Чек да брцнам во ташнава: Што ако ова, што ако она ...

Секое сабајле, штом отворам очи, има едно време од неколку секунди, кое не знам колку трае, во кое чуствувам дека ништо не се сеќавам.

Ни која сум, ни каде сум, нит која година е, нит што се случува надвор, нит кај треба да одам, или да не одам… Ништо!

Празен ум, мека перница и мирис на себе.

Понекогаш кога е убаво времето и блескав сончев зрак. Или ако е мај мирис на липи.

Порано, кога бев помлада ова чувство не постоеше, или пак јас не бев ни свесна за неговото постоење. Отвараш очи и веднаш влегуваш во бурата на секојдневието. Школо, писмени, оценки, љубови, мајки, татковци, деца, мажи, жени, разводи, мажачки, погрешни, вистински, се јавил, не се јавил, умирачки, свадби, сметки, ручеци, пазарења, имало-немало… Абе ролер костер. Све и свашта. Како вреќа со лего коцкици кога дете истура на земја, па застанува и гледа во тебе како мало теленце. Бррррр…. Сите коцки и коцкички на патос.

А некои од коцкичките се толку опаки, оние најситните на пример, што нема да ги видиш и да ги собереш, па кога ќе ги нагазиш на боса нога, чиниш Господ си го видел…

Во суштина, тие, ситните грижи се исти такви. Речиси невидливи а, најмногу болат.

За оние големите човек речиси секогаш е подготвен. Дури и да не е, во дел од секунда се исправа и застанува како столб. Како јарбол.

Понекогаш си мислам дека “креаторот“ на совршениот човечки организам, се погрижил да ни даде лек, за секое едно нешто, низ кое што треба да поминеме во животот.

Колку пати ни се случува да мислиме дека умираме, живеејки во одредени глупави претпоставки, во кој умот “не вози“, низ своите непостоечки лавиринти од типот “што ако ова-што ако она“.

А тоа обично го правиме кога си немаме друго работа. Па ко ѓаволот, знаете… Си ги “онодел“ децата, кога немал работа.

Едно што пола од тие работи никогаш нема да се случат, а друго што кога нешто од тоа ќе се случи, сите знаеме колку брго адреналинот “шикнува у мозок“ и ние сме на висина на задача. Речиси секогаш, да не речам секогаш.

Нема ништо од оние “плачковци“ во кои сами себе се претвораме, кога мислиме на “што ако ова, што ако она“.

Кога се разведов мислев дека на чело ми пишува. Дека сум на столбот на срамот. Дека сите во мене гледаат. Ах какви предрасуди.

Наместо да си ја живееш слободата, од одлуката која си ја донел, да уживаш во стаменоста која почнуваш одново да ја ѕидаш, со сосема нов материјал, ти гледаш наоколу и со сила го спушташ својот праг по сите основи.

Пред детето најпрво и најсилно. Претворајки се во жртва, поради чувството на вина, поради “тетките“ во градинка, или во школо, а најмногу поради “тетките“ во центарот за социјална работа, од чие што “искомплексирано си-ви“, зависиш не само ти, туку и детето, бидејки тие одлучуваат за тоа дали си ти добра мајка, или не.

А тоа е така бидејки сиот страв, несигурност и губење самодоверба ти доаѓаат на врата како неканети гости.

Отвараш врата и бррррр, цела кеса лего коцкици се истура пред тебе.

Се што ти се плетка во умот, те прави да се чувствуваш разобличено и да бидеш како пластелин.

Секој да може да си прави какви било облици со тебе.

Две години ми требаше да сфатам дека немам рогови на глава.

Го спомнав разводот, како еден сеопшт проблем на многу жени, па и мажи кај нас. Разводот кој носи вакво чувство.

Инаку, имаме еден куп глупости низ животот на кој што им дозволуваме да ни ја дрмаат животната греда по која газиме.

Е затоа ги сакам оние утрински секунди во кој како на ништо да не се сеќавам.

Оние кои кога сме млади не ги препознаваме и не им придаваме важност.

Со тек на години, почнав да ги препознавам тие секунди и тоа време и да се обидувам да го развлечам, за да ми трае што подолго.

Се обидов некако спротивно на мислите да го меморирам во чувствениот простор и да си го призивам да ми доаѓа на помош, кога ќе се заплеткам во сопствените мисловни лего коцкици.

Затоа што тоа е белина, тоа е тишина, спокој, тоа е една радост која протекува по сите жили од глава до петици. Тоа е повторно раѓање. Секој ден. Секое утро.

Добро утро.

Уживајте во денот, цел ден… Исто онака како што уживате кога се будите.

Се додека не почнеме да мислиме на “што ако ова, што ако она“. 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата