Чек да брцнам во ташнава: Дворот на комшијата е поубав од нашиот

Добивај вести на Viber

Ако во нешто уживам во животот, тогаш се тоа патувањата. Од како знам за себе, три дена пред да тргнеме некаде со моите, не спиев, а три дена од како ќе се вратевме од соба не излегував. Лута бев, зошто не сме останале уште некој ден. Мислев дека со тек на време, „ќе ме мине малку жеља“, ама не. Не знам како другите, ама јас сум во состојба да се спакувам за 5 минути. Буквално. Мозокот компјутерски точно и брзо ми ги праќа во тие моменти сите информациии. Сеедно дали е зима, одма знам каде ми е костимот за капење, папучите за плажа, марамата, шеширот, која маица, со кој панталони…. Пешкирот за плажа го извлекувам, без при тоа ништо да ми се растури во плакарот. Моториката и движењата во тие моменти ми се снајперски прецизни. Одеднаш се претворам истовремено во пеперутка, во спорт Били и во Балтазар. За 10 минути, ете ме, возам. Тргната сум. И возам и пеам. Или летам и пеам.

Всушност најмногу од сè ги сакам патувањата, бидејќи тие се генијална прилика да се поместиш од секојдневните здодевни навики. Да се разбереме, не дека не уживам во правење букети во мојата „Сончевина“, или во перење, пеглање, готвење, диплење чорапи и расправање по дома кој ќе го фрли ѓубрето, кој ќе помине со правосмукалка и кој ова сабајле ќе го направи утринското кафе… Напротив, сè ми е ова, сè уште мелем на душата… Не сè уште, така ќе ми биде до крајот на животот. Се имам договорено со животот за ова. Ама друг пат за тоа. Сега за „порокот“ за патувања. Тоа е нешто што, кај мене се оттурило малку повеќе од разумните статистички варијабили и коефициенти за човековите потреби.

Архитектура, храна, вино, забава… Сè некако мајку му „таму“ изгледа и поубаво и подобро, отколку кај мене.

Луѓето опуштени, се гледа дека убаво живеат, имаат работа и плата, средени држави, кои размислуваат логично во секој сегмент од битните детали за нивното граѓанство. И што е најважно, некако секој си ја гледа својата работа. Никому не му е гајле што си ти странец, од која вероисповед си, каква сексуална ориентација имаш, нити пак со какви чуда си го накитил своето тело. Дали си тетовиран, каков накит носиш, каков шешир имаш на глава… Ама баш никого не го интересира. Ти си таму, само еден среќен минувач, кој последната своја железна монета, ќе ја дадеш на сувенир,или ќе ја фрлиш на некој маестрален уличен свирач.

Шетајќи така по Ла Рамбла во Барселона, (секако пред оваа пандемиска криза) ги гледам луѓево како битисуваат во својата секојдневица, восхитувајќи им се на неверојатната количина опуштеност со која што располагаат и која ја шират насекаде околу себе. Никој никого не осудува, дури не се ни погледнуваат помеѓу себе, а ако се случи несакајќи, или сакајќи да се загледаш во некого, тој само пријатно и благо ќе ти се насмевне.

Жените носат мини здолништа во секое доба од животот, носат маици без брусхалтери, боси, голи, истетовирани, лелеави коси во сите бои, пирсови на нос, на папок, на уво… Тие се мајки. Околу нив трчкаат деца, буткаат колички. Со своите партнери (партнерки) силно се гушнати и се бакнуваат страсно и сласно. Љубовно. Убаво. Се смеат гласно. Од срце. Некои лежат на ќебиња, тука во паркот. Пијат вино и разговараат меѓусебе. Две девојки таму една на друга си прават плетенки. Некои се само потпрени на дрво, со позеленети стопала од тревата, читаат нешто, или само дремуцкаат. Тука се, се разбира и кучиња на сите страни. Нема никакви предупредувања. Веројатно сите од мали се научени да ја чуваат природата. Децата боси, мусави, пресреќни, ручкаат тука на ќебињата, трчкаат со храна во раце. Никој не им ги брише рацете со влажни марамчиња, никој се разбира не вика по нив. Татковците сe секако тука, во комплет со мајките.

По улиците народ седи на скали, се слушаат улични свирачи. Готвачот од ресторанот пее на цел глас. Целата атмосфера е речиси карневалска. Целосно одсуство на притисок и какви било осудувања.

Би можела вака до сто и едно и назад да набројувам, како секоја сцена таму е како филмска и како баш во тој момент, некоја тетка се појавува на тераса и почнува да пружа алишта и има супер шарена марама на глава, а во позадина некоја ултра добра шпанска гитара го следи нејзиниот „ѕенѕачки“ ритам. Или пак оној згоден фраер со фармерки и бела кошула, кој изгледа како од насловна страна да истрчал, баш сега помина и и мафна на една девојка на велоспиед, целиот накитен со цвеќиња.

Не знам дали некогаш ова го имало кај мене. Можеби, ако добро ми раскажувала мајка ми, без да преувеличува и да разубавува, вака некако било во нивно време на градската плажа на Вардар. Ја не знам каде се загуби попатно оваа убавина. Дали дојдоа дивите, па ги избркаа питомите!? Не знам. Не сакам во ниеден момент да прозвучам дека вперувам прст во провинцијата, никако! Бидејќи и таму има луѓе со саглам семејно педигре, исто како што и во некој луѓе од ептен „градската елита“, се упика некоја чудна малограѓанштина. Маме му ебам, што би рекол Дејан Дуковски, кој прв почна?

И зошто сево ова таму некаде-каде било по светот ми изгледа вака, а дома треба со боринче да го барам. Јасно ми е дека секогаш во човековата свест, ќе чучи минимум дозата од тоа дека, дворот на комшијата е поубав од нашиот. Но не е само тоа, иако е пресметан ризик како дел од приказнава. Всушност ме боли отсуството на таа опуштеност, ме боли тоа што не си брка секој своја работа, ме боли партиската поделеност, ме болат валканите улици и паркови, ме боли тоа што нашите љубовни парови по улица не се така силно, страсно и љубовно гушнати, што не ни се децата безгрижни, поголем дел од пола ги пративме таму некаде по светот, што не ни се родителите спастрени со заслужени пензии, со кој би можеле да живеат достоинствено, а не да кубурат од први до први, давајки им пари на своите деца и внуци, бидејки и тие едвај го издржуваат месецот…

Ме боли дивото месо, што ни се пикна под кожа.

 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска