Чек да брцнам во ташнава: Телефони на бесење

Добивај вести на Viber

Викенд. Прекрасно време надвор. Тие тројца,син ми и двајца другари ко морлоци, седат покрај штекерот врзани за гајтаните од телефоните, како кучиња на ланци. Ќутат. Никој со никого не разговара. Ги прескокнувам за да поминам до купатило, не ме ни забележуваат. Се воздржувам од реакција, ама желудникот ми се превртува.

Монтирам “нормална интонација“, и ги прашувам зошто не излезат надвор, да се подружат малку со децата, “гледајте колку е убаво времето“.

Никој не ме регистрира. Го повторувам прашањето на малку повисок тон, обидувајки се да ја задржам смиреноста, за да не отиде све “у три лепе“ и да се искараме за три секунди. Бидејки ми врие умот. Секоја недела иста сцена.

Долго се подготвував за овој двобој.

Двајца ми викаат, тетка Тања, еве баш сега се допишуваат со некои нови другари од школото, а мојот ми одговара дека гледа нешто на Јутјуб, некој “хајлајти“ од вчерашните НБА утакмици.

‘Мх, си мислам. Вријам и се концентрирам.

“А зошто не излезеш надвор малку да поиграш баскет, наместо да гледаш НБА“?

“Ме мрзи“-ми вика.

Го прочистувам грлото и почнувам.

Вака, бидејки сум јас капетан на овој брод, сега ќе објавам нови закони и нови правила кои ќе важат на оваа “пловидба“, а вие едноставно ќе мора да се согласите со нив.

“Јасно“!?

“Јасно“ - си одговарам сама, бидејки тие се занемени.

“Ајде сега убаво исклучете ги мобилните од струја, спакувајте ги фино и ставете ги во фиока“.

Без да слушнам “ама тетка Тања, или мамо што ти е, или ај не трипај, или што ти стана, или дај не смарај“.

“Јасно“!?

“Јасно“, пак си одговарам сама.

“Значи, прво и прво ми сметате овде оптегнати вака сите тројца, сакам да ја исчистам куќава. Ви предложив да излезете надвор, но никој од вас не сакаше. Знаете ли што пропуштате со тоа? Сега ќе ви објаснам“.

Вака: “што се однесува до он-лајн дружењето како ќе знаете и како ќе научите кога некој ве лаже? За да го знаете тоа морате да го разбирате говорот на телото, гестикулацијата и очите кои кога лажат, не гледаат во вашите. Како ќе знаете кој е тромав, кој е вешт во нешто, кој млитав, кој не умее да потрча, да прескокне“…

“Како“!?- “Никако“ си одговарам сама. Тие и понатака блеат како овчички.

“Нема да знаете ни дали сте побрзи од своите другари, ниту дали сте помангупи, пофраери, или помутави“.

“Вие и понатака им верувате на своите другари и другарки, според она што ќе ви го напишат во месинџер и според тоа дали ќе ви лајкнат на статус и дали ќе ви пратат срценце, или меченце во порака“.

“И така си мислите дека поради тоа, никој од нив утре нема да ве повреди и излаже“!?

“Епа везе немате со животот“. “Не сте во право“.

“Ако продолжите вака, никогаш нема да знаете “чија мутер шварцен вуну преде“.

“Дружејќи се со нив очи во очи, ќе сфатите дека секое дете е мал модел на своите родители. Ќе воочите дека не секој од нив има сочуство, почитување, племенитост, добронамерност, ниту пак развиено чуство за фер игра и чесност“.

“Тоа е тоа што се разменува во тет-а-тет средба и така се стекнуваат пријатели“.

“Нема да можете да процените дали од некаде ве демне опасност и дали некој е “покварењак“ по природа“.

“Јасно!?“

“Јасно“- си одговарам сама.

“Ги исклучивте бре сите свои природни инстинкти, се потпирате исклучиво на она што некој ќе ви напише во инбокс“.

“А знаете ли колку манијаци има зад тие детски слики. Не знаете! Ниту тие деца не знаеја. Немаа прилика да дознаат бидејки некои од нив веќе не се меѓу нас“.

“А тоа што се “сите деца“, на фејс или на инста, тоа ич не ме интересира“.

“Еве јас сум од оние родители и тетки Тања, кои тоа не го прифаќаат“.

“Па бидете бре иницијатори вие. Викнете ги другарите и другарките надвор, во парк.  Никој нема да ви се “руга“, ако предложите да возите точак, ролери, скејт. Ви гарантирам. Ви тврдам дека двајца од тие 10 ќе дојдат. Е тие, се тие двајца што ви требаат. Тоа е селекција. Со нив ќе ви биде забавно“.

“А тебе синко мој, што те мрзи да излезеш надвор и да играш баскет, земи сега убаво “фотни“ си го точакот со мобилниот, сликни ја камерата за на кацига, лап-топот исто така, па да ги ставиме на оглас за продажба. Ако и тоа те мрзи, јас ќе го направам тоа и со тие пари ќе отпатувам некаде на седум дена“.

“Јасно!?“

- “Јасно“, сама си одговарам.

“Не давам бре, најубавиот период од животот да ви помине зјапајќи во тие екрани. Се тоа што го држите во раце ви го купиле родителите. И тие телефони и тие гајтани и струјата и интернетот. И имаме право како родители, сето тоа да ви го “конфискуваме“, секогаш кога ќе видиме дека претерувате“.

“А вие не само што претеравте, него дибидус. Не оболевте бре“.

“Јас сум од оние мајки кои беа “маалски прваци“ во ластик, жмурки и трки од бандера до бандера, со одрани колена од паѓање по бетон. И бев среќна. И не може никој да ме убеди дека тие времиња поминаа и дека се заменети со телефони“.

“И ми работеше фантазијата како центрифуга'.

Затоа што умеев да фантазирам и затоа што имав сјајни идеи. До ден денес живеам и заработувам продавајки идеи. Вашата фантазија се сведува на купување нова маска за мобилен.

Сакам да ви се активираат центрите во мозокот задолжени за опстанок. Дали сте свесни каде живеете“?

“Не ви ги давам телефоните кога е викенд и кога е убаво времето. Одете бре надвор и откривајте го светот околу себе. Земете топка, играјте фудбал, баскет, одбојка. Возете скејт, трчајте, бркајте девојчиња. Вратете се испотени, мусави зацрвенети. Боја немате бре на тоа лицата. Ко авети сте станале. Боже ме прости“.

“Ништо лошо нема во тоа да се разликувате од другите. Еве ви по 100 денари за сладолед и до 21ч да сте дома. Точак, ролерки, скејт, топка, рекети? Бирајте“.

“Како ќе знаеме колку е саат ако не ги земеме телефоните“?

“Прашајте некоја фина тетка по пат. Така јас доаѓав секогаш на време дома“.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Чек да брцнам во ташнава: Трауми од детството - гаси струјата, ќе јадеш ќотек