Чек да брцнам во ташнава: Ми се чинеше дека комплетниот животен компас ми „рикнал“

Добивај вести на Viber

За некој ден ќе се направи речиси година дена од моментот, кога почнав активно да следам колку тоа време поминувам на телефон и како тоа влијае на мојот однос прво кон самата себе, на односот кон сите останати активности во животот и на одност кон моите дома.

Сакам да кажам, помина година дена откако почнав активно да следам колку сум оглупавела.

Почнав за забележувам дека ми се појавуваат некои “присутни отсуства“, кои во дадени моменти дури и ме уплашија. Сериозно!

На пример, слушајки музика низ дома, некои од звуциве на песнава ќе ми заличеа како да ми звони телефонот, па трчам да видам кој е. А оно никој! Ама тоа трчање е блесаво трчање, бидејки нит светот гори, нит земјотрес има. Sвони телефон да му се сневиди.

Понекогаш и без музика, ми се чинеше дека звони. А не звони. Од памет се извадив, бидејки си велам дали е тоа  некоја “нова мозочна виуга“, која сама си го интонира звукот во мојата глава!? Изгледа тоа ќе да е.

Аууу, си велам отидов “курбан“.

Цел живот се трудам умот да го ставам под контрола, мислата ми е најважната алатка и за радост и за работа и за љубов и за пишување колумни и репортажи и замисли да почне да ми трокира.

Врв беше неколку пати кога телефонот веќе ми беше во раце и нешто “ролав“, по него а во истиот момент мислев “каде ми е телефонот“!?

Замисли!? Се погледнав во огледало во тие моменти и благо црвенило ме обли. Се препотив и се засрамив од самата себе. Малку и се подуплашив.

На семафор безброј пати, што мене, што јас на други свирам, откако ќе се запали зелено, а тој некој, или јас “некоја“, не тргнуваме.

Исто и кога возам низ град, штом видам дека некој вози поспоро од тоа што треба, дури и дека малку му “шантра“ колата лево десно, одма знам дека е на телефон. Некогаш не ми смета ова, ама тоа некогаш е кога си возикам и не брзам никаде. Па си се смешкам и си мислам во какви ли “пациенти се претворивме“.

Ама кога одам на работа, на состанок, или брзам да стасам за да и однесам на мајка ми ќеси од пазар со овошје и зеленчук, кои и онака стојат у кола од сабајле, е тогаш пукам ко пушка. Па то ти е псуење, па нервози, па рипање притисок. Абе ужас.

А ич да не зборувам дека од сабајле прво тоа правам. Гледам у телефон. Мислам гледам, ако сум фина со себе. Инаку “буљам“.

Да, да, буљиш Тања. Си велам сама себе. Бидејки тоа ми се случуваше и дур гледам, филм, дур готвам, дури и додека зборам на телефон, па ако овој од другава страна “ја тупи“ малку, го ставав на спикер и си “ролкав“.

А реченициве во тие разговори ми беа толку млитави и без-идејни, што си реков себе, “види се Тања покрај мозок, како со сила да оглупавуваш“.

Мислам!, на туширање одев со телефон. Навистина блесава работа. Ми остана, да извините на израз само уште една работа кога не ми текнуваше на телефонов и кога не го земав, за “само да ѕирнам нешто“.

Причината поради која, од тој момент до оваа колумна има поминато цела година е токму поради тоа, што процесот од одвикнување од телефон, не е воопшто лесен.

Но се разбира, важно е да се тргне. Еден од првите чекори беше тоа што престанав навечер пред спиење да висам на телефон. Се вратив на книгите и столната лампа.

После тоа воведов еден нов момент, а тоа е штом влезам дома, телефонот го оставам на комода, а не тука до мене на маса, на кревет, на фотеља, на софра. Се трудев да го заборавам, и само одвреме на време да одам да погледнам што има ново, но и тоа “од нога“, без заседнување. Си реков, тој на кому што му требам ќе ме бара, а ова другово, пораки, месинџери, вибери, ќе пробам да ги игнорирам. Не велам дека беше лесно. Се врткав, ко куче на месарница.

Потоа почнав да “се терам“, секое попладне или да возам точак, или да напраам една прошетка до парк, до овде-до онде, ама без телефон.

На почетокот ми се чинеше како без глава да сум, како комплетниот животен компас да ми “рикнал“.

Се борев страшно, се борев со овие сознанија, ловејки ги своите мисли како мушички со мрежа.

Ако овој ме бара, ако оној ме бара, ако им се случи нешто на мајка ми, на син ми, на маж ми…, ако мене ми се случи… Како ќе ме најдат!? Никогаш никому, ништо не се случи. 

Навистина беше зезнат овој процес. Како да се одвикнуваш од некој сериозен порок, кој ужасно, целосно бесчуствително и многу “гмизавски“ ти се пикнал под кожа. И полека полека ти ја меле душата, свеста, умот, телото… Килинг ми софтли.

Првите неколку месеци, бев чудна и по дома. Бев “уљезот“, кој почна да си пее на глас по дома, да сака повеќе да разговара, да раскажува пасуси од книга, приказни од денот, кого сум сретнала, што се случило… Миц по миц, почнаа и домашниве да го оставаат телефонот на комодата до мојот.

Сега кога ручаме, разговараме, слушаме музика и тоа знае да потрае со саати.  И денот некако стана подолг.

Би рекла дека целата атмосфера по дома, стана помалку хистерична, од онаа пред да тргне целиов овој мој процес.

Сега се прашувам дали сиот тој стрес, целото тоа брзање натака-навака, како муви без глава, тоа постојано брзае и немање време се вистински, или виртуелни.

Си правиме ли со тоа “буљење“ у телефон самите на себе стрес, обидувајки се постојано да бидеме присутни, во двата света. И во оној реалниот и во оној виртуелниот.

Пробајте да проверите и вие. Мене не ми беше ич лесно, но вредеше.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска