Чек да брцнам во ташнава: Вивиен Ли во „Доручек кај Тифани“

Добивај вести на Viber

Понекогаш ми се случува три дена око да не склопам за банални работи. Ќе ми се упика некоја тегобност во мислите од нигде - никаде и како оса на шербет ми кружи во умот. Нит си да замавнеш, оти ако ја промашиш, ќе те касне (така не учеа од деца), нит си да седиш мирна и да го следиш нејзиното зуење и лет во место, мирно чекајќи да се насити и да си одлета по својот пат.  Познавам луѓе кои ја имаат оваа вештина. Не знам дали бројат до десет, или нешто мантраат, можеби го познаваат табиетот на инсектите, или одлично глумат смиреност. Но, на овие луѓе, око не им трепнува сè додека осата не си продолжи по својот пат, а тие мирно ќе си ја дојадат својата баклава-шербетлија.

Наспроти ова пак, познавам и такви кои ќе се размафтаат со двете раце, почуваат да врискаат, да се тапкаат по телото, косата, ќе изрипаат од столица, притоа буткајќи ја и чашата со вода и кафето, додека шербетот и осата непоместени ја имаат главната улога во оваа комична сцена.

Постојат две сценарија како резултат од овие две споротиставени сцени. Убиена оса, или летната оса. Но, баклавата и во двата случаја е изедена. Никогаш до сега никој, баклавата не ја оставил и не си заминал. Сеирот, за оние кои се статисти, односно набљудувачи од страна во оваа сцена, е секако поголем во вториот случај. Кога главниот лик се размавтува и бутка сè пред себе. При тоа истиот тој, не е ни свесен за сопствената манифестација. Тоа се нагони кои, во такви чудесни моменти се посилни од човековиот разум. И откако сè ќе стивне, истиот тој лик, останува скаменет од срам, поради сцената во која не баш славно се оствари себеси, пред публиката, која му сведочеше на страотниот нагон. Во тој момент публиката жедно подголтнува и чека да види како сега човеков ќе се извлече од оваа ситуација.

Можеш мангупски и шеретски да им се насмевнеш, дури и да им наздравиш со празната чаша вода, одигрувајќи ја интелигентно сцената до крај (ама за тоа треба да те бива), или пак полошото и помалку атрактивно сценарио, да се однесуваш како ништо да не било, а сите видовме дека беше, и да продложиш да си ја јадеш баклавата, која во грло ќе ти застане, бидејќи во овој случај, срамот ќе те држи сè додека не се оддалечиш барем пет километри од местото на настанот.

Може ли човек мирно да ги поднесува сите зуења во својата глава? Може ли десет пати, до десет да брои, за да не го гледаат сите како се размафтува пред една малечка оса и изиграва „Глупи Август“. До сто да брои за да не се претвори во магаре со ушите нагоре и опашот надоле. Може ли човек да научи да преспие, за да види дека утрото е попаметно од ноќта. Не еден ден, десет дена да преспива, додека не го сочека попаметното утро од ноќта. А тоа секако ќе дојде. Па нели викаат „да не оди колата пред коњите“, па нели викаат „десет пати мери еднаш сечи“, па нели викаат „не оди ко прле пред магаре“, па нели викаат „не се заакувај како вол во купус“, па викаат и „диши“, „мирна Леси“…

Едно од овие човек да знае, само едно од овие правила на живот е доволно, за да не се претвори себе си преку ноќ во кловн, кога му зуи во умот. Инаку „у трен ока” правиш од себе таков „Квазимодо“, та ни Вардар, та ни Дунав да не можат да те исперат. Џабе ти се сите дипломи, титули, функции, странски јазици… За пари, не сакам ни муабет да правам, оти токму тие, што велат старите му доаѓаат „доака“ на чоека. Ако не е така, да пукнам. Еве на!

Колку повеќе пари, ако не се со пот и зорт заработени, толку поголем коефициентот дека те добивам на кладилница. Ти се кладам на „ол-ин“, дека ако не за пет минути, за седум и пол ќе направиш од себе магаре.

Како бе некако светотв не го реши тоа - една капка пот-едно евро. Па да видиме чија „мутер шварцен вуну“ ќе преде тогаш. А не секоја „шуша“, да може да се кажува сè што ќе му текне и при тоа виски да пие и пури да пуши.

Ах животе, горак ли си био!?

Абе нека не ве лаже, тоа што гледате по светскиве џет-сетерки сцени, како преку ноќ стануваат славни со по милиони следбеници. Прво и најважно, тоа е р’ѓата на светот. Оттука тргна колата низ брдо, оти од „беснилаци“ веќе не знаат како да се скрасат. Па светот го превртеа наопаку. Ама еве им се удира од глава. Вака, или онака. А второ, тие што го прават тоа во маркетиншки-бизнис сврхи, имаат цела машинерија која стои зад нив. Ама и тие верувајте, првиот момент кога не ќе можат психички да се носат со тоа, остануваат сами како кучиња скитници. Па кружат пред месераници и чекаат некој коска да им фрли. А нови будали, колку сакаш. Било и ќе биде.

Е затоа не сум спиена овие три-четири ноќи.

И патем Вивиен Ли, секако не игра во „Доручек кај Тифани“. Одри Хепбер е таму.

Вивиен Ли, игра во „Прохујало с Вихором“, односно „Однесено од виорот“.

Таа таму ја изговара легендарната „Утре ќе мислам за тоа“.

П.С. Патем, за сите што не стигнавте да гледате одбојка минатава недела, нашите момци се пласираа на Европско. За ич пари. Срцето им препукна од радост. А и мене.

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска