Чек да брцнам во ташнава: Лудиот игра мајтап со збунетиот
Еве еден убав сончев ден е на повидок. Од оние крајни летни. Ем топло, ем свежичко. „Михољско лето“ го викаат војвоѓаните. Милина. Иако мислам дека многу повеќе ќе му се радував да бев вратена од одмор, ко што не сум, па да бев прописно поцрнета, малку изгоренка на носот, со по некоја нова пега, па косата поплавена од Сонце, ко што ни една фарба не може да ја осветли. Па белото ти стои бескрајно убаво на тој темен тен, па кожата мека, мазна, оптегната… Уф! Ама не сум… А не сум и нема ништо од тоа, бидејќи решив дека нема да направам ниту еден компромис со оваа глупача „Корона“ и да одам некаде во вакви услови и под вакви околности. Прво не ми е јасно зашто кај едни може без ПЦР тест, кај други не може. Што сега!? Некој тоа прави баланс помеѓу Валона и Марбеља на пример!? Демек доста овие Ибица, Капри, Малдиви, дај сега малку Валона и Саранда. Второ, сега на нашиве им текна да даваат ваучари од 6000 денари за посиромашните граѓани. Какво лицемерие. До толку ми е тешко да го прифатам ова, што од една страна од срце ги разбирам луѓево во Дојран, на кои за малку езерото ќе им се исушеше пред некоја година, а сега сите капацитети им се преполни. Конечно луѓено од една зачмаеност станаа интересни дури и за оние со глисерите и џиповите. Таа среќа на тој човек кој до вчера никој не го есапеше е толку голема, колку што беше голема националната радост кога Вардар стана шампион. Ама Вардар другата година требаше да згасне. Па сите требаше да дадеме по некој динар, за да го спасиме клубот. Е луѓево од Дојран, од Преспа се така, ама обратно. До вчера никој жив таму не припирисуваше, а сега еден врз друг.
И без оглед на тоа што најточното објаснување за Коронава ми беше она, цитирам- „летаат две овци, едната жолта, другата десно и колку чини еден килограм сирење, ако ежот има 7 години“. Е таква загатка му е Коронава на целиот свет. Некој си игра мајтап овде. Ама кој и како и зошто не знам. И не сакам да знам. Всушност не дека не сакам, сакам. Сакам како образован човек, како писмен човек, како разбран човек, како совесен човек. Како некој кому два и два му се четири. Е бидејќи овде едната овца лета лево, а другата е жолта, а ежот има седум години, решив дека достоинствено, ќе ја затворам оваа загатка, сè додека не се појави некој саглам, ако воопшто остана нешто такво по светов и не рече - луѓе вака и вака.
Значи без оглед на сè, а некако најмногу заради личното достоинство, кое со текот на годините, треба да ги смири тие трпки, кој личат на оние како стеници да те лазат, кога ќе запнеш нешто. Овие „пундравци“, својствени не само за пубертетлии, туку и за оние љубопитните како мене, кои не ги држи место и кој само некој да рече „ајде“, ете ме мене прва со куферот, сега дојдоа на тест-искушение. Да се разбереме, цел живот си играм мачка и глушец со животот. Правилото 10 пати мери, еднаш сечи никогаш не го спроведов.
Најмногу сум издржала на втора и пол да сечам. Другото правило, јазикот нека не ти е побрз од мозокот исто така. Ако почекам 5 секунди, да видам што ќе се случи и како тоа мозокот ќе му прати друга информација на јазикот, како некој друг да зборува, а не јас. Не го препознавам веќе тоа што го кажувам. Преспи, зошто утрото е попаметно од ноќта, исто така не ми беше никогаш јасно. Сум пробала сè од ова. Не дека не. И тоа ми е такво мачење ко грешен ѓавол. Тие ноќи во кој сум „преспивала“, за да видам дали утрото е попаметно од ноќта, утредента сум била скапана. Ем цела ноќ око несклопнео, ем мислата непроеменета. Од цела ноќ чекање, само подочњаци до земја и снага, ко два тона товар некој на плеќи да ми ставил. И уште еднаш да се разбереме. Не дека не ги гледав сите оние чудни аранжмани кои се нудеа и фрчеа деновиве по социјалните мрежи. И не дека не го грабнав пет пати телефонот да се јавам и да резервирам. Па што биде. Ама ко грутка наеднаш у грло ќе ми застанеше. Срце игра, нозе не играат. Не е тоа што ќе каже комшијата, или тетка ти и стрина ти. Баш ме брига за тоа. Ова е нешто што совеста ти го шепоти, а ти го буткаш и се правиш и слеп и глув. Под број еден. Како бе наеднаш аранжманиве од 800 евра станаа 350!? А, како!? Дај шта даш а!? Епа еднаш така и толку. Никогаш повеќе не можеш да се заколнеш дека не си замижал пред очигледното. Па нели нема и јаре и паре!?
Под број два! Неофицијално 30.000 луѓе кај нас останале без работа. Во светот милиони. Помножи подели со сметки, со храна, со деца, со кредити, од памет ќе се извадиш.
Авијација стои, автомобилска стои, музеи затворени, концерти нема, глумциве едино по дома да си прават театар, децава у школо не може да тргнат. Студентиве докторираат он-лајн. Лекариве и медицинскиве сестри полудеа. Луѓе се испоразведоа. Пола се на раб на нервен слом. Другата пола стискаат заби и прават каква така привидно нормална рамнотежа. Родителиве не знаат на децата што да им објаснат, ваму министриве викаат родителите се криви дека децава на 1-ви септември им се по кафани. Ма немој!? Види богати. А ваучериве!?
И сега ти, треба да отвориш куферот и да почнеш да редиш пешкир, костим за капење, фактор за мачкање, шешир, сандали, бел фустан….
Некако не ми иде. Шознам.
Ај сеа чао, морам да брзам дуќан да отварам, бидејќи морам плата да поделам на 1-ви и морам данок да платам, за овие од администрација да може се ротираат. Не по нивна вина, јасно ми е. Ама ништо друго не ми е јасно.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска