Чек да брцнам во ташнава: Ќе добиеш наследство од родителите, ќе го изгубиш брат ти, или сестра ти
Животот почна да мириса на некој зачин кој не го препознавам.
Не ми личи дури ни на оние неуспешни и чудни експерименти, што ги правев кога ги открив зачините. Па ставав се што ќе ми дојдеше на рака, мислејки ете ме, станувам Џејми Оливер. Па мешав цимет со лук, па шафран со морско оревче. И така компир манџата личеше и мирисаше на некоја чудна збирштина, која веќе не се распознаваше.
На почетокот и дома им беше интересно, се додека еден ден син ми не се одважи и не ми рече, “еј дај молим те прави го оризот како што го правеше порано, најубав ти беше, ова веќе не е тоа“. Е така некако почна да ми мириса животот, како на “ова веќе не е тоа“.
Стравот, кој ни се рашири во душите како онаа пареа што ја пуштаа на времето по дискотеки и концерти не растури „ко Бугарска скупштина“. Во глава под дејство на некоја си опсесивна компулсивност, или анксиозност, за која веќе немам дилема дека ни стана составен дел од живеењето, ги помислив сите “непомисливи“ мисли. Те дека “е нема да ти дадам да ме собориш, кој и да си што и да си, те дека мора да се борам како знам и умеам, мантрајки си по милион пати на ден дека сè е ок, те дека секоја епоха на човештвото мора да помине низ разно-разни срања, те дека тренингот на пренасочување внимание е клучен момент, со кој треба да го вежбаме умот да се справува“… омммммм…. и безброј такви будалетински мисловни зачини кои влегуваат во категоријата „ова веќе не е тоа“.
Ме меле некое чудно чуство дека веќе не припаѓам тука каде што сум. И ми се размотува филмот како змија отровница, која ме брка за да ме гризне, а нејзиниот отров покренува лавина размислувања како пред смрт. Боже ме прости.
Балансирење со се` и сешто. Цел живот. Преку такво.
Ако добиеш едно нешто, тогаш друго нешто мора да загубиш. Ќе добиеш наследство од родителите, ќе го изгубиш брат ти, или сестра ти, затоа што “сатарот“ никако идеално да пресече. Три квадрати повеќе, ќе добие едниот, или другиот, или да речеме две-три илјади евра повеќе на сметка на едниот, или другиот и ете ти. Отиде се у бајбук.
Тогаш прв пат силно чуствуваме дека никаде не припаѓаме. Јебига, не знаеш дали да ги вратиш париве, или квадративе за да си го вратиш брат ти, или сестра ти.
Потоа посакуваш во семејството да завладее мир. Мирот чини скапо. Развод на родителите. Тогаш се буди бунтовникот во кој било од нас, сеедно во која возраст се случува ова, но особено ако се случува во тинејџерски години. Користење и злоупотребување на ситуација до максимум. Почнуваш да не учиш, да се прибираш се покасно од надвор. Тоа ти ја намалува продуктивноста, а тоа значи полоши оценки во школо, секирации на мајка ти, и некоја чудна тивка незаинтересираност на татко ти. Како толку да му била силата, или како ете да и вели на мајка ти, ти си ги родила, ти воспитувај ги. Балканска шема. И пак “све у три лепе“.
Потоа посакуваме телово да ни добие повитка фигура. Ако сме од оние кои сакаат леб и мајонез, четврт бурек за доручек, комбиниран со фрит од “Седмица“ и сите можни наполитанки и останати чоколадни штанглици, тогаш голем дел од нашата убава тесна облека, ќе заврши некаде на друго место, само не на нашето тело.
Потоа верувавам во љубов до крај на живот, која треба да ни биде прва и единствена. Ќе добиеме венчавка од бајките, со тул до земја, но многу брзо исчезнуваат и виножитото и еднорозите од таа зелена ливада. Се зафќа некој коров, со кој сами не знаеме да се бориме.
Добиваме деца, а со нив и радоста која тие - децата ја даваат за возврат. Ама исчезнува онаа нашата драга ЈАС. Таа драга ЈАС, се претвора во одговорна мајка, со непроспиени ноќи, со неналакирани и искршени нокти од рендање морковчиња и јаболчиња. По некое време ќе се вратиме на работа и малку од малку, ќе заличиме на себе.
Добив проект за кој што сонував цел живот. Петеписни репортажи од светот. Ги добив назад добриот изглед и самодовербата, го загубив животот под ист кров. Ајдееее, се одново. Како ова претходново никогаш да не ни било. Се помалку трага од онаа ЈАС. За да имам сопствен мир, самостојност и индивидуалност, мораше да се откажам од старата адреса. По втор пат. Еднаш во име на брат ми, другиот пат во име на мажот. Така некако тоа оди кај нас. Правдата, многу често заглавува во некои фиоки, подмитена од побогатите и помоќни мажи од нас. Ама за да добиеме сопствен мир, мора да се откажеме од некои работи. Тоа ти е, мило за драго. Јебига цел живот добиваш едно, губиш друго. Потоа за да си го зачувам достоинството и долгогодишниот новинарски и водителски дигнитет, требаше да се откажам од телевизијата, кој целосно се разобличи и потполно го загуби својот идентитет и во која дојдоа некои ликови на раководни позиции со вредности како од “Пуста Брезница“.. Ја загубив работата, ја добив мојата “Цветна галерија Сончевина“.
Некако мајку му цел живот како да се пазариме со судбината. Понекогаш се чуствував како “ратен профитер“, друг пат пак како “лузер“ изневерен и издаден.
Во еден момент од петни жили посакав да бидам сакана, почитувана и да му бидам некому посебна. Да бидам нечија единствена. Посакав некому да му ја подарам сета своја акумулирана и насобрана љубов, толку грижливо негувана и чувана.
Секоја желба која многу ја посакуваш еден ден ќе ти се исполни, нели така велат.
Се плашев дека за ова огромно барање, ќе морам да ставам нешто исто толку големо во залог. Се исплашив од желбата. Си велам единствено што ми остана се здравјето и насмевката. Нив не ги давам. Не!
И судбината еден ден ми вака. Во ред е. Секој жив човек на планетава заслужил да биде сакан. Ова нека ти биде гратис. Единствено ако би сакала да се откажеш од сите чевли на високи потпетици. Сите оние за кои правеше плакар до таван. Може… Ол-ин… сите…, не кажувам колку се, одат на добош.
И ете ја судбината ми подари нова адреса. Овој пат засекогаш.
Само знаеш што, немој за возврат да ми бараш да се откажам од љубовта. Бидејки без неа, би била бескуќник, со ниту еден чифт чевли на високи потпетици.
Со љубовта не ти давам да ми се пазариш.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска