Чек да брцнам во ташнава: Све у три лепе, онака сочно, по балкански
Се познаваме 20 и кусур години. Беше тоа случајна средба во Шарм Ел Шеик. Јас правев репортажа за Аурора. Таа беше туристички водич од Србија. Од првиот момент кога се сретнавме, ни тргна муабетот. Се препознавме.
Не се ваквите “магнетни закачувања“ врзани само за женско-машката љубовна релација. Ќе сретнеш некој нов човек во животот, сеедно дали маж, или жена и одма знаеш дали си еден за друг. Компромисите во средни години не постојат веќе.
Со тие што ти се “дадени“ од детство, од градинка, од школо… се дружиш цел живот. И тие се такви какви што се. И ти си таков каков што си. Ама сте си се научиле и сте си сѐ прифатиле такви какви што сте. На пример со другарка ми Марија, која ми е од јасли, сме толку различни што не постои споредба која би била соодветна да ја опишам таа разлика. Небо и земја е малку. Бог и шеширџија, исто така. Не сте виделе таква различност. Таа е рационална, јас емотивен ебиветар. Таа 100 пати ќе размисли пред да направи, или каже нешто, јас на прва. Сто пати ме газела у кафана под маса. Ко жена, мажот што си го гази, кога овој пие. Кога сме со луѓе, во состојба е три пати да ме прекори со поглед. Демек, пази што зборуваш. Таа сака зелено, окер и сиво, а јас една блуза немам во тие бои. Моите чипкани фустани и миленца по дома не може да ми ги поднесе. Таа јаде пилешки стек, со нож и вилушка а јас свинско ребро со раце. Таа сака планина и Бог да чува да се сонча по сто саати на плажа, а јас не мрдам од Сонце. Во состојба сум цел ден да се печам. Не ја кваси косата кога се бања, јас ако не гњурнам одма, со затрчување жива не сум. Таа е во состојба со саати да шета по дуќани, додека си го најде парчето облека што го наумила. Јас пет ќеси ќе наполнам за тоа време, со сѐ и сешто. Папсана сум после првите два саата и сакам да седнам на ручек, вино и муабет, а таа нема гајле, има кондиција за два Сити мола и три аутлети од по три спрата. Кога пиеме вино, јас викам флаша, а таа чаша.
Се газиме од смеење, кога муабетот ни оди на тема “замисли да се сретневме сега на овие години и да требаше, по некоја случајност да бидеме колешки во канцеларија“. Очи ќе си извадевме. Ќе се испотепавме.
Таа е темелна и еден документ по сто пати ќе го провери пред да го потпише, а јас ставам параф, на навидено и око не ми трепнува. Се си мислам дека, тој некој, сигурно не би му паднало на памет да ми подметне нешто. Кој би помислил дека некој ќе потпишува без да прочита. Тоа е мојата логика. А нејзината логика е превртување со очи на овој мој став. Мислам дека и доаѓа да ме истепа.
Ама не се секирај и велам. Ти и јас никогаш не би биле колешки. Ни намерно, ни случајно. Прво и прво јас да треба осум часа да седам во канцеларија, би била мртва за 15 дена.
А таа секој ден останува прекувремено, да доврши, за да не остава за утре.
Така што велам, не се ужаснувај од помислата. Јас никогаш не би работела каква било работа што е врзана со осум часовно седење во канцеларија, па не знам колкава плата и какви се не бенифиции да ми дадат. Нема цена!
Ама знаете што, таа е едната и единствена што ја бројам на сите пет прста и од левата и од десната страна, за што ѝ да треба во животот. И за арно и за лошо. И за свадби и за погреби. У полноќ, у полноќ. Рака-рака. Крв-крв. И ќе ја трпам, сосе сите прекорни погледи, ко мајка да ми е. Оти ја сакам. Ме трпи и таа мене сосе целиот мој ебиветарски карактер. А знам колку и одам на нерви. Ама ме сака. Што да и правам. Од јасли сме си дадени. Креветчињата ни беа едно до друго.
А Весна од Белград е сосема друга приказна. Со неа немавме ниту една различност. Таа на Сонце, јас на Сонце, Таа во длабокото, јас во длабокото. Јас виното, таа виното…. На сите нишани, исто ни пукаа куршумите. Абе мислиш една мајка не родила.
Имавме една фаза, која траеше едно 10 години, абе светот го свртевме наопаку. Кај се не отидовме. Не ми се беше погодил таков компањон-истомисленик, дотогаш во животот. И двете бевме сингл тоа време и “оравме“ на сите страни на светот.
Јас се омажив, таа се пресели во Барселона. Како да ми се скрши најубавиот сет кристални чаши. Јебига. Живот.
Се слушаме одвреме навреме и секогаш се тие разговори сочни, слатки, питки. Како две пеперутки да се сретнале. Или како сокот од патлиџан салата, кога се мацка со лепче.
Знаеме да си организираме и по некој викенд одвреме навреме. Бисери ми се тие викенди. Им се радувам како на првиот сладолед.
Пред некој ден, правиме моабет.
Ми вика Виз ер пушти карти за Барселона. Светот полека се отвора. Ајде види, па прв слободен викенд те чекам.
И викам, јас веќе сум тргната. Летам натака. Се смееме.
Се имавме договорено за лоши работи да избегнуваме да зборуваме. Не наши, туку оние кои им се случуваат на други, или на светот. Работи кои не можеме да ги промениме.
За короната речиси и не сме зборнале откако се појави. Освен во контекст на тоа дека ни ги затворија границите и дека сме како во кафез.
И викам вчера. Добив термин за вакцина. Ај прво да се вакцинирам, па ете ме во Барса.
Штама!. Викам тука си. Тука сум вика.
Ќе се вакцинираш!?
Да, зошто!?
Отстапи од договорот да не зборуваме за лоши работи и почна. Рафално.
Сите можни теории на заговор, ми ги раскажа, од Индија, преку Америка, до Русија и Кина. Што рекол Путин, колку алуминиум имало во фајзерот. Колку луѓе умреле од вакцина, а медиумите не смеат да објавуваат. Додека зборуваше во гласот имаше и бес и страв и паника и молба да не го правам тоа. Не знам дали пола беа глупости, пола точни работи. Не знам што беше од страв и паника, а што од разум и срце.
Слушав. Ми дојдоа солзи на очи. Никогаш не сме мислеле различно. Ме скрши тоа.
Почнав и јас да зборувам нешто иако едвај, со некаков си полуглас и молба таа да го направи тоа. Да се вакцинира. Доаѓа нов сој и велам. Мора да се заштитиме.
На крај ми вели, дека ако ја убризгам таа течност во себе, дека станувам опасна за сите оние кои не се вакцинирале. Дека после извесно време, ќе почнат некакви си манифестации, кои ќе им се пренесуваат на овие другиве.
Во еден момент замолчевме двете. Шах-мат. На двете шаховски табли. И таму каде што сум јас со бели фигури и таму каде што е таа со истите бели фигури.
Виз ер пушти карти за Барселона, ама јас нема да одам. Бидејки ако се вакцинирам, ќе сум опасна за неа.
Едно време викаа вие на Балканот сте толку поделени, што некој тенис да игра со ѕид, пола од вас за ѕидот ќе навиваат.
Еве сега не сме само ние. Светот го поделија. Едни се за ѕидот, други за играчот. Кој и да си ти “играчу“, ако е ова се смислено, аир да не видиш. А ти ѕиду, кој душа немаш, а можеби и имаш, сруши се сам, како што се подигна и направи повторно човештвото да биде едно. Обичниот, чесен и простодушен човек не заслужува ваков руско-американско, индиско-кинески, европски рулет.
Сакам да завршам тука, бидејки сржбата што во моментов ја чуствувам во душава, не би була умесна да ја напишам јавно. Не се плашам. Туку не сакам да ја поминам границата на пристојноста, ако ги отерам сите по ред у три лепе пичке материне. Онака сочно. По балкански.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска