Чек да брцнам во ташнава: Доделувам виолетово државјанство

Добивај вести на Viber

Отсекогаш сум била вљубен во онаа позната илустрација на „Малиот принц“, каде што тој стои облечен во принцеско одело на округло парче на Земјата. 

А, истовремно отсекогаш сум знаела и тоа, дека светот во кој што живееме е толку мал. Точно како на таа илусрација. 

Е сега, со оглед на тоа дека јас сум си единствената власт на мојата планета, си воведов закони и правила кои се еднакви за сите кои сакаат да стапнат на мојата планета, па дури и за мене. Нема попуштање и нема привилегии. За никого! Слушаш синко, мажу… За никого !

Сите весници се забранети, освен „Забавник“ и некои други неделни, или месечни новини, кои се однесуваат на средување куќа, или градина. Зашто ги укинав весниците (освен за потпалување и пакување)!? Затоа што прилично сум чувствителна на грди вести. Имам чуство дека секогаш кога ќе го отворам весникот, онака по средина и кога ќе го распостелам на мојата планета, како заедно со него да ги распостилам сите оние луѓе кои ги убиваат сопствените деца, кои ги изневеруваат сопствените жени, сите оние стралети (особено сум чувствителна на овие) кои со своите вештачки гради, усни и образи ги „инфлуенсираат“ младите девојчиња. 

Сите политичари кои лажат и крадат, целата општа беда и сиромаштија, целата биполарност, педофилија, сообраќајки, лош хороскоп, лошо време среде лето.

Мислам и од ова, од лоштото време се прави сезационална вест „утре ќе има силно невреме, проследено со електрични празнења и грмотевици“.

Внимавајте, влегуваме во црвена зона. Еј Хелоу!!

Полека бе! Сите ли ќе умреме од дожд и грмотевици!? Она пак со тие ПМС честичките, како ли се викаат, што кај и да е треба да ги мериме секој ден (доаѓа зима нели) и сите вести со нив да почнуваат, преку „перчин“ ми дојдоа. Мислааам! Се сеќавам кога бев дете, имаше таква магла, што еднаш следејќи еден пред нас, со четири жмигавци, стасавме до неговата гаража во Ѓорче, наместо до нашата во Тафталиџе. 

Е затоа ги укинав весниците. Не сакам бе некој си игра „дрндупка“ на моја сметка. 

И немам потреба да распостилам вакво нешто по мојата планета. 

Ама не ни е нам најтешко. Како ли им е на имигрантите!? И патем,и што направивме со нив!? Некако не ги спомнуваме овие луѓе во последно време. Кај се!? Се вратија ли дома, останаа ли тука!?Јадат ли, пијат ли, раѓаат ли деца!?  Или си ја добија потребната документација и станаа солидно гласачко тело. Секој ден стотици пасоши под маса, (се си мислам дека поради тоа снема пасоши во еден момент, нешто пред изборите) на луѓе кои за кров над главата, ќе заокружат така како што ќе им се каже, Дај Боже да грешам.

Телевизорот сè повеќе ми служи како лампа. Или има само слика, или само тон. Сликите баш и не се нешто, освен кога гледам некои научно-популарни емисии за космосот и за тоа како шака луѓе се обидува да ја спаси планетава, или патеписни репортажи, од одбрани автори се разбира.

Пред некое време прочитав дека ние-човечкиот род, сме ги истребиле пумите. Ги нема веќе. Замислете. Еј, ниту една пума нема на планетава. Толку сме биле себични, што не сме оставиле барем две за размножување. А некој таму, има толку многу пари, за да има тепих од пума. На пример. Ах, понекогаш ги разбирам оние со митралезите, кога им се спојуваат жиците.

Понекогаш си мислам, дека можеби и треба да го оставам телевизорот покрај контејнерот. Мислев дека е добар барем за спорт, олимпијади, светски првенства, ама после дисквалификацијава на Ѓоковиќ и за тоа не ми е веќе. Не сакам бе да гледам такви работи! Моја планета, мои правила!

Им забранив пристап на мојата планета, на сите оние кои немаат доволно позитивни атоми во себе, за да можеме да се менуваме со дупликатите. Не се добродојдени егоцентрици, самоубијци, себичњаци, скржавици, лажливци, кукавици…

Со двете раце и без чекање во ред им давам виолетово државјанство (такво си изгласав) за посета на мојава планета на бестрашните борци за живот. На амбициозните авантуристи, со добра смисла за хумор, на сите оние кои влегуваат „ол-ин“, (а не „зихерашки“) во која било „трансакција“ со животот. На мажи кои знаат да си ја сакаат жената и и купуваат букет цвеќе без причина. За овие давам државјанство ептен преку ред. Исто и за жени кои си ги почитуваат мажите и сè уште им пеглаат кошули. Давам државјанство и за досетливи, флексибилни мајстори за живот, со безброј идеи, цели и со гоолеми, животни соништа. Уф, ваквите особено ги сакам.

Луѓе со кои никогаш не ти е здодевно и кои со својата креативност го кројат новиот свет. Оние на кои не им пречат промените и хаосот, во кои имаш бескрајна доверба, кои не престануваат да учат и кои не се предаваат. Кои и со кои, никогаш не е здодевно, одважни, одлучни, срчани, оптимистични, посветени и без никакви предрасуди.

Оние кои внимаваат на ситниците, кои не се плашат од ризици, спонтани, концентрирани, толерантни, спремни да помогнат, имаат свое мислење и став, упорни визионери, секогаш подготвени за акција (под акција се смета и кафана, патувања особено).

Чесните и праведните.

Добредојдени се сите оние кои умеат да направат јадење од три и повеќе состојки, да замесат и испечат леб, да произведат ракија и вино. Оние кои прават музика, кои пеат, играат…

Добредојдени се сите загрозени видови животни и растенија. Кај мене секогаш има место за сите вас.

Мојата планета во моментов брои околу десет жители и седумдесет растенија. И безброј, безброј цвеќиња. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска