Чек да брцнам во ташнава: На двобој со климаксот
Не се сеќавам дали порано, кога бев помлада и малку полуда, на лекар одев исто како да одам до продавница, без да чувствувам никаков ниту притисок, ниту оптеретување, ниту страв. Сега некако во последно време, едно 5-6 години наназад, ма 10 години наназад, некако чудно почна тоа да се преобразува и чуството од одење на лекар да добива некако поинаков идентитет. Те се превртувам навечер, те чуствувам некој дефокус, умот не ми е така бистар како јас што си сакам, те некој благ вознемир ќе ме дрмне… Се нешто си викам, ај од времево е, ај од работа ми е… ама не, изгледа со години си доаѓа тоа.
Од моментот кога докторката ја стави ултразвучната сонда во пределот кај пазувите, до моментот додека да ја изговори првата реченица, како вечност да помина. Ќутеше и гледаше во мониторот. А јас како детектив вџашена во неа, за да детектирам било каков израз на лице, гримаса, преку која ќе ја дознаам дијагнозата пред таа било што да изговори.
Ја вртеше онаа лигава и студена сонда околу моите гради и во еден момент запре на едно место.
Не знаев што е понепријатно, дали притисокот на тоа место или тишината со која се исполни ординацијата.
Дали е се во ред-прашав.
Па, ќе треба да проверите едно “грутче“.
Ме прашува дали сум правела мамографија во последно време. Викам последен и единствен пат пред едно 5-6 години, иако знам дека тоа во мои години, треба да го правам почесто. Колку пати само ја имав слушнато таа реченица “во ваши години“…
Веројатно се тие “оние години“, кога женското тело, почнува да покажува слабости. Хормонски, психички, физички, емотивни, репродуктивни, сексуални…, ужасни со еден збор.
Прашањето е само дали се ќе те “трефне“ се одеднаш, или полека, полека, едно по едно.
Како и да е, ти станува јасно дека веќе не си млада и дека полека почнуваш да “трокираш“.
Еве ви упат за мамографија.
Ќутевме на пат до дома. Веројатно секој од нас во глава си го вртеше своето најлошо можно сценарио.
Зошто порано не отидов, што ми требаше толку да чекам. Сто пати сум рекла прегледите се култура на живеење.
Зошто мене, зошто сега, кога конечно ми е се потаман во животот. Зашто сум јас извлечена од бубањот, со сомнителни грутчиња на градите.
“Сакаш да го наместиме новиот лустер во дневната соба“?, ме прашува.
Новиот лустер кој со толку внимание го бирав, за да му се допадне. Да му се допадне, бидејки ќе треба до крајот на животот да ни свети над трпезариската маса..
Па намонтирав полици за цвеќе, па ги закачувавме сликите, на кои им сменивме рамки, па купив нова постелнина, за креветот во кој спиеме. Сѐ си направив да ни биде убаво. И види сега…
Ги држам скалите како некоја поддршка, за случајно ако тој падне, јас да бидам тука да го фатам и почнува да ми станува смешно, колку е глупаво ова, што сум ги зграпчила скаливе и што зјапам во плафонот, кај што тој го закачува лустерот.
Се замислувам себеси без коса, исцрпена од хемотерапија и зрачења, се замислувам како повраќам од изнемоштеност, како умирам пред негови очи, пред очите на децата и како на гроб ми ставаат венци правени во мојата цвеќарница.
Ме сепнува неговиот глас: “Подај ми ја бор-машината и закажи мамографија за утре. Одма“!
Ќе закажам-реков, ако умрам, немој одма да најдеш друга жена, ќе рипнам од гроб од љубомора. Почекај малку, прежали-ме, поплачи-ме…
- Дај ми го лустерот.
- Нема нели!?
- Што бре?
- Да најдеш друга жена, одма после мојата смрт?
-Не лупај глупост, нема да умреш, сигурно не сега и сигурно не од тоа грутче.
-А ако бидам ќелава.
-Ќе купиме перика.
-Тебе ти е смешно дека јас ќе бидам ќелава нели? (Почнувам да плачам)
-Нема да бидеш ќелава и престани да ги креираш најлошите можни сценарија и закажи преглед.
-А ако бидам?
-Па што, тоа е само коса, ќе ти порасне пак.
Минатата недела гинекологот ми рече дека е сосем нормално жените во предменопауза и менопауза да добијат упат за психијатар, кој би им ја олеснил “хормонијадата“, а со тоа и психичките промени, кој одат рака под рака со неа.
Кај нас е тоа реткост бидејки предрасудите на оваа тема ни се огромни. Веднаш жените ќе се навредат, жив срам ќе ги изеде како тоа “јас на психијатар“. Сите ќе си помислат дека сум луда.
Јас еве признавам дека десет од триесет дена во месецот, имам панични напади, анксиозност, џангризава сум, можам да го изедам пола фрижидер, а понекогаш посакувам и да ме снема. Едноставно да исчезнам, да испарам, да не морам да се борам со имање-немање, неизвесност, дали децата ќе излезат на прав пат, дали ќе ми дојде инспекција во дуќан и дали ќе треба да се објаснувам со некој шиљокуран, во “овие години“.
Може реков, сакам некој да ми помогне, бидејки сама, немам веќе доволно енергија, која би си ја насочила само кон себе, да се занимавам со интроспекција и сама себе да си ги излечам сите демони, како што тоа ми успеваше кога имав 25 години. И ми помогна. Тоа е најдоброто нешто, што можев да го направам за себе и за сите околу мене. Да и кажам на вистинската мајсторица дека “трокирам“, а таа да каже “ич не се секирајте“. Има начин да си помогнам себе си во моментите во кои мислам дека тонам и дека веќе немам воздух.
Мамографијата е на второ место по ужасни прегледи. Првото место неприкосновено го завзема гастроскопијата.
Докторката долго гледаше во онаа одвратна снимка. Ќутеше и воздивнуваше. И јас со неа.
Венците се редеа на мојот гроб, децата и пријателите плачеа. Плачеше и тој, бидејки му бев најголемата љубов. Сите зборуваа како сум млада, како е штета, сирото дете, како ли ќе му биде нему. На дрвениот крст, беше закачена моја слика, кај што сум баш убава, насмеана. Убав сончев ден. Пирка некое ветре Развигорче и сите полека си заминуваат еден по еден, тажни што веќе ме нема.
“Нема ништо тука“, рече докторката, “се е во ред“.
Дојдете за година дена пак. Во “вашиве години“ мора редовно да се прегледувате.
Во тој момент посакав дупло виски. Да го “цугнам“ на екс и да се протресам. Одеме да го прославиме животот, му реков. Ми треба пијалок. Нема тука така да се отарасиш од мене.
“Ти реков ли“. Ме гушна до коско-кршење и ме љубна во слепоочница. А можам да се кладам дека веќе си го замисли својот погреб.
Па онака, малце.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска