Чек да брцнам во ташнава: Мажи, отворете едно пиво и читајте
Има некои портали, кои се' уште умеат да ме прелажат со насловот на приказните. Насловот ГРАНДЕ, содржината тапа. Ќе кликнам понекогаш и после првата реченица, ќе си признаам дека насловот и овој пат ме измами и дека никако да ги разберам овие “модерни фејк њуз варијанти“, или магнет-лага, кои носат лајкови и прегледи. А, понекогаш упорно, до измачување ќе читам до крај не сакајки да си признаам дека сум тапа за овие современи “фејк“ наслови и проценка на прва запирка.
Е така понекогаш ќе налетам на некои текстови на тема “Најголемите тајни на жените“, или “Жените, ова никогаш нема да ви го признаат“ и некои такви слични “слаткиши“ и гледам дека во речиси ниту една од тие ставки не се пронаоѓам, ниту пак сум препознала нешто, од она што ние жените навистина тајно го правиме. Иако сега, како генерал после битка, на свои скоро пола век живот, можам да се курчам и да кажам дека знам, дека мажите ама апсолутно ниту ги интересираат, ниту се замараат со нашите тајни. Она што нив ги интересира и за навек ќе ги интересира е добро пиво, згодна жена, добра утакмица и машко друштво. Толку! И блазе си им. Но, не би се менувала со нив. Да нема забуна.
Епа драги мои мажи, ако иоле нешто сакате да знаете за нашите тајни, отворете едно пиво и читајте. Знам дека на едно око ќе ви влезе, а на друго ќе ви излезе, ама дур ви трае флашата скопско, можеби ќе се насмеете два три пати под мустак.
Значи, ако искрено правиме муабет за нашите тајни, тоа секако не се само чевличињата за кои ќе речеме дека се од лани, или дека ташнава ја купив на попуст. Ок да, затвораме врата кога одиме во тоалет, кога се депилираме, но главно не можам да одолеам да не му се појавам со онаа сива маска од алги на лице, само за да го препаднам и да му го видам тој вкочанет и избезумен израз на лице и оној крик “бегај, одвратно е“!
Нооо!!! Сите жени имаме тајни пари. Не знам како успеваме да ги заштедиме и каде ги наоѓаме, ама ги имаме. Главната поента на овие пари никогаш нема да се реализира, ама ние си ги точкаме. Ова се пари “за секој случај“. Ако се скараме, ако случајно се разведеме, ако ова, ако она…, да си имаме некој динар за прва помош. Врска нема! На прво купување, нов телевизор, или теписи, или за реновирање купатило, одма ги вадиме, и тоа така театрално и со таква гордост ко мислиш брокер на берза. А тој ваш кисел поглед зад кој се крие чуденка, од типот “од кај ти се овие пари“ не е ни малку симпатичен и никогаш не ни е јасно што всушност ви значи тоа, и зошто не сте среќни што “пукнавме“ на маса снопче пари. Не сакам ни да мислам, нит да знам што ви паѓа на памет, зошто ако се отвори тој моабет, отиде курбан се!! Тоа е за парите. Потоа, кога возиме кола, ако влетаме во гужва, одма не фаќа паника, вадиме наочари, за поубаво да гледаме, а кога се паркираме во рикверц, ја стишуваме музиката. Страва!
Друго, сите мастурбираме и сите имаме свој сопствен погон на сексуални фантазии под кој го правиме тоа. Понекогаш дури и кога сте вие дома. После тоа изгледаме блескаво, очите ни светкаат и имаме природно руменило на образите.
Понекогаш кога лежиме во миризлива, пенлива купка во када, едноставно умееме да ја испуштиме цела вода од себе. Ама тоа си е наше и не се гадиме, а ужасно ни е гад, кога вие го правите ова во лавабо. За ова не ви кажуваме дека знаеме дека го правите, зошто се срамиме. Имаме многу такви работи, кои ги знаеме за вас, ама за да не си го спуштиме сопствениот љубовен пиедестал, на кој ве држиме цел живот, ваквите работи си ги премолчуваме. Не знам дали знаевте за ова!?
Понатаму, сакаме кога некои градежни работници ќе ни “ш’цнат“. Иако ова во суштина го презираме и не обрнуваме внимание, сепак ваквиот момент, ни вбризгуваат една доза самодоверба, особено кога ова се случува во ваше присуство. Таа количина “обележана територија“ и љубомора која ќе ја заблежиме кај вас во тие 5 секунди, умее да биде супер афродизијак за нас. Ние сакаме да сме ваши женки и вие тоа да му го покажувате на цел свет. Понатаму! На социјалните мрежи шпиунираме се живо и диво. И нашите бивши и вашите бивши и се по ред, се додека не се фатиме дека гледаме нечии слики од одмор, или од скијање, а појма немаме кои се луѓево. Тоа го правиме од чисто љубопитство, иако знаеме дека љубопитноста ја уби мачката, но си го ризикуваме животот, како би виделе каква е новата “женска“ на нашиот бивши дечко. Ако е подобра од нас, трчаме во теретана, ако не е тогаш ги гледаме “женските“ на другите наши бивши фраери се додека не наидеме на некој крш, а тогаш одма на другарките им праќаме линк од неа да ја види. Тогаш тие велат. “Ма ти си гранде за неа“. А ти викаш “ Па нормално“ и веднаш одиш да налакираш нокти во резеда нијанса и денот станува волшебен.
Сите мразиме депилација. Ова неиздржливо-ужасно боли. Основниот мотив поради кој што го правиме ова, е за вие кога ќе се спуштите малку пониско, да видите колку е се таму долу убаво.
Голем дел од нас лажат дека сакаат да вежбаат и да трчаат. Главно штом симнеме 5 килограми, веднаш се откажуваме и ги враќаме.
Само што ќе ве запознаеме, во себе си го изговараме вашете презиме на нашето име. Некои од нас, ќе го напишат и на хартија да видат како изгледа. Ова е посилно од нас и некако ни прави да се чуствуваме добро. Не ме прашувајте, не знам да ви кажам зошто. Всушност лажам. Знам!, ама и за ова друг пат. И сосем за крај. Вашата перница, кога не сте тука, а која интензивно мириса на вас, ја гушкаме и туткаме во себе. Ова особено кога сме вљубени во вас, а понекогаш и кога сме ви лути. Ај сеа пријатно.
Марш на пиво.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска