Чек да брцнам во ташнава: Да си бидеш на чисто со себе и да немаш предрасуди

Добивај вести на Viber

Има нешто чудно во предрасудите. Чудно!? Не е тоа толку активно-објективен збор за објаснување на предрасудите. Повеќе би рекла грозни и безумни размисли, кои не водат никаде, или водат најчесто во ќорсокак… Колку и да звучи грубо, ама предрасудите се токму такви. Грозни безумија. Всушност самата кованица одлично ја објаснува целата таа состојба, врзана со нив. Пред-расуда. Или пред расудувањето. Значи времето пред човек свесно да го вклучи умот и да почне да расудува.

А што има во времето пред размислувањето!? Ништо. Бланк. Многу ми личи на овие што климаат со главиве, стоејки зад политичариве и согласувајки се така со баго-бланк поглед, со сѐ што ове пред нив “лупаат“ пред микрофоните. Ама не ми е сега тоа тема, башка и 100 пати сум пишувала за нив и нема колумна да не ги спомнам, оти нема, појако е од мене.

Ама сега зборам за времето пред-расудата. Времето кога не размислуваш.

А кога не размислуваш, ти си лимбо. И не дека е тоа лоша состојба. Сите се обидуваме да го скроиме малку умот и да не му даваме да не “војза“, кај што ќе стигне. Разни техники, на дишење медитација, и осамување користиме за да стасаме до таму да го скротиме умот. И тоа е во ред. Ама не е во ред да донесуваме заклучоци во времето пред-расудувањето.

Пред некој ден на кафе со една пријателка се објаснувам токму на оваа тема.

Ми вика, “па ја ако му кажам на маж ми што ми прават на работа, нема да ме пушти веќе да одам, ми вика“.

“Аха“, викам.

Ја познавам одлично. Се познаваме со години.

И викам “а ќе му кажеш ли на маж ти за ова, ова и ова….

Не! Ми вика нема да му кажам. Во тој случај мене ќе ме “акне“ од земја.

“Епа како викам!? Ќе кажуваш селективно. Ќе кажеш тоа што ти одговара. Другово ќе го премолчиш и тој ќе добие погрешна слика. И после!?, Кога ќе си останеш сама со себе, нема ли да те стаса совеста!?“

“Ќе ме стаса“, ми вика.

“И што ќе направиш!? Ќе се зезнеш така!?“

“Така“, ми вика.

“Значи!?“, што да правам.

“Ништо“ и викам. “Да си бидеш на чисто со себе и да немаш предрасуди.“

“Ај да пиеме по една ракија. Сакаш?“

“Сакам.“

Ова вака напишано во пет секунди траеше три часа. Се исцрпевме ко сунгери додека се објаснивме.

Се скаравме, се смиривме, се убедувавме…

Ама нема, таа ми е од Бога дадена. Цел живот сме заедно.

Минатиот пат, таа мене со саати ме убедуваше дека црното е црно, а белото е бело. А јас го тврдев обратното.

Бев “падната во бунар“ и ко за инат тврдев дека сум во право.

Значи не “обесувам“, нит се праам паметна, нит велам дека мене тоа не може да ми се случи.

Знам дека сум и своеглава и тврдоглава и самобендисана и суетна и умислена… Знам дека сум за никаде. Понекогаш.

Значи кога ќе ви каже мажот дека не му се “пентари“ со вас на Водно, не го убедувајте. Нема да тргне. А и да тргне, на нос ќе ви се извади. Налет. Ќе не знаете како побрзо да се симнете од таму.

Ама не правете ни вие нешто што не сакате само за да “купите“ поени за следното тормозење. Или затоа што сте емотивна, попустлива, добрица, која му сака се најдобро.

Не сум баш сигурна. Ако сте таква, ондак, нема ни да броите јас тебе-ти мене.

И кога ќе и раскажувате после на другарка ви, вака било, така било, не и кажувајте само дека не сакал да оди со вас на Водно, дека кондурите, чорапите, гаќите, сексот…

Зашто гарант ќе го премолчите моментот на вашата купо-продажна игра, која нити поминува, ниту ќе помине. А и другарките, секогаш знаат дека го правиме тоа, и тие го прават, ама си го кажуваме тоа што сакаме да го чуеме. Дека сме другарки-затоа. Ама и тоа не поминува после некое време.

Со годините само повеќе ќе се зголемува.

А нема да ви пројде никако. Ете затоа се караме и се разведуваме.

Затоа што не си гледа секој своја работа. И затоа што не може секој сам со себе и затоа што најчесто нашето “женско расположение“, зависи од нивното.

Затоа што зад попуштањето имаме математика, затоа што не ги земаме работите здраво за готово. Зато што таа купо-продажна математика е многу “зезната“ работа.

Го знаете вицот со таксистот и дечкото кој се качува кај него и јаде чоколада.

Се погодува муабетчија таксиста и му вика на дечково, “ не јади чоколадо, знаеш дека е штетно, ќе ти се распиат забите, ќе се здебелиш, ќе ти се качи шеќерот…, ќе ова, ќе она… дечково му вика, абе знаеш баба ми живееше 100 години. Е што дека јадеше чоколадо ли живееше толку.

Не, него дека си гледаше своја работа.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска