Кога веќе мислев дека мојот животен сон е засекогаш згаснат, се појави тој

Долга, многу долга приказна е оваа која ви ја раскажувам. Почната е пред точно 30 години. Што би рекле старите цел еден век трае. Па, тоа е уствари точно цел еден работен век.
Многу од тие прикaзни се заборавени, некои од нив свесно, други сами се избришале, но овде пишувам точно за оние прикзни кои свеста не сака да ги избрише, туку ги чува како драгоцен спомен во своите “животни албуми“.
Имав 24-5 години, кога прв пат почувствував силна желба дека треба да правам патеписни репортажи.
Тоа не се ниту зрели, ниту незрели годии. Млад си, но не и возрасен за да знаеш што сакаш. Мисламмм, зависи како се земе.
Како и да е, веќе 5-6 години работев на телевизија, ама сите тие проекти дотогаш, “буткаа“, во некоја сосем друга насока.
Откако после МТВ, каде што почнав и тогашната А1, каде што пак се создаде ултра популарниот проект “Супер домакинка“, се префрлив во Телма, која тогаш зрачеше сигнал во Ѓорче и Карпош 4, само после неколку месеци почнав да инсистирам на проект, кој требаше да биде токму тоа-патеписни репортажи.
Предложив Париз да биде првата дестинација.
Си помислив ако не знам и не умеам, Париз ќе ме “извлече“, бидејки таму што и да снимате со камера имате приказна.
Прво што направив е контакт со нашиот Француски културен центар. Им го образложив проектот, а тие пак го исконтактираа министерството за односи со јавност и ми рекоа дека сѐ е средено и дека кога ќе стасам таму, морам прво да појдам во службата, за да ми ги дадат сите дозволи за снимање.
Откако обезбедив се сама, мислам авио-карти и туристичка агенција, тргнавме на само 4 дена, колку што тогашиот директор на Телма ни одобри, за да види каков тоа материјал ќе донесеме.
Во тие 4 дена, снимавме од пред изгрејсонце, до пред изгрејсонце.
Донесовме материјал за 4 емисии, во кои имаше покрај се останато, мислам на сите Париски приказни кои не смеат да се изостават и интервју со Мишел Платини, интервју со главнот готвач на ресторанот Жил Верн, кој се наоѓа на вториот кат на Ајфеловата кула, потоа интеврју со директорот на Роланд Гарос, како и најава пред сликата на Мона Лиза во Лувр.
Ова беше победа, со која го заслужив проектот “Европа на дланка“. Во овој проект се направија околу 50тина репортажи, кои за жал сигурно се заборавени, бидејки тогашното раководство сметаше дека телевизијата не треба да се саморекламира и не треба да произведува ѕвезди. Чудни некои концепти “се негуваа“ од тогашните уредници на Телма.
После година-две од емитувањето на проектот, почнаа проблеми по кои нашиот народ е доста познат во светот.
Не би се осврнувала на овие детали, но проектот се прекина.
Поминаа неколку години пред Славе Сирачевски да дојде во Телма, кај тогашниот директор и да бара заедничка реализација со Телма под наслов Патуваме-сонуваме со…
На мојата радост и немаше крај. Проектот патеписи е обновен!!
Направивме повторно неколку репортажи, за повторно од причини по кои нашиот македонски народ е познат во светот, но причини за кои повторно не би се осврнувала, бидејки би влегла во “каљање“ на сопствената душа, проектот повторно замре.
Славе, едноставно не се согласи, секоја репортажа да биде правена од различен новинар, како што предлагаше тогашното раководство на Телма.
Јас останав да работам таму, а Славе се обиде на неколку телевизии да го продолжи проектот, но ништо не испадна од тоа.
Поминаа скоро 10тина години, кога веќе мислев дека мојот животен сон е засекогаш згаснат.
Си велев, ете направи околу 50тина-60есет репортажи, биди задоволна.
Еден ден, откако веќе 3-4 години не работев во Телма, бидејки добив отказ, повторно од причини по кои нашиот народ е познат во светот, ете ти го Славе Сирачевски ми ѕвони на телефон.
Сосем ненадејно и сосем неочекувано. Јас веќе си имам цвеќарница, си пишувам колумни и си мислам дека мојот сон се остварил, колку што се остварил и толку е.
“Тања, сакаш ли да го обновиме проектот Патуваме-сонуваме!?“
“Ха, дали сакам!!??-живеам за тоа.
Израел, Јордан, Египет, Тунис, Турција, Малта, Шпанија и последната репортажа за Македонија, која Славе едноставно како да сакаше да ја направи за својата земја пред да замине на својот небесен пат.
Ја направивме репортажата за Македонија најдобро што знаевме и умеевме. Го вложивме и срцето и душата. И тој и јас. Славе замина.
Им остави аманет на своите најблиски да го тераат овој проект.
Продолжуваме.
Москва и Санкт Петерсбург, Занзибар, Малдиви, Бали, Куба… и уште многу дестинации ќе се подготват во претстојните емисии “Патуваме-сонуваме со…“
Овие две писанија и она од минатиот четврток и ова, му ги посветувам токму нему на Славе Сирачевски, кој замина во вечноста на 25ти Февруари минатата година.
Му ги посветувам во знак на благодарност, бидеки тој беше човек мецена, човек кој сакаше сето тоа што нему му е дадено, да крстари по цел свет, да го подари и сподели со својот народ.
Само поради тоа ги правеше репортажите.
А му ги посветувам, исто така овие два писанија токму нему, бидејки тој е човекот кој мене ми овозможи да го живеам својот сон.
Во твоја чест Славе.
Слава ти!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: