Чек да брцнам во ташнава: Сакам да сум славен

Во разговор пред некој ден со една цурка, помлада од мене едно 20 години, сфаќам од разговорот дека јас, бидејки немам инстаграм сум ТАПА. Ептен тапа.

Тапа сум зато што немам “инста“ и затоа што, тоа автоматски значи дека јас немам “следбеници“, односно “фолоуврси“ кој би ги следеле моите објави. Моите објави! Што значи тоа!?

Тоа значи нешто што јас ќе објавам, како “славна личност“, независно како сум ја стекнала таа слава, бидејки мојата “слава“, во тој момент ништо не значеше, (бидејки намав инстаграм), луѓето ќе го читаат тоа нешто, ќе го думаат, или ќе го сметаат за нешто исклучително важно.

Кои се тие!?

Па тие се, веројатно сите оние кои немааат свое мислење или свој став, па треба да читаат некој, кој треба да има каже како да мислат, што да прават и како да живеат.

Да се разбереме, тоа не подразбира некои интелектуални објави од типот на мудри мисли, искуства или сознанија до кои јас сум дошла во текот на животот.

На пример, дека треба да работиш нешто додека студираш, за да заработиш за својот џепарлак, за да не ги тормозиш своите родители секој ден со пари за кафе, сладолед и сок, со кој сакаш да се почестиш себе си и другарките, или ако си момче својата девојка и себе си. Тоа не подразбира да работиш во некој весник, за интелектуално да се издигнеш себе си и да инвестираш во својата, да речеме новинарска иднина.

Тоа не подразбира да работиш како келнер, или да миеш чаши во некој кафиќ, каде што ќе ти доаѓаат другарите и девојката, а ти  ќе бидеш “баја“ бидејки можеш да ги почестиш пијачка. 

Тоа не подразбира да разнесуваш весници по куќи во шест сабајле, а после тоа да одиш на факултет на предавања, за да им покажеш на родителите дека им го почитуваш трудот, со кој тие тебе првенствено те школуваат, те ранат, плаќаат сметки дома и се грижат сѐ да биде како што треба.

Тоа не подразбира да миеш тањири во таверна во Грција во текот на летото и така сам да си заработиш за летен одмор, наместо да бараш пари од твоите родители, а млад си и јак си доволно за да можеш на вол опаш да му искорнеш.

Патем сѐ се ова работи, кои точно јас сум ги работела во текот на својата  младост и со кои сум си купила кола, на свои 20 години. Да, да сама себе си купив кола. Голф од три ипол илјади марки, кои ги заработив откако цела година работев истовремено две работи и плус студирав.

Мајка ми ми ја плати обуката, тестовите, полагање полигон, полагање гратска вожња. И ми рече -имаш право по еднаш да паднеш полигон, и вожња. Тестови НЕ, бидејки тоа се учи и ако паднеш значи не си научила како што треба. Па следните сама ќе си ги платиш. Полигон и вожња, ќе ти платам два пати, бидејки може да ти се случи од трема или од “заебана“ комисија да паднеш. Ама само еднаш.

Другиот пат, ќе билдаш самодоверба, внимание и концентрација. Ако паднеш и следниот пат сама ќе си платиш. Патем, само да објаснам. Во мое време немше вакви “рушвет-комисии“, како што има сега. Значи за да паднеш гратска во мое време, повеќе од два пати, требаше ептен да не те бива за возење. Тотален антиталент. Ниту пак имаше волку сообраќај по улиците и вакво отсуство на сообраќајна култура, како што има денес. Тестови положив од прва, полигон паднав на напред-назад и гратска од прва.

Исто така од парите што си ги заработував од пред малку наброените работи сама себе си купив наочари Реј-бан, најнов модел од сто и кусур германски марки во тоа време, бидејки токму тие ги сакав, а ако и речев на мајка ми да ми даде толку пари за наочари, на куцо магаре ќе ме качеше. Три месеци собирав пари, бидејки уште тогаш на 19 години се вработив во Македонската радио телевизија како најавувачка на програма. Хонорарот за еден месец ни беше околу 80-100 германски марки.

Исто така сама си купив и  Монт јакна од Словенија спорт, Алл стар патики, 501 фармерки и две Ла коста блузи. Едната тегет, другата кајсија боја. Тоа беа неколку клучни “шема парчиња“, кога се искачаше во мое време пред Бони и Ани.

Родителите од нашата таканаречена средна класа, не заработуваа тогаш толку пари за да ни дадат на двете деца, пари за такви скапи парчиња. Така што ако сакавме да имаме по комад-две од овие нешта, мораше да најдеме начин сами да си ги заработиме.

Ништо фејк усни, веги, вештачки нокти, силиконски гради, или не дај Боже да се појавеше у тоа време со 12цм штикла, некоја тесна чипкана хаљина и со сево ова од пред малку. Усни, нокти, веги , трепки, гради, задници. Или набилдан и издепилиран со тесна припиена роземаичка. Боже ме сачувај. Мислам дека третманот ќе ти беше како “мечка на сред село“. Сите ќе се врткаа околу тебе и ќе те исмејуваа, а може и ќе те каменуваа истовремено.

Е сега, бидејки јас немам инстаграм, пет пари не вредам и не можеме да ја договориме работава, затоа што човекот кој треба да ме ангажира, а не е од тука, туку од странство бара бројка. Каква бројка. Па таква. Фина лепа. Колку луѓе мене ме следат на инста.

Николку! Епа пријатно. Ништо од бизнисот.

Аууууу. Не само што не можам да играм у прв тим, него не можам да бидам нит резерва, нит на клупа да бидам. Ова се што јас сум правела плус, факултети, репоратжи, емисии, интервјуа, скоро 30 години присуство по пишани и тв медиуми, пу,пу не важи.

Ништо од бизнисот.

Доаѓам дома, отварам да видам што е тоа инстаграм и сфаќам дека се тоа Ѓурѓи и Ѓуровци, главно целите иссиликонирани и фотошопирани, нашминкани од глава до пети, исончани, набилдани, машките издепилирани од глава до пети. Ликови кои рекламираат некои производи (килоти, чевли, парфеми, ресторани, пијалоци и тако даље и тако ближе), кои младава генерација треба да ги купува, односно да ги следи стапките на овие Ѓурѓиве, кои се сликаат со тие разно-разни производи.

Уф…Малку ме заболува глава и ми се превртува желудникот.

Гледам дека “овие“ имаат по 20-30 илјади следбеници. Сфаќам дека се тоа тие деца, со кои родителиве мака-мачат и се заглавуваат себе си со триста кредити у банка, за да можат нивниве деца да стават веги, нокти и вештачки гради и задници и да заличат на една од најпознатите инфлуенсерки на светот Ким Кардашјан, која патем-разбрав дека нешто молела да ја лајкнат уште милион луѓе, бидејки и требала бројка за да заработи една милијарда. И сите овие следбенициве лајкале и она зела вреќа пари.

Одма ми се појавува пред очи сцена од Втора светска војна, кај што редеа по 200 души на стрелање.

Патем ДА, овие се викаат инфлуенсери, а овие другиве следбеници. Мајко моја мила.

Значи инфлуенсериве се платени и тоа така платени, ко што цела средна класа заедно нема да заработи за три животи, за да вршат влијание на нивните деца, за кои родителиве ќе ги даваат куќиве и становиве под хипотека и ќе умираат, само за “дечињава“ нивни да не се чуствуваат несреќни, ако им се скрши ноктот и им падне веѓата.

Па ја не знам дали е пострашно ова, или тоа што во Северна Кореја пред некоја година цела нација мислеше дека се они светски прваци во фудбал. Така им рече Ким и сите му веруваа. Бидејки кој не верува правац на стрелање.

Случајност ли што и едниот и другата се викаат Ким!?

П.С. Овој текст секако не важи за онаа категорија луѓе, да не речам инфлуенсери кои ја користат оваа современа алтка за комуникација и пласирање на своите производи, во општо корисни цели. Се разбира дека е јасно дека современиот свет функционира на сосема поинаков начин од пред 20-30 години и дека секое време си носи такви техничко-технолошки достигнувања кои треба да се следат и да се најде начин, како човек да ја наметне својата идеја, својот пронајдок и својот изум. Нешто за што светот со молскавична брзина ќе дознае и ќе го користи за општо добро.

На пример секоја чест и наклон до земја за младата екипа Македонски научници, чиј што изум, односно софтвер за вештачка рака, ќе им помогне на илјадници луѓе во светот.

Ова се Планетарни достигнувања, вредни за секоја солза, секој здив и секое отчукување на срцето на човештвото.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска