Чек да брцнам во ташнава: Скрипта за радост

Добивај вести на Viber

Колумниве, а со нив и притаената во последно време духовитост и ведрина, ги пишувам како противдоза за оние на кои веќе одамна ништо не им е смешно и ведро. Ги гледам и душава ми се кине. Оти ги знам. Отпорано. Отсекогаш. Знам какви беа. Беа радосни и полни со оптимизам и ентузијазам, категории одамна научени како метод за преживување на овие наши простори. Сите го научивме ова. И стари и млади. И на сите ни беше и ни стана природна состојба. Несвесно го исклучивме тоа копче, или ја заборавивме таа лекција, за која сите добивме 5ка и „одличен си” и тоа стана дел од нас. Научената лекција за радост. Мајсторски научивме да се радуваме и да се смееме. Но во последно време, ви велам ги гледам и душава ми се кине оти нема ништо од тоа. Избледено е, пожолтено е, фалат зборови, искинати се страниците, попуштена е жицата која ги држеше листовите на оваа копирана скрипта која кружеше со сесии на ред. 

Со години размислувам како да се обогатам во Македонија и ништо не смислив. Затоа што сум проклето чесна, и затоа што крстот на чело ми го остави татко ми во наследство кога умре. Ништо друго.  Имам малку пријатели кои се трудам да ги чувам и сакам, повеќе од штек од 25 евра на 27ми во месецот.  Велам малку пријатели и велам се трудам, прво затоа што порано имав еден куп. Не се тие селектирани со годините, не се, иако има и такви. Ама за тие не жалам. Жалам за оние кои ми ги зема немилосрдниот политички арач. И како рацеве со сабја да ми ги пресече. Оти не можев да ги задржам. Ним им беше срам, зашто (исте смо године сви били роѓени, исто сум нам текли школски дани, од исте болести смо били пелоцовани…) им отвори на шукара басмата, а мене ми беше срам дека ним им е срам… И отиде, се во бестрага отиде. Ќе се сретнеме некој пат на улица и ако доволно добро не го одиграме обострано моментот дека не сме се виделе, средбата е како подгреан, кисел „купус“. Всушност не како кисел, како скиселен кисел „купус“. 

Непријатели мислам дека немам. Ама никогаш не е доцна за тоа. 

Она на што сум најмногу горда, ми излезе од утробата пред 24 години. Еднаш и прв пат, па машко.

Ама многу ми е жал, душава ми се кине што и тој, како и многу други од неговото време не ја прочитаа скриптата за радост, која кружеше со сесии на ред. До 5 сабајле, па после на бурек у Чаир. 

Жал ми е оти ми се курчи, така како што јас на татко ми ни во мисла не смеев. Ми буљи во телефон додека му зборам, па треба три пати да му повторам, а јас на прва добивав шамар. 

Не си сине само ти таков, сите сте, оти времето е такво. 

Ма налет времето, дедо ми викаше не е до времето, времето е исто, луѓето се такви. 

Ама ќе ве биде, знам дека ќе ве биде, оти ќе ви зоврие. Ако не вам, на тие после вас. Само нека биде што побрзо. Оти и ние чекаме на вас. Матори сме за да го оптегнеме јажето (Омиш затегни, Трогир попусти). 

Побрзајте, вас ве чекаме, за вас постоиме, за вас готвиме, правиме се уште домашен џем, скришно ќе ви закрпиме и по некој чорап, и ќе ви подметнеме барем еден тањир супа неделно. За љубов на мајка сине. Ај те молам. (извадок од скриптата за радост, која кружеше со сесии)

Ете, за вас ги пишувам овие колумни, за вас кои од петни жили се уште успевате да ја држите тенката како пајажина нитка која се уште ве држи на патеката наречена живот.

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Претходната колумна, ја имате, тука