Чек да брцнам во ташнава: Кришум лаги

Добивај вести на Viber

Уште не е разденето, а веќе го пијам првото кафе. Кафето веќе многу одамна ми е неговото Величество кафе. Тоа е љубов за сите времиња. Особено сега, кога влегувам во години, кога секоја количина на страст кон сите емотивни, социјални, страствени пороци треба да се претвори, од „баш ми е гајле” во „биди умерен во сѐ”. Па ќе ти речат намали малку. Oд 5 кафиња сведи ги на три, па на две, па на едно кафе во денот. Ако треба да е едно, нема сомнеж дека тоа ќе биде првото кафе. Никогаш не би ја изневерила таа љубов. А исто така немам сомнеж дека другите две нема да ги пријавам никому, па ни себеси. Кришум ќе ги пијам. Кришум и од себе и од другите. И тие ќе влезат под ставката „нек иде живот”. И така за сѐ. За многу други кришум работи. Оти која мерка е мерка? Онаа кога ти е убаво, или онаа кога мораш да се откажеш од убавото, за подоцна да ти биде убаво!? Не знам ни дали ќе ми биде, ни како ќе ми биде, ниту знам што и кога е тоа подоцна. Утре ли е, догодина ли е, или на 80 години. 

Мајка ми има толку сега и секој втор-трет ден ми вели, (кога пиеме кафе се разбира), „Ти не знаеш како брзо лета животот, после 60тата!“, ама не сакам да ја потсетам, за да не ѝ го кршам меракот, дека истото тоа ми го кажуваше и кога имаше 50, колку што имам јас сега. Тогаш велеше дека од 40 до 50 не знае како и летнале годините. 

И сега кога е тоа подоцна!? Кога ќе треба да ти биде убаво. А!? Кога!? До кафето ли е? Не бе баце, убаво ти е кога ти е убаво. Моето убаво, за тебе можеби не е, или твоето за мене. 

Еве мене ми е убаво кога ми е полн фрижидерот, тоа автоматски значи дека имам работа, дека ми се платени сметките. Убаво ми е кога сме сите здрави и живи. Избањати, исчешлани, намирисани. И кога гори оган во дневната соба, а јас покриена со ќебе, знам дека имам чоколадо со марципан во третата фиока од кујната. Убаво ми е кога ќе ги поделам последните две сарми, тебе една, мене една. Убаво ми е кога ќе ѝ помогнам на другарка ми. Кога сум на море ми е убаво. Кога ќе си ги налакирам ноктите, па ѝ се восхитувам на мојата испружена рака. Убаво ми е кога ми мириса куќата на цимет. Кога ми доаѓаат гости. Кога истиот муабет се прави по стоти пат и кога секој следен пат додаваш по мали кришум лаги, за да звучи поинтересно од минатиот пат. Убаво ми е, зошто сите знаеме дека од првата верзија, до оваа сто пати повторена, сме додале безброј кришум лаги, ама убаво ми е. Оти и ним им е убаво. Ахаааа, убаво ми е дека и ним им е убаво!! Мене ми е убаво, кога ним им е убаво!?, или кога ним им е убаво, мене ми е убаво!?

Кој да знае. А и баш ми е гајле. 

Гајле ми е зошто знам дека понекогаш доаѓаат и денови тешки како ќесите од маркет, кој сум ги наставала во количка, а сега треба да ги качам до трети кат. Па тогаш во такви тешки денови, пцујам по сѐ живо и диво. И по животот и по државата и по политиката и по сѐ на светот, што се сведува на живот помеѓу две плати. А утреден ќе грмне некое Сонце, па некој ќе ме гушне и целиот товар ќе исчезне, како никогаш да не ни бил…

Се раздени. Варам второ-прво кафе…„па нек иде живот“…


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: 



За Женски Магазин, Тања Трајковска