Каде се светилките?

Добивај вести на Viber

Пласидо Доминго и Џипси Кингс во Скопје.

Конечно нешто убаво. Конечно некој настан кој мириса на радост и убавина.

Мислам на онаа светска радост и убавина. Онаа радост со која се сретнуваме кога сме во некоја од европските, или светски метрополи.

Темава е бескрајно широка.

Прво тоа, дека сме 200 години назад, па тоа, дека тие 200 години како секој ден да стануваат се повеќе и повеќе. Како светот да е качен на некој сосем друг вселенски брод, со кој патува и ужива, а ние чмаеме во некоја подморница, заглавена на дното на океанот и чекаме да дојде некој да не спаси.

Прво тоа, иако и тука се отвораат безброј други разгранети теми на војни, кражби, убиства, нечесни местенки и нечесна злоупотреба на големите светски сили, во однос на оние помалите. Но, не пишувам сега за тоа. Друг пат за тоа.

Сега пишувам за луѓето како мене, како вас, како сите ние кои сме обични, простодушни, добронамерни, за нас, кои чесно си го заработуваме парчето леб, кои си готвиме по дома, си слушаме музика, си одиме по гости, одвреме-навреме во некоја меана и се‘ уште веруваме дека има надеж и дека убавината ќе го спаси светот.

Всушност пишувам за сите нас кои сме доволно наивни, за да веруваме дека доброто ќе го победи злото.

Мене лично, тоа ми е единствената светла точка, да не речам едниствената сламка, за која се‘ уште се држам, како би можела да создавам и да креирам радост прво за себе, а потоа и за тие околу мене.

Знам дека нема друг начин, освен човек да продолжи да верува во убавото, дури и кога се‘ околу него тоне и венее.

Значи Пласидо Доминго и Џипси Кингс во Скопје.

Не дека немало и нема настани кај нас од светски калибар, но тоа се веќе толку ретки настани, што просто ми личат на оние светулки, кои ги бркавме кога бевме деца, а кои сега речиси и да ги нема.

Не знам каде исчезнаа тие светулки.

Дали ги има само по оние селски ливади , по кои се‘ уште расте полско цвеќе, или и таму веќе владее новата ера на фотоволтајците, со кои се покриваат сите тие раскошни природни убавини.

Втората тема која ми ја отвораат овие два настана е дека станува збор за уметници кои само малкумина ќе можат да си ги приуштат.

Една карта е 1500, 2000, 2500… денари.

Обично трочлено или четворочлено семејство, сигурна сум дека нема да може да одвои 10.000 денари за да може барем еднаш во живот, во живо да го слушне бисерниот глас на Пласидо и свилената шпанска гитара на Џипси.

Ако постои листа на нешта кои човек треба да ги види и чуе за време на својот живот Пласидо е секако на неа.

Но…!? Привилегија за малкумина.

Не дека тие не вредат за влезница од 30, или 50 евра. Секако дека вредат.

Но зошто за повеќето од нас животот стана чудесна необјаснива “безвредна привилегија“.

Никако не можам да си најдам објаснување за ова.

Затоа се држам цврсто за онаа сламка, со која се‘ уште верувам дека ќе се исправат овие чудесни светски неправди.

Сигурна сум дека едно дете, кое е талентирано за музика и на кое родителите едвај му купиле гитара, врзувајќи крај со крај по нашиве маркети и чекајќи ги со години и месеци тие владини мерки, за повисока просечна плата, за намалување на цените… за не знам уште што!?…, за еден нормален и пристоен живот, повеќе заслужува да биде на тој концерт, каде ќе ѕвонат истовремено неколку шпански гитари, отколку било кој од тие владини, или екс владини претставници, кои ќе се истопорат таму со гратис влезници.

Третата тема која ми се отвора, кога ги гледам билбордите за овие два настана, возејќи се накај дома од работа, се сите оние коли кои се паркирани пред некои скопски меани, во кои доаѓаат да пеат за иљадници евра некои певаљки од соседствата, нашава младина ужива терајќи во правц на сериознен и прилично опасен дискурс.

Од кај им се на децава пари за пијачка од 300-400 денари, за “фенси оброк“ од 1500 денари, за тие коли со кои се возат, ич не ми е јасно. Како год да ја свртам приказнава ми нема логика.

Улиците по кои се враќам од работа, некаде околу 5-6 попладне, откако сообраќајната гужвата веќе се расчистила се празни, да не речам безживотни, по нив вообичаено гледам исто такви лица празни, безнадежни, лица кои копнеат по нормален и достоинствен живот.

Фасадите на куќите и зградите се исто такви, тмурни и намуртени, излозите на продавниците исти такви. Улиците раскопани, полни со дупки, тротоарите претворени во паркинзи, моловите зјаат, празни со продавачки кои два збора не знаат да кажат, по маркетите, оние од поевтините маркети гужва. Се купуват евтини пецива, наполитанки, евтини вина и сокови за да се потисне општото незадоволсво.

Кафаните полни, улиците празни…

И тие два билборда чудесно-чудно и се вклопуваат и не се вклопуваат во целиот овој амбиент.

Каде ли исчезнаа сите тие светулки по кои секоја вечер трчавме и ги ловевме!?

Има денови кога човек има толку многу носталгија во душата, што дури и дишењето боли.

Ете ова е еден од тие, такви денови. 

Сепак, Пласидо Доминго и Џипски Кингс доаѓаат во Скопје. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: