Чек да брцнам во ташнава: Телма можеше да биде една фина телевизиска стара дама. Но, не е!

Добивај вести на Viber

Работев на телевизија активно нешто повеќе од 25 години и да не добиев отказ, оваа година 2021, ќе славев 30 години.

Дете бев кога почнав. Немав ни 19 години. Имаше една аудиција, која се најавуваше секој ден пред централниот дневник на Мтв во 19.30. Се пријавив. Тогаш, така се распишуваа конкурси, односно аудиции за да можеш да се појавиш на екранот.

Кога дојдов на закажаниот термин во огромната зграда на Мртв, се изгубив по ходниците, едно поради тоа што таа зграда е сама по себе лавиринт, а друго, бидејки имав трема со која не знаев по кои скали да се качам и на која врата да тропнам. 

Стасав до студиото во кое требаше да се одржи аудицијата. А таму Лиле и Благоја. Лилјана Трајковска и Благоја Крстевски.

Ми кажаа каде да седнам и да почекам. Дојдоа некаде околу седумдесет девојки.

Една по една читавме некој краток текст, пред камера и рефлектори. Се би дала да можам да си ја видам таа снимка сега. 

После три дена ми се јавија ѝ ми рекоа дека сум примена.

Периодот на учење дикција однсно говорење пред камера, дишење и однесување пред камера траеше 6 месеци.

Откако се уверија дека сум спремна да се појавам, ме пуштија на екран.

Читав текст што тогаш се викаше најава и одјава на програма.

Тоа значеше, откако ќе заврши програмата, таму некаде пред полноќ, ќе се појавев и ќе прочитав, што ќе има утре на телевизиската програма. 3 минути. Толку!

Ова траеше цела година.

Потоа ми дадоа да ја креирам временската прогноза за централниот дневник. Ах колку си го сакам тоа време. На дожд, на снег, на зајдисонце, на изгрејсонце, на клупа во парк, на Водно, покрај Вардар…

Ама дојде една “тетка“, нема да кажам која се разбира, од тие што кај и да одат со себе носат вреќа комплекси и фрустрации, па ова со Сонцава, рекиве и планиниве и се чинеше премногу романтично и го укина.

Следеше времето на А1 и времето на ултра популарната Супер домаќинка.

И таму дојде една “тетка“, која “процени“, дека Супер домаќинка не треба да постои, односно дека треба да ја водат машки ликови и отиде и таа емисија у бајбук.

Откако поминав во Телма и станав уредник почна “ерата“ со која Телма се обидуваше цели 20 години да го подигне културолошкиот пристап на креирање и восприемање телевизиска програма.

Стандардот беше “се знае што е за на телевизија, а што не“. И тоа многу добро се знаеше. Се создаваа емисии од областа на уметноста, музиката, филмот, спортот, прекрасни контактно - забавни емисии…

Телма беше ренесанса во телевизискиот етер.

Додека сите други купуваа емисии од српската продукција од типот на “Мењам жену и Велики брат“, како и шпански и турски серии, Телма не го менуваше патот по кој беше тргната.

Мислам дека токму тие турски и шпански серии и точно тој тип петпарачки емисии му дојдоа, што велат “доака“ на македонското телевизиско гледалиште. И дека оттука почна глупоста “на ангро“.

Но, во Телма недостигаше млад визионерски раководствен кадар. Уредништвото веќе беше во поодминати години и си го чекаше времето за пензија.

Тоа беа “стари“, “прекалени“ новинари, чија мудрост, знаење и “господски телевизиски манир“, требаше да се искористи како одлична база и да се тера натаму.

Инаку на тој калибар новинари, со кој што располагаше Телма тогаш, да ангажираа некој умен, амбициозен, лик со широки хоризонти и визии, неискомплексиран, со добро социолошко и професионално педигре, кој само ќе ја ставеше свилената марама, на веќе одлично искроениот костум, Телма денеска ќе беше една фина телевизиска дама.

Но, не се случи тоа. Јебига, не се случи. Баш ми е жал.

Ја не знам дали кај што царуваат парите и моќта, царуваа истовремено и глупоста, комплексите и верувањата во митовите за себе, или принципот на самоуништување е толку многу вткаен во порите на сите нас, што и највеличествениот и непресушен извор да ни го дадат на подарок, ние ќе го секнеме. Како што и правиме впрочем.

Му го дадоа на човеков авионов, до врв полн со керозин, со одлична посада, загреани мотори, светнат, исчистен и речиси полн со убава екипа патници.

Овој фати да го расклопува авионов. Сакаше ли левото крило да го стави од десната страна, што ли сакаше не знам, битно го расклопи авионов.

Кога требаше да го склопи му останаа еден куп делови кој не знаеше кај да ги стави и што да им прави.

Ги фрли на буњиште. Не ми требаат - рече.

Донесе некои стјуардеси и стјуардни со несоодветни пропорции, кој ништо не му рекоа за тоа дека авионов нема да полета без оние делови, што ги фрли на буњиште. Тие се од оние кои служат за тапшање по раме, и за “Кептан кофи ти, ор ми“.

Се намести човеков на капетанскава позиција, помпезно најавувајки дека ќе се искачи на дванаесет илјади метри.

Копилотов му вика “капетане, нема да можеме да полетаме, без оние делови што ги фрливте. Ќе се срушиме.

Не ни мислев да полетам, му вели овој. Ќе ги држиме само запалени моториве и одвреме навреме ќе објавуваме дека чекаме дозвола за полетување.

Во меѓувреме послужете ги патниците со добро виски и пуштете им некој добар филм.

За посадата не се секирајте, мои се тие, нема да прават проблеми.

Стоеше така авионот на писта неколку години. Патниците еден по еден си заминаа, посадава “мотивирачки“ уживаше и не мрдаше никаде.

Некња разбрав дека се потрошила и последната капка керозин.

Моторите се изгасија. Авионот никогаш не полета.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска


*Ставовите искажани во колумната не се ставови на редакцијата