Чек да брцнам во ташнава: Одма нека фрли камен безгрешниот! Одма!

Добивај вести на Viber

Жена сум. Да! Ама сам Бог знае колку никогаш не сум била компатибилна со некои таканаречени типични жески особини. Никогаш немав, ниту имам разбирање, или пак подршка за пренемагање, оговарање, кенкање… Не поднесувам и не подржувам емотивни калкулации, вешти манипулации, а најмалку тактички и смислени комбинации, со кој треба да се поентира во клучен гем-сет-меч поен. Не дека не, многу често сум ги препознавала, дури понекогаш и ми се допаѓала мајсторската изведба, на вакви стратешки и добро осмислени потези. Всушност ми се допаѓала комбинацијата на потезите. Стратегијата ми се допаѓа. Го доживувам како аналитика, како поврзување, како мајсторија… И толку.  Од моја гледна точка тоа изгледало како да ја имаш големата слика и потоа сам од неа кроиш мали, илјада парченца сложувалка, ги растураш и во моментот кога треба да поентираш…. бааааамммм, со еден потез, хируршка прецизност и молскавична брзина, ја редиш и ја треснуваш на маса големата слика пред оној другиот. Ги собираш парчињата од неговата поразена душа, како жетони во казино, се вртиш и победнички заминуваш. Каква фантастична сцена е ова. Да, ама само ако е со замислен противник. Никако поинаку. Сум се обидела неколку пати да одиграм “онака“, бидејки ми се чинеле како “лесна заработка“, во која без многу напор освојуваш битка. Сите вакви обиди секогаш ми завршувале со комплетно фијаско. Зошто!? Затоа што секогаш сум запнувала кај моментот дека и тој од другата страна е ЈАС. Ваквите стратегии ги одобрувам, само ако си ТИ, односно ЈАС и од оваа и од онаа страна. Колку и да звучи ова налудничаво, сакам исклучиво вакви битки. И тоа без попуштање. Во спротивно, односно кога е некој друг од другата страна и кога треба да “нагазам“ , почнувам да навивам за послабиот. Тоа ми се случува и кога гледам фудбал. На пример навивам за Манчестер и Манчестер води 3-0. Се радувам на првиот гол, на вториот, на третиот веќе НЕ! Од тој момент почнува да ми се развива виуга, или емоција во која сакам Ливерпул да даде гол. Па ако даде и кога ќе даде Ливерпул гол, се радувам. А навивам за Манчестер. Станува 3-1. Па сакам Ливерпул да даде уште еден гол. Па се прашувам дали навивам за Манчестер, или за Ливерпул!? Понекогаш дури ми се случувало да се радувам, ако победи тимот за кој не навивам. Знам зошто. Затоа што не секогаш омилените играчи играат на начин кој што ни се допаѓа. Мурињо на пример, знае да направи одлична стратегија, ама умее да внесе и една опакост во тимот, која знае да изгледа како кога му ја собирате распарчената душа на противникот. И тоа ми изгледа безмилосно. Е тогаш не навивам за таквите тимови. Не ми се допаѓа ни изразот на лице на Мурињо кога неговиот тим ќе даде гол. Тоа е таа опака гримаса, во која што ти не се радуваш, затоа што твојот тим дал гол, туку затоа што другиот примил. Нешто како “сеа ќе видиш ти“! Е тоа не го сакам. За разлика од него на пример, Конте, Антонио Конте, исто така одличен стратег, ја нема оваа гримаса. Не сум ја видела. Тој се радува, а не се сити. Има голема, голема разлика во тоа. Има на пример и ликови, кај кои не можеш да го видиш ниту едното, ниту другото. Сер Алекс Фергусон на пример, или Иван Лендл. Ниту се радува ако неговиот играч победи, ниту тагува ако загуби. Дали е ова заработена мајсторска сталоженост, или вешто прикривање на емоцијата, или пак немање емоција!? Или пак е совршената приказна, во која големите витези, знаат дека еднаш губиш, еднаш добиваш. Може и сто пати да губиш и ниеднаш да не добиеш, или обратно.  Или пак можеби значи дека нема победници и поразени, или дека нема ниту пораз, ниту победа. Дека тоа човекот го измислил, само за да се забавува, да напредува, да се само-мотивира. Да оди напред. Не да гази, туку да чекори. Не да се сити, туку да се радува. Да навива за послабиот. Да биде и тој послабиот, за да му дозволи и на овој другиот да навива за него. Да загуби, а тоа сепак да биде победа. Да победи за другиот, да му даде на другиот да победи за него.

Дали ти се чини дека сум наивна, дека идеализирам, дека зборувам глупост, дека сум утопист, или дека продавам басма!? Не! Крива сум исто колку и ти, плачам за истите работи за кој што плачеш и ти, исто мислам дека другиот ме повредил, а не јас него, исто сум себична, колку и ти, исто се вљубувам како и ти, исто се плашам да не ме повредат како и ти, исто понекогаш се бранам со агресија како и ти, и нјважно, исто му сакам на човештвото добро како и ти. Сигурна сум во тоа. И знаеш што, ги правам и јас истите гримаси како и Мурињо, ако не ми се допаѓаат. Ги правам и оние на Конте и на Фергусон и на Лендл. И ова овде што го пишував, во некои делови го пишував како би сакала да биде, а не како навистина е. И знам дека и ТИ, исто би напишал ваков текст. Знам дека дали ТИ, или ЈАС дека е сосема исто. Знаеш ли колку ме боли, кога ќе те натерам да ми кажеш извини. Потешко ми е отколку тебе. Знам дека и тебе ти е така. Не ме прашувај од каде знам. Знам! Ако не е така, нека фрли одма некој камен. Првиот што мисли дека никогаш не згрешил нека фрли камен.

Ќе биде добро, ќе видиш.

Христос се Роди!

Вајстина се роди!

За многу години.

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска