Чек да брцнам во ташнава: Ма дај бре ме не зезај, да не речам нешто друго

Добивај вести на Viber

Ах, тој женски мозок. Па добро бре знаеме ли ние некогаш да престанеме да мислиме. 5 секунди да не мислиме на ништо. Па барем кога водиме љубов, да не речам нешто друго, оти сите жени (со исклучок на Саманта од „Сексот и градот“), се грозиме нели кога мажите, со кои сме 100 години во брак, ќе ни речат, добар секс а!? Само солзи што не ни потекле. Демек што сум ти јас тебе, срам да ти е… Промена на расположение у „трен ока“. Од онаа лавица од пред малку, во разлигавено детиште… А тој сиромав, ококорен, не знае дали да плаче, или да се смее, не знае дал си озбилна, ил се шалиш. Не дај Боже да проба да се насмее, мислејќи дека сепак се шалиш го „нафркал“… Има да мора да слуша тирада, најмалку пола саат. Најмалку! До вечер сигурно. И уште цела недела, да трпи погледи, отровни секако, да исполни, барем 5 желби најмалку, да изгледа минимум три филма заедно со нас, да ислуша 5 пасуси од некои хороскопи, каде обично неговиот знак е најлошиот од сите, а нашиот најдобар на свет. И не само тоа. Во наредните 15 минути, ќе мора да се согласи со тоа и некако како знае и умее да слуша дека тој е арогантен еготрип, кој по секоја цена ги остварува своите желби, дека е дволичен идиот на кого не можете да му верувате. А тоа дволичен, его трип и идиот има да бидат така страсно и опако потенцирани, што понекогаш си мислам, само затоа што го читаме од весник, па сме заштитени со таа дистанца, демек така пишува тука, да не стане и да не ни ја „врзе“ една. Оти не познавам човек, кој нема да ти врати мило за драго, ако вакво нешто му плеснуваш во лице. И тоа не е се. Само затоа што рече секс, наместо водење љубов, има да мора да ја викне мајка ни на ручек, да одите барем два пати на гости кај нашите пријатели, еднаш до „Зара“ и до „Манго“, „само да видам нешто“. А таму ќе треба да стои трпеливо пред гардероба и само да клима со глава. Ама не да клима незаинтересирано. Тоа ќе мора да биде со такво воодушевување ко мислиш Моника Белучи, од пред 10 години и Жизел Бундшен заедно стојат пред него. А, не дај Боже, ако во меѓувреме излезе од соседната гардероба некоја згодна, висока „Ѓурѓа“ на која истиот фустан и стои баш така како што треба, а тој се загледа. Тешко него, го „нафркал“... Отиде се во бестрага. Цела недела се од почеток.

Море медитации, јоги, прирачници ала Антони Де Мило, Робин Шарма… инспиративни говори, социолошки инфлуенсери, кои грдни пари заработија на осамените и несреќни жени, на кои за сите пари им ветуваа дека ако до “умирачка“ дишат по учењето на Шри - Шри еди кој си и ако до снеможност мантраат јас сум згодна, самоуверена и мене ќе ми се појави човекот на мојот живот, дека… Дека што!? Дека така едно сабајле ќе се разбудиш, некој тивко ќе затропа на твојата врата, ти нормално ќе бидеш облечена во најубавата шампањ свилена ноќница, ќе отвориш врата, таму ќе биде ТОЈ, ќе те зграпчи доволно грубонежно, или нежно-грубо… Оти и тој ќе го „нафрка“, ако покаже тронка непочит со својата прегратка. Ќе се спружи истиот ТОЈ тука пред тебе, со најубавата љубовна реченица инспирирана од најубавите светски љубовни филмски класици и вие среќно ќе си живеете до крајот на животот. Ма дај бре не ме зезај, да не речам нешто друго, што би рекој Бобан Авалон. Нема факинг гратиси. Тргна дечкото со оваа реченица пред 20 години. Опако безобразна и опако рискантна. Си помислив уште тогаш. Ќе пропадне. Кој во нашава држава успеал, без гратиси да направи кариера. Никој! Па ако не и ги дадеш на пола влада најубавите редови, за тие после да видат дали ќе дојдат, или не, за спонзорите и останатите финасиери, другите пола најдобри редови, на разни „ојлевци-дојлевци“ исто така. Готов си. Сладниот пат за тебе ќе нема ни термин, ни сала, ни озвучување, ни ништо. Е да, ама што правиме со бруката пред сите останати. Па не можат овие сите други, вистински џезери и твои вистински фанови да не видат и да не помислат дека си шутрак, кој се продал за пар хиљади евра и веќе никогаш да не ти дојдат на концерт. Женски, да не ми избега поентата. Нема факинг гратиси. Никад нема да изградиме добра “женска кариера“, ако не си го платиме сами својот одраз во огледалото кога излагаме од Зара, колку и да не ни се допаѓа и ако сами не си го платиме својот заебан променлив емотивен трип, на нашата чудесна емотивна потреба да водиме љубов, а не секс. Не со пари. Со не мислење толку многу. 

И знаете уште што!? Сите овие малку постариве госпоѓи од типот на Жижи Јелинек, Маргарит Дирас и остала женска компанија, откако ќе наполнат по 80 години, советуваат „жени, имајте секс што почесто“. 

Не чекајте 80. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:


За Женски Магазин, Тања Трајковска