Чек да брцнам во ташнава: Госпоѓа, драга моја се раѓа, не се станува

Добивај вести на Viber

Спокојно, фино, убаво утро. Нема стресови, нема телефони, нема “бујук“ обврски. Се по таман.

Утринксо кафе, план за ручек, домашна маска за лице. Банана, мед и жолчка од јајце. Боса нова “свируцка“ од некое од многуве радија, што успеавме да ги најдеме по лајф стримовиве. Се звучи и мириса на лето.

Децава будни, секој во свој филм. Едното сурфа и истражува за годишни одмори, другово, игра игрица, третово чита лектира. Сите во своите тинејџерски мисли и светови, за мене речиси недостапни.

Пред некој ден ми се жалеа, како речиси никој повеќе не слави родендени, бидејки никој веќе нема идеја како да ги забавува тинејџерите. Дискотеките се прескапа варијанта, па или ќе ги однесат децата на пица, или во кино. И толку од роденденот.

Арно ама, ми кажуваат дека сепак се поканети на некоја роденденска забава и покрај тоа што тие не припаѓаат на таа “фенси екипа“, што слави или оди по родендени на места каде што колку е поскапо, толку си по “ин“.

Ниту носат тесни, чипкани фустани, ниту се шминкаат, немаат нокти и филери, нити пак мајка им е облечена во бунда од стотици мали чинчили.

Не беа сигурни дали да одат или не, дури беа толку резигнирани и некако уплашени од поканата, ко Боже ме прости да ќе идат на некоја крвава сцена од филмот Петок 13.

Ме поразува и од такт ме вади таа дискрапанца помеѓу едните и другите. Овие фенсиве се набилдани со фејк самодоверба, глумат авторитетни раскошни богаташи, поставуваат правила, ти поставуваат прашања, на кои од учтивост немаш одговор. Мене лично ми се случи некни такво искуство. На аеродром во Истанбул, има една огромна продавница на Ваикики. Влегувам и наоѓам супер фустан за 12 евра. Го купувам нормално. И тоа без пробување. Точно знам веќе што ме собира, а што не. И што и како ми стои. Женава која беше од истава група на патувањево, ме гледа во авион како ја местам кесава горе во тие авионските плакарчиња и тука на глас прашува “ауу, зарем ти купуваш во Ваикики!? “ Не изгледаш така.'

Се шокорав од прашањето. Три “фрема“ ми требаше да и одговорам.

-Да, купувам понекогаш и од пазар и око не ми трепнува. Госпоѓа, драга моја се раѓа, не се станува.

Стана и таа да си ја смести својата кеса од Фурла, со три ташнички внатре. На затворање и пукнаа два нокта и ѝ паднаа наочарите од глава. До Скопје спиеше, или пак само мижеше и се преправаше дека спие. Дај Боже да си мислела, каква глупост кажала и да ја “стасало“ тоа, со ветување пред себе, дека нема да и се повтори да влага во такви “фејк“ дискусии, кои немаат никаква смисла.

Особено што тие муабети ги прават оние кои до вчера не знаева костум, како се носи, па ги носеа со етикетите на манжетната. Никогаш, ама никогаш, таков муабет нема да слушнете од некој кој е така роден. Кому “имањето“ и фините манири му се “природна состојба“. Тврдам. Тие немаат таков комплекс. Комплекс на перчење и на манифестирање фејк самодоверба, која се поткрепува со скапи парчиња облека, чевли, ташни, наочари.

Ваквите муабети ги “лупаат“- да извините на израз, само овие другиве.

Да се вратам на децава и роденденот.

Значи се ужаснувам од поделбиве, особено што гледам каков ефект произведуваат на децава и каква несигурност, околу тоа што да облечат, каков поклон да купат, како да ја “испеглаат“ косава и ред други будалаштини.

Ама мамо, знаеш ли ти како се облекуваат тие? Смешни ќе бидеме вака.

На крај сепак решија да одат. Се облекоа едноставно, односно исто така, како што се облекуваат секој ден.

Ми поверуваа на секој збор што им го раскажав, дека како и да се облечат, ќе си поминат супер. Нема везе велам што друштвото не е од вашиот клас, врсници сте побогу. Од што толку се плашите!? Што може да тргне наопаку!? Сокови, грицки, торта, свеќи, “џускање“. Додавам и тоа дека сигурно ќе им биде ова журка, на која ќе се сеќаваат и која ќе биде достојна да си ја раскажат во своите дневници-споменари.

Отидоа. Ме јадеше змија дека нема да биде баш така, како што им кажав, ама помалку и свесно сакав да ги пуштам малку во оган.

Во меѓувреме решив да сошијам едни монистра кои ми се откачија од еден нов фустан. Го бев ставила во машина и од центрифугата се откачија повеќе од половина. Со денови го одложував ова, бидејки е исклучително пипава работа, ама денешниов мир во душата ми даде кураж дека денеска е денот за да го сторам тоа.

Не знам колку време помина, речиси бев при крај, кога ми зазвоне телефонот.

Се јавуваат децава и ми велат дека побегнале од роденденов. Ги прашувам зошто, ми велат со плачлив глас дека таму ништо не им се допаднало. Ги прашувам што не им се допаднало. Велат музиката и друштвото. Си мислам, па и јас би “киднала“ од таков роденден.

Велам, а каква беше музиката. Викаат “народњаци. Цеца, Аца Лукас и компанија.

Како бре народњаци, па вие имате по 15 години.

Тие ми велат дека само седеле и дека условот за да добијат торта, на која имало сваровски кристали, бил да играат. И така тие решиле ниту да јадат торта, ниту да играат.

Им велам, дојдете си дома, сега ќе ви направам палачинки со џем од кајсии.

Отварам врата, а тие сѐ уште со насолзени очи и скиселено лице. Срцево ми се кине и се претворам во некоја ѕвер-мајка.

Слушајте ме сега добро им велам!,

Тоа не е ваше друштво, тоа не е музиката која ние ја слушаме. Родителите на тие деца се исти тавии веројатно кај нив дома ручек се добива кога нивните деца ќе ги научат песните на Карлеуша на памет. Светот во кој вие растете е поинаков. Во ниту еден момент да не сте помислиле дека нешто со вас не е во ред. Јасно!?
Мамо, таа мене ме уценуваше. Ќе ми ја подадеше тортата, па штом јас ќе посегнев да ја земам, ќе ја повлечеше. И така неколку пати.
Се изнервирав и тргнав да ја гаѓам со тортата.
Ја погоди ли.
Да.
Полесно ли ти е сега?
Не.
Тоа значи дека умееш да се бориш, но дека твојата совест ти вели дека тоа сепак не си смеела да го направиш. Но во тебе во тој момент се разбудила твојата мајка. И јас да бев на твое место, истото ќе го сторев. Децата се брутални. Морате да научите кој е за во вашето друштво, а кој не е, или каде припаѓате, а каде не. Многу ми е драго што сте поинакви, колку год тоа во овој момент да ви носи исцрпувачки проблеми. Со тек на време, ќе видите колку е добро што сте поинакви.
Мамо, ама кога ќе се случи тоа!?
Тогаш кога ќе погледнеш некого во очи и ќе сфатиш дека не сте едно за друго.
А до тогаш!? Дотогаш ќе протече многу вода. До тогаш е Мајка тука, да помогне за се што ви треба.
Ајде сеа трк у кујна да ги доправиме палачинките.

   

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска