Чек да брцнам во ташнава: Мажи, нешто имам да ви кажам
На прсти можам да избројам колку пријателки имам. На едната рака. И тоа е сосема нормално во мои години. Животните прилики и неприлики, некои луѓе и нивните постапки ги просеаа како брашно. Да порано така се сееше брашното, пред да се меси пита. Едно за да не пројде ниту една мушичка, а друго за да се разигра брашното. Не знам баш што значи да се разигра брашното, ама така викаше баба ми пред да почнеме со месење. Е така, веќе немам трпение за туѓите мушички во глава, оти пак многу работев за сопствениве да ги просеам и умов да ми биде разигран. Ама место за нови, храбри жени оставив и за нив секогаш ќе бидам тука, да се рассукам себе си како тесто.
Особено сум чувствителна за нивните солзи. Не се тоа солзи на “балавица“ од 15 години, која не го добила најновиот модел на Ајфон, или плаче дека нема место кај Цаци да си го намести пукнатиот нокт, а вечер треба да излегува. Тоа се солзи на возрасни жени, полни то тага, горчина и немоќ. Секоја солза која сум ја видела како им капе по образите, со кнедла, која те загрцнува кога зборуваш, секоја една таква солза, била толку моќна, што железо можела да распука. На тие жени во такви моменти им требало само моето друштво, само да бидам публика, на таа нивна тажна претстава, да бидам можеби утеха. Не со збор, со стоење тука пред нив. Не со збор, туку само со слушање и со снага да примам пола од нивните удари. Се разбира дека тоа секогаш било обострано. И мене тие така, простум, ми стоеле кога требало.
Немањето пари го разбирам, тоа ни е “Оче наш“, на сите кои чесно живееме. Непослушните деца, биле од век и веков позната тема. На семејните непредвидени удари, што од најблиска, што од подалечна фамилија имам докторирано, на неверството од пријателите магистрирано. Ама кога маж ќе те повреди. Нема ниту едно место на телото кое е подготвено да сочека таков удар, бидејки и сама од тоа сеуште се исцелувам. Во предност сум, само затоа што моите се одамна случени. Многу од тие се претворени во радост, за многу од нив сум добила “бујук“ убавини, од животот за возврат и многу од нив сум ги претворила во секси стајлинг. Се си има цена. И се си има зашто и како. А нивните се свежи, отворени и посолени рани. Знам колку тоа боли и пече. Па затоа вам, такви мажи имам нешто да ви кажам.
Ставете ја на страна малку таа кофа со сол и слушнете ме.
Прво, сакам да ви кажам дека тоа се прекрасни суштества. Можеби понекогаш тврдоглави, или своеглави, но која жена не е. Ама па полни се со љубов и одговорни да завршат се што ќе започнат. Имаат души како планина. Тоа се мајки на вашите деца. И тоа добри мајки. Чесни се до “зла Бога“. Чесни и часни што велат. Имаат трпение до сто едно и назад. Бунар без дно во кој ги складираат сите жртви и сите неостварени соништа.
И уште еден таков бунар, од кој црпат енергија за да ги направат сите милион ручеци, за да ги пречекаат насмеани сите гости, за да ги испеглаат секоја недела сите пет машини со алишта. Тоа се жени, кои на прсти оделе додека вие сте спиеле во дневната соба, за да не ве разбудат. Кои ве покривале за да не ви стууди, иако вам истото тоа многу ретко ви паѓало на памет. Жени кои со денови размислувале, какво изненадување да ви направат за роденден, или годишница од брак, за која исто така, многу често сте знаеле да ја заборавите, или уште пострашно во друштво со потсмев да зборувате на таа тема. Тоа се жени кои секогаш имале разбирање за вашите фрустрации, за вашите непотребни развикувања по дома. Тоа се жени, кои со часови ве чекале со наместена софра, а вие “насмеани“ во ниедно време , од кафана со другарите ќе си дојдете дома. Тоа се жени кои на 100 концерти и театарски претстави не отишле, само затоа што вие не сте сакале да одите. Да бидам уште подиректа? Тоа се жени кои сто пати ги поднеле ваште вулгарни навреди, само затоа што вашата ерекција била доведена во прашање. Ептен ми е срам да го прераскажам овој муабет во оригинал. Ама вака некако изгледа. Дојдена си со два пара гаќи и ти ќе ми кажуваш сега мене.Или, ова е се мое, ако не ти се допаѓа врати си се кај мајка ти. А на прва ваша 37 со 8, ете ги повторно нив над вас, со колачи и чај. Само затоа што ве сакаат и само затоа што и понатаму веруваат дека ќе им вратите со иста мерка. Не сте ги заслужиле. За таквите како вас, се оние со намонтирани усни, нокти и трепки, оние кои имаат златни клучеви за вашите новчаници, оние бездушни кучки кои ќе ви покажат каде ви е местото. Оние кои умеат да ви ја згужваат душата и како стар весник да ве фрлат во корпа. Е можеби тогаш ќе се сетите на оној долгиот список од претходно.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:За Женски Магазин, Тања Трајковска