќам со полни торби, а Господин Пубертет не може да се симне да ги земе, бидејќи не знае каде му се папучите. Се обидувам пак да се дрекнам, ама сè уште немам глас.
Седнувам пак на тераса помеѓу цвеќето. Имам солзи и во грло и на очи. Палам цигара у ќутам.
Ајде сети се на нешто убаво. Мора да постои нешто убаво што ќе те орасположи. Не ти е прв пат да се чуствуваш како исцеден лимон. Ајде, ајде… Ти си моќна, нескршлива..
И се сетив како имам едно мало островче на кое нема деца. Ни мои ни туѓи. Го нема ни Господин Пубертет. Таму е сè уредно, има храна, која не мора јас да ја зготвам и секогаш има две чаши и оладено вино. Таму е тишина и има фина музика. Таму сум сакана и кога таму ми се кажува дека „ќе биде се ок, не се секирај“, јас во тоа вистински верувам. Таму ќе бидам, секогаш кога нема да ми се оди на двобој, или кога ќе сакам да се ушушкам слушајќи го неговото срце.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска