Чек да брцнам во ташнава: „Видела жабата на коњот му ставаат потковица, па и она дигнала нога“
Понекогаш насетувам дека одвреме навреме сум ко глупава за некои работи. Се нешто не ми е до крај јасно. На некои вицови сите се смеат, ја ко теле гледам, вестиве пола не ги разбирам, никако да сфатам кој од чива е. Понекогаш и некои филмови не ми се јасни, а другиве сите климаат со глава, ко мислиш петти пат го гледаат.
Но сепак едно е претчуство, дека си глупав, а друго е фактички доказ. Епа денеска го добив.
Еве ја приказната.
Добив од патеписниве репортажи малку повисок хонорар, уствари ми исплатија за неколку емисии заедно и ми се собра едно фино купче пари.
Хм, си викам што да си купам!? Никогаш не сум знаела со пари. Или ќе ги ставам сите на музика, или ќе му ја летнам негде брзопотезно, или па ќе ги ставам во некоја фиока и ќе заборавам дека постојат. Две книшки така имам најдено, со заборавени пари. Да нема забуна праам моабет за бонче-две. Ама за мене која цел живот растев со “нормалните плати“ на мајка ми и татко ми, кои пак уште на 16 години ме пратија со брат ми у Грчка да мијам тањири и да си заработам за се што е повеќе од пари за седум дена годишен одмор бонче, или две не се ич малку пари.
И сега отприлика за таа сума праам муабет. Можда нешто малку повеќе.
Викам, ќе си купам машина за перење. Најскупата. Миеле. Мерак ми е. Едно, што никогаш за такви работи не сум давала многу пари, за разлика од другарка ми Марија, која сите Цептери ги има дома. Од ножеви и вилушки, па до некои “трудни тави“ и експрес лонци. Ја уште во на баба ми тавчињата готвам и во оние тенџерињана, кои пред некоја година ги даваа со купони од Тинекс. Тие ми се најнови. И се си мислев дека исто ти е тоа. Или знаеш да готвиш, или и во златен лонец да ставиш, ако не те бива џабе ти е. Ама не било така. Пробав еднаш едно јагнешко што го имаше правено во таа трудната тава, абе мислиш путер јадеш.
А друго што пред некоја година бевме во една куќа на море преку она Ерби ен би и таму имаше таков шпорет. Миеле. Може да се смеете до утре сабајле, ама верувале, или не ја прв пат видов и чув за таа фирма.
За мене Горење си е закон. “100 години гаранција“, сите мајстори знаат да поправаат се што е Горење, скоро никогаш ништо не се расипува, освен она што со тек на време мора да се смени. Гума, гајтан, по некое штрафче и толку.
Ставив во шпоретов да печам компири. Ги ставам на маса, абе мислиш злато јадеш.
Му викам на маж ми. Ауууу, компиров!! Да земем вреќа за дома.
Ми вика не е до компирот. До шпоретот е. Ја ко теле. Како не бе, до шпоретот. Се инатев два три дена, ама се што спремив беше ко со три Мишелин звезди.
Еве рука, до шпоретот е.
Е сега бидејки шпорет имаме, глупаво е да се купува нов, а машинава за перење ми е 30 години, Горење ви реков. Викам ај со париве машина ќе купам. Нова.
Работава, видела жабата на коњот му ставаат потковица, па и она дигнала нога.
Елем. Отидов во продавница и ја купив машината.
А претходно, мајсторов што ми доаѓаше за поправка, ми имаше речено. Кога ќе купуваш нова машина, викни ме да ти ја купам старава.
Му се јавив, му викам чичко Благоја вака и вака. Ми вика ја не би купувал нова да сум на твое место, ама ти си знаеш.
Ама Миеле ќе купувам. Го кажав тоа со таква гордост, ко мислиш кажувам за син ми, дека добил стипендија за Харвард.
Ми ја донесоа дома. Двајца арслани ја качија, ја намонтираа и ми објаснија што и како треба да знам.
Пола ги разбрав, пола не, ама си викам де бе машина за перење. Не е вселенски брод.
Ставам алишта, стискам тоа дугмињата едно по едно, почнува машинава да врти.
Два саата и четириесет минути. Ауууу. Како бе!? Нит видов, нит прочитав дека се толку долги програмиве.
Се врткав околу неа ко куче на касапница. На секои 15 минути доаѓав да проверам дали е се ок. Времево никако да помине.
На крај заврши.
Пробувам да отворам вратата, нејќе. На екранчето уште стои некоја “иконака“. Копчево свети црвено.
Викам, ај ќе почекам. Пол саат, саат поминува. Нејќе. Црвеново никако да се исклучи. Вратава никако да се отвори.
Викам, филтеров е. Веројатно се пикнала некоја чорапа. Отворам упатството да видам кај е филтерот.
Аха, еве го. Повлеков, нешто крцна и шикнаа три литра вода у секунда. Нема везе. Ги наместив сите крпи и пешкири да ја упијам водава.
Седнав темелно да го прочитам упатствово, а трпението ми е нула за такви работи.
Ја пуштив повторно, цел процес одново, си мислам мора првиот пат нешто да сум згрешила. Сега кога ќе заврши, сигурно ќе се отвори. Нови два саата и четириесет минути. Се стемни. Ми се приспа.
Зевам и чекам. Последниве две минути никако да завршат. Конечно. Повлекувам вратава. Пак нејке. Копчево пак свети. Саат е, еден после полноќ.
Едвај дочекав утрето сабајле и во осум и една минута, звонам во овластениот срвис. Под гаранција ми е си велам, нема ништо да ми наплатат. За тие пари, има да дојдат и оро да играат.
Вака и вака им викам.
За саат и пол дојде човек. Исклучително љубезен и фин дечко.
Влезе во купатило, ја отвори вратата, го намести филтерот, црвеново копче се исклучи.
Викам, што е работава, што беше расипано.
Вика, ништо немаше расипано. Почна да ми објаснува како и под кој агол треба да ја отварам вратава од машината. Ми го покажа трикот.
Вика, затварачот од филтерот треба полека, полеека, полеееека да го вртите. Еве вака. Вратата ако пак ви се заглави, овде до филтерот имате едно дугменце, еве оваа точка ја гледате, која треба со нешто тенко, многу тенко да ја притиснете и оп, автоматски се отвара вратата. Еве гледате.
Познавајки се себе, знаев дека кога следниот пат ќе ми се заглави врата, а тоа често ќе ми се случува, ја не сум баш сигурна дека ќе ја пронајдам таа Г точка на машината за да ми се отвори “сезамовата врата“.
Платив 1000 денари, бидејки не беше нивна грешка, туку моја и го испратив човекот.
После 15 минути, звони чичко Благоја. Дојде по машината. Викам седи чичко Благоја да пиеме по едно кафе, машинава, не ја давам.
Ти реков.
Ми рече.
И сега што ќе правиш со новава. Ќе ја чувам за син ми за чеиз. Снашка, белким ќе знае како со вратава.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска