Квиз на знаење

Добивај вести на Viber

Долго време, едно 3 - 4 години наназад речиси секој ден гледам еден квиз на Хрватска телевизија.

Се вика “Потјера“.

Нема да го објаснувам концептот, само ќе речам (за оние кои не го гледале), дека станува збор за квиз, кој се базира исклучиво на знаење.

Секој ден, значи потенцирам секој ден, учествуваат по четворица натреварувачи.

Е сега, овие четворица натпреварувачи се луѓе од “обичниот живот“, ако така можам да се изразам.

Значи не се работи за познати ликови, луѓе од јавниот живот, туку обични, секојдневни луѓе.

Тоа се луѓе од буквално сите професии.

Се пријавуваат таму и лекари и професори, и шофери, и домаќинки, и научници и невработени и директори и инжинери и продавачи и молери и столари…

Значи буквално луѓе од сите профили.

Седам и си мислам!

Хрватска има скоро 4 милиони жители. Квизов трае 5 години, 10 години, појма немам колку, во секој случај долго се емитува на ХТВ.

Тури - збери, што викаме ние скоро секој втор-трет Хрват е пријавен на квизов.

Квизов, изискува од учесниците сериозно познавање на многу теми, не само од општа култура, туку и многу потемелно.

Тоа е баш знаење-знаење. Без зезање.

Гледам и ми иде да се пикнам под ќебе додека гледам.

Зошто!?

Неминовно ми се поставуваат неколку прашања и дилеми во глава.

Ако ова сѐ, не е измонтирано и акосѐова не е вештачка интелигенција, (а не е), како е можно сите овие луѓе да знаат толку многу!?

Како е можно да се толку образувани и толку потковани со знаење!?

Како е можно да се толку спонтани, па комуницираат со леснотија, иако ги снима камера, на телевизија се, а сепак се толку природни, опуштени и отворени.

Ова го прашувам и како човек кој 35 години се бави со телевизија и како човек, кој многу добро знае што значи камера, особено на луѓе кои прв пат се појавуваат на камера, како што се сите тие, кои доаѓаат да учествуваат на тој квиз.

Ми иде да се пикнам под ќебе, кога правам каква било споредба со нашите квизови.

На пример со “Листа за 300-та“, или со “Се или нешто“, или со “Тркалото на среќата“, или со не знам уште кои такви “квази“ обиди да се направи некаков си квиз кај нас.

Нашите квизови се со награди од 100 грама кафе, пица, во некоја пицерија, ваучер од 1000 денари и “гревни луѓе кои пола саат отвараат кутии по некои си шеми“, или „со Господ напред“, да не ја отворат милионската кутија, за да земат максимум 300 евра.

Полека почнува да ми станува јасно зошто не викаат “Македонче“.

Да, и јас сум дел од оваа приказна и не го пишувам ова со “големџиско“ потценување на својот народ. Никако! Напротив!

Јас знам дека мојот народ има нешто, што никој друг го нема. Но дали сето тоа се сведува на таа гостопримливост, простодушност и љубезност.

Тешко ми иде да го прифатам ова.

Голем процент, да не речам 90% од мојот народ не знае кој е главен град на Венецуела на пример, или  кој го открил пеницилнот, или кој ја извајал Пиетата…

Да не одам до толку малициозно, па да речам дека голем дел од нас не знаат дека Перл Бак е жена.

Да!, велам “нас“, бидејки и моето знаење е оскудно кога го гледам квизот.

Не можам да речам дека со леснотија би се пријавила на квизот.

Не!, многу работи не знам. Еден куп.

Затоа и ми иде да се пикнам под ќебе.

Бидејки си мислам, што ако по некоја игра на случајот се најдам таму!? Ќе се обрукам “без даљњег“.

А бевме сите Југославија!!

Сите имавме исти образовен систем, сите знаевме и колку овци има во Австралија и колку рудници со злато има и таму и ваму по светот. И сите реки и планини и главни градови по светот ги знаевме.

Мајка ми, која има 83 години, во моментов, знае повеќе отклоку што знам јас.. А да не праам мубает за тоа колку повеќе знае од син ми.

На наште “гревни“ квизови учествуваат “простодушни луѓе“, кои дошле тука за 100 грама кафе и за ваучер од 500 денари.

Многу, многу се срамам и многу, многу ми иде да се пикнам под ќебе и да си поплачам.

На што се сведовме!?

Кај отиде нашиот образовен систем!?

Кај отиде нашата култура, уметност, музика…

Каде!?

У бестрага.

Се се сведе на ВМРО и СДСМ.

Не дека и таму не е така, ама народот некако како да остана да си држи до себе. Односно да си држи секој сам за себе.

А ние!?

Ние за 300 денари, си ја продадовме душата.

Баш сум тажна.

Толку!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: