Чек да брцнам во ташнава: Да ти се плукнам во патиките од 250 евра
Откако е роден постојано се грижам да му удоволам. Секако не онака „жртвено мајчински“, бидејќи цел живот сум имала некои мои правила за заслуги и казни и никогаш не ми се допаѓала темата мајка-жртва за своите деца. Не се согласувам со ова, ама друг пат на оваа тема. Туку, да го пречекам од школо, да има секој ден зготвено. Да не ме мрзи да станам и да пржам палачинки во ниедно време, да месам кифли, да пржам „бујук“ компири, да ја испеглам баш таа маица, да ги исперам патиките и како знам да бидат суви до утре, оти тие и ниедни други… да нацртам ликовно, да одам да уплатам за задоцнета сесија, да извадам потврда за ова, за она, да извадам упат за на лекар…
Особено внимавав да мириса на љубов дома. Тоа најмногу внимавав.
Секогаш прашував што има ново во школо, дали нешто одговарал, со кого се дружи.
Понекогаш ми се чинеше дека делува безволно, нерасположено, како да му се случило нешто лошо, а не сака нит да ми каже, нит па сака да знам. Се обидував да проникнам во неговата тинејџерска душа, нежно, внимателно за ништо да не разбуричкам, или да растурам со своите допири, да не чепнам по ниту една чувствителна тема, да не искритикувам некој другар, или другарка, да не забележам ниту едно ново мозолче, само тивко да набљудувам, толку, колку да знае дека сум тука, а да не досаѓам. И гледам дека нешто го секира, а јас како тукушто окотена волчица, сакам инстиктивно на парчиња да го искинам оној, кој допринесува за неговата болка, при тоа не знаејќи нит со што, нит со кого си имам работа.
Нит колку е големо злото, нит која големина е, нити пак од која страна да му пријдам.
А кога ќе прашам -„што те мачи“, добивам само воздишка и кратко „ништо“. А јас знам дека не е ништо, туку „нешто“, бидејќи природата ме создала таква, за да можам да ја детектирам и најмала вибрација, кај моето дете, дете кое е одамна по раст е поголемо од мене.
Едно време нудев како опција психолози, нудев и долги прошетки низ парк… Се нудев себе си свртена наопаку, разобличена за да може да ја истури сета своја горчина која му се насообрала, да може да ми каже дека сум досадна, дека „смарам“, грубо да ме избрка од својот личен простор, да ми вика како ништо не разбирам…. Но сепак освен тешки воздишки и она „ништото“, ништо друго не добив.
Се секирав бајаги, ама истовемено ми текнува дека и јас во тоа време од животот имав некои такви фази, со кои мајка ми не знаеше што да прави.
Еден ден одлучувам да му се спротиставам на „демонот“. Или тој, или јас. Да видиме кој е посилен и побудала.
Нема да верувате дека демонот го собра во картонска кутија, која врди 250 евра. Демонот се вика патики „Најк“. „Усрани патики најк“.
„Сите имаат такви патики. Разбираш ли ти!? Ако немаш такви патики не си прифатен, а кога не си прифатен стоиш од страна.“
Во што се претворивте бре мајку ви вашу. Прашувам.
„Ти ништо не разбираш, бидејќи си родена во минатиот век“. Јас не разбирам? Па јас бев спремна бре џигерот свој да си го дадам за „старки“, ама нив можеше да ги има само некој кој имаше тетка во Америка. Ама не стоев од страна, бидејќи ги немав.
Не беше целото мое битисување на оваа планета поврзано со патиките, еј! Скапите патики се магнет за пријатели!? Па гледај ме мене, јас би требала да ти бидам пример. Носам сукња од баба ти и марама од прабаба ти, шубарава ми е од татко ми, палтово ми е прекроено, а крзново додадено, само за да имам, најоригинални парчиња, кои никој друг ги нема.
Каде ви исчезна оригиналноста?
Можеби сте во право деца, дека јас сето тоа не го разбирам, бидејќи не прифаќам да го разберам, она што вие сте го поставиле за некаков си стандард.
А што да прават родителите што немаат можност да им купат на своите деца такви патики. Само да те потсетам дека ти си тоа дете. И уште еднаш да ве потсетам дека ретко кој што заработил пари на чесен начин, ќе им купи на своите деца толку скапи патики.
Гледам несреќни сте. Знаете што!? И да имам толку пари не би ви купила.
Врска немате вие што е пријателство. Тие ваши „разводнети“ односи, кои ги нарекувате пријателства, а меѓусебните оговарања, ги „скриншотувате“, па после си ги препраќате помеѓу себе. Таквите пријателста не ви ги признавам.
Дали вие разбирате дека пријател ви е некој кој ќе ви ги причува децата, кога нема кој, или кога ви помага да се преселите со 30 тури натака-навака, во мал автомобил, бидејќи немате пари за комбе, или дека со тие пари за комбе може да се викнат 2-3 тури во кафеана на пример. И тие психотични „девојчурци“, што ви се денеска BFF, (best friend forever- најдобра другарка засекогаш), а која утре ќе ве продаде за грош, и на кои мајките им плаќаат надгрдба на нокти во седмо оделение, кои зад грб ве оговараат, па истата вечер со вас одат на кино и не ве сакаат, затоа што сте „цареви“ во друштвото и без тие усрани патики, па сакаат да ве убедат дека сте безвредни, ако ги немате тие монструми на вашите нозе.
Па ние родителите цркнавме од работа за да ве нараниме, за да ве направиме чесни луѓе, тошејќи се себе си до последно, а вие воздивнувате поради некој скапи патики. А ние со ноќи не спиеме, плашејќи се некој да не ве злоставува, мислејќи си дека сте можеби жртви на некое насилство, дека демонот е многу поголем и пострашен. Е нема да ги имаш тие патики никогаш! Сè додека сам не си ги заработиш. Да видиш колку се работи во оваа земја за тие патики. Да видиш колку идиотштини треба да истрпиш на работа за тие пари. Да видиш колку е тешко да си родител, кога децата ќе ти постават такви стандарди. Кој не сака да се дружи со вас, не мора. Полесно ми е да се преселам во друг град, отколку да гледам како се претворате во безлични, пластични кукли од излог. Да, оние што немаат никаква мимика на лицето и кои немаат мозок во својата пластична глава.
Бидејќи веројатно после патикиве може да очекуваме и депилација по цело тело, некоја „напумпана“ цурка со целокупен „вештак аутфит“, можеби и некои „кримоси“ другари. Народњаци по дома. Дали сте бе вие нормални?
Драги родители, акнете го тој демон со лопата по глава, бидејќи ако го пуштите да преживее, ќе ни ги претвои децата во нешто со што нема да умееме, во нешто што ќе биде толку многу поразлчно од нас, па ќе мораме да гледаме во тоа нешто со доза на страшна киселина во желудикот, во нешто што не сака книги и уметност, во некои безлични човечки форми која ќе биде како да не излегла од нашата утроба, туку никнале на некој селски вашар во некоја недојдија.
Ако ти треба пример за BFF, еве ме тука сум. Додека мрдам, додека ме носат нозеве. Ќе те сакам таков каков што си, мусав босоног и бушав. На крај крајева, најди си некоја таква иста како тебе и уживај цел живот со неа.
Да ти се плукнам во патиките од 250 евра.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска