Чек да брцнам во ташнава: Фустан за свадба и куфер за на одмор
Ги густирам првите вистински летни денови, откако за среќа во ова тажно пандемиско време имавме дожд речиси цел мај и цел јуни. За среќа, оти замисли пекол да беше, како што знае овој период да пукне и 40-ка. Цел живот си повторувам дека после дожд доаѓа Сонце, иако овој пат ми трокира снагата на оваа добитна комбинација од мисла. Ми трокира, зашто појма немам кога повторно со иста страст ќе го зграпчам куферот, ќе го ставам пола плакар внатре, како да одам на шест месеци, а не на 15 дена одмор. Никогаш не се научив да се пакувам, иако секогаш проклето се преколнував дека следната година, ќе земам само два пара кратки пантолони, два фустана и пет маици. Ма какви. Пола плакар, па тоа ти е. Како забранети супстанци да носев се чуствував понекогаш затскривајки се со мојот куфер ХХL „сајз“, стоејќи во линија за чекирање покрај оние јапонци, кои се стокмени во куферче „екстра смол“, во кое мене ни несесерот не би ми го собрало. Ама којзнае кога пак, ќе стоиме така едни до други. Сега со ранец би тргнала, камо да може. Балансот на универзумот на дело. Како е се релативно а!? Еј животе стварно си зезнат. Списокот за денес е: пазар прва станица, а потоа во потрага по фустанче за венчавката на другарка ми, на која ќе бидеме „сите“ пет души на дистанца од метар и пол. Нема да можам ни да ја изгушкам како што треба, нит пак здравицата ќе биде така сјајна, оти сите имаме сив превез околу мислите. Добро, тоа е сега. Престани да изигруваш жртва, дури и кога сите услови за тоа се комплетно исполнети.
На пазар експлозија од бои. Пролетта го донесе најубавото и најживописното на пазарите. Жените во трка за последните јагоди од кои ќе го направат слаткото и џемот за оваа година. Оти толку од јагодите. Следната недела ќе нема. Колку само брзо потфрливме на тема грабај, оти можеби и утре ќе нема. Грутка во грло имам, зашто пазарот ја нема веќе таа весела и „разбибрига“ атмосфера. Во последно време се повеќе се граба, а се помалку се купува. Мене овој пат ми требаше само чај за комбухата, па си шеткав и глеткав што и како другите пазареа. И пак баба ми покојна лебди во воздух и почнува да ме гњави, дека како можам да купувам само чај и зошто не земам модар патлиџан, оти сега е најубав за да си направам малиџано. Бегај бе бабо, есенеска ме малтретираше со пиперките за ајвар и со дуњите за слатко. Нема да правам ни слатко, ни туршија, ни ајвар оваа година. Ќе купам ене од онаа баба.
Ама направи барем малку малиџано. Толку е лесно. Знаеш како те учев. Ок бабо, еве одам по патлиџан. Онаму ти е најефтин. Добро оди сега на небо, или каде веќе престојуваш, зошто морам да купам фустанче и да го м’кнам патлиџанов со мене по продавници. Од врата продавачката ми ги „шацнува“, прво патиките за пазар, па патлиџанот во кеса, па фризурата која ја немам и монтира насмевка отприлика таква, каква што е нејзината плата. - Како можам да ви помогнам. - Можете прво овој патлиџан ве молам да го ставите некаде додека пробувам.
Тогаш сфатив дека може ќе и отпаднат тие наливни нокти, ако ја земе оваа ќеса од 5 килограми, па сама си ја ставив таму каде што ми рече дека можам. Тешко дека ќе влезете во ова фустанче, ама ајде пробајте. Молња ми севна во глава. Нема да влезам. Ма има да влезам, па макар не дишела на онаа свадба. Во гардеробата неколку пара штикли, со језива платформа. Јас со маска, под која почнува да тече зној и да се забрзува дишењето. После 10 секунди, слушам. -Како оди? -Еве супер, супер…
Само го гледав фустанот некое време закачена на закачалката во гардеробата, излегов и ѝ реков дека ми е голем. Речиси истото ми се случи уште во неколку продавници, освен што во еден, продавачката ми се жалеше на условите за работа и на тоа колку ѝ е мала платата. Ми остана само уште едно место каде што можев да си најдам фустан, пред да се откажам од купување и да одам да правам малиџано. Ме чекаше мојот совршен фустан. И продавачката која во рок од десет минути успеа да го отклучи катанецот на мојот новчаник. Ете ме назад накај дома, со „фенси“ ќеса, модар патлиџан и насмевка. По пат ги гледам и дишам липите и сфаќам дека е помината цела година од последниот пат го правев истото. Ама тогаш куферот ми беше спакуван за одмор.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Претходната колумна, ја имате, тука