Чек да брцнам во ташнава: Во чест на Марина Мичиќ

Добивај вести на Viber

Недела 11-ти Октомври. Ем празник, ем недела. За мерак. И плус финале на Роланд Гарос. Тенисот ми е пасија од многу рани години. Моите ме запишаа на тенис на 7 години.  Ниту од помодарство, ниту дека мајка ми била вљубена во Бјорн Борг, или па татко ми во Крис Еверт. Нè запишаа и мене и брат ми, затоа што тогаш, се тоа беше бесплатно и едноставно сè подразбираше, дека секој треба да се занимава со некој спорт. Некој пливање, некој кошарка, одбојка, ракомет…  Не, не како ова денеска, каде што силни пари се даваат, за да те тренира „специјален“ тренер, па индивидуални тренинзи, па режим на искхрана, па ги тераат децава некои вештачки протеини да земаат, па суплементи вакви-такви… Абе ужас… Отиде се у „Хондурас“.

Трчајте таму и гледајте да се натпреварувате со самите себе. Секој ден да сте подобри луѓе. И бидете здрави и живи. 

Седиме така со маж ми и пиеме кафе и му викам „Еј каква неприродна атмосфера, во октомври гледаме финале на Роланд Гарос.“ Продолжувам како не е крај на мај, како сум јас наштелана дека после тоа, мислам после Роланд Гарос, се гледаат аранжмани за годишен одмор, како всушност треба да почне лето, како наместо оваа одвратна посна турли тава (почнавме со режим на исхрана, откако за време на коранрниот карантин, ги изедовме сите можни торти, пити и колачи), би требало да се сецка салата, тогаш се пие и првото узо, се отвара летната сезона, се пече некоја риба или мевце во рерна. Па тоа цела куќа мириса. Недела, почеток на јуни и финале на Роланд Гарос.Цел живот ова ми бил таков празник. „А гледај сега“- му велам. 

И ние пак не сме таму. Секоја година се договараме за некој мастерс или Грен слем и ништо… Сè нешто друго ни е приоритет. Или треба да се кречи, или децата да се школуваат, или кола да се купува за едно од нив... или ова, или она… еве сега и коронава…И така од разговор уз кафе, почнува тоа да станува некое безвезно и бесмислено кукање. 

Јасно ти е дека нема никакви шанси за тоа, дека цел свет стои, дека ти се сулуди сите можни идеи за патување било каде, освен до средно Водно, ама… Ама ете да се буцка нешто… И по себе и по него… Да се пренасочи незадоволството во непотребен кавгаџиски момент…

Тој не ми влегува во муабет. Си молчи и чека да ми помине. А кога така си ќути, тогаш ми е најтешко. Ич не ми олеснува. Оти ме остава сама со себе да си се расправам. Така и бива. За саат време сè ми текнува. Зашто обично, кога нема кавга, тогаш почнува расправијата сам со себе. Или ти текнува колку си безвезе, па ти доаѓа од „дупе у глава“, или полошата варијанта и тотално погрешна е да продолжиш да се „опсесираш“ со темата и цел ден да бидеш како „искривена сова“. Нeма ништо ниту секси, ниту убаво, ниту инспиративно во тоа. Ни за тебе, ни за него, ни за денот.

Станав да ги измијам филџаните од кафе и обично таму на кујнското лабаво, ме стигаат и совеста и правдината наеднаш. Разумот.

Си велам, на каква глупост кукаш. Дали си ти нормална!? Баба ми цел живот викаше „не хули на Бога“. Иако верувам дека и таа „хулела“, сè дур не ја стасал животот сосе сите опаки лекции, кој нема човек што не го стасале, па што не сфатил дека ништо не е поголем „биг дил” од тоа сите да сме здрави и живи. Ама сè си доаѓа со годините. Глупо е ова да го сфатиш на 20 години, исто како што е глупаво да не го сфатиш на 40-50. 

Не знам за вас, ама мене кога ќе ме „стаса“ глупоста од реакцијата, прво ми заруменува лицето, малку и ќе се подиспотам, а после следат мисли. 

Обично се вакви. 

А замисли, да ти е некој од блиските болен, замисли да ти јават дека на некој твој нешто му се десило, замисли да треба да порачуваш лекови од Париз на пример за некоја си дијагноза, замисли да немаш кров над глава, да немаш пари за леб… и да не ви ги кажувам оние “замисли“, со кој се стигнува до поплави и пожари. 

Обично колку ти е глупав хирот, толку ти е глупава и замислата. Сè се тоа космички баланси. Во тој момент ѕвони телефон. Слушам од дневна неприродна интонација. Одам со крпата натака и го гледам маж ми скаменет. 

Марина починала!

Ми застана срцето за миг. Ми се сомле умот.

Студенило по р’бет. Тага до небо. Бес. Лутина. Неправда. Зошто!? Како!? Не знам кај да побегнам и да се сокријам од оваа вест. 

Марина! Мајсторот за живот. Мајстор од архитект. Вонсериски архитектонски ремек-дела. Имаше свој став, имаше своја цена, бескомпромисна. Знаеше колку беше добра. Не попушташе. Не попушташе бидејќи знаеше дека ѝ е најдобра идејата. Зашто прво седи со тебе два саата. Те прашува, те мисли, те доживува, накрај те сака и седнува да ти нацрта. Ти го создава твоето. Твојот уникат. Ти создава мајсторија.

Само за тоа беше тврда. 

За сè друго беше мека и нежна како цвет. Толку и исто така беше убава. Како цвет. Кога ќе се вљубеше лицето и светеше како роза на Сонце. Беше уште поубава. Кога ќе ја повредеа свенуваше целата. Не знаеше да се разубави кога не беше убава. Ниту знаеше, ниту сакаше. Беше таква, како што се чувствуваше. А кога ќе ѝ поминеше, повторно се претвораше во белиот лебед. Знаеше да игра, да пее, се смееше најубаво на свет. За неправдите реагираше како да живее на Марс. Со саати знаеше да зборува за тоа, како некој нечесно ја прелажал. Немаше ништо скриено во неа, никаква тактика. Таа навистина не разбираше како луѓето можат да лажат и да крадат. Марина беше како Алиса на оваа тема. Без трошка преправање. Беше до зла Бога наивна на оваа тема. Беше толку необична и ретка, како никој друг. Имаше една толку мистериозна и шармантна убавина во оваа жена. Никогаш иста, но никогаш ниту различна. Чиста космичка мистерија. Таква беше Марина. Можеше да се кладиш на нејзината чесност, добрина, правичност, посветеност. За ова последново особено. Таа толку знаеше да биде посветена, што кога сите други ќе се откажеа, само таа остануваше да стои простум, доследна до крај. Би стоела така и на ветер и на Сонце и на дожд и на бура, само затоа што не престануваше да верува во доброто и чесното. Не требаше никому ништо да вети. Таа себе си, си се имаше ветено. Одеше сама по светот. На концерти на изложби, во театар… Секаде беше. Одеше и на тениски турнири и на Дејвис купови. Го сакаше тенисот. Ја сретнав и во Белград пред некоја година во Комбак арена. На Дејвис куп. Сама беше. Се гледавме често. Пред само 2-3 месеци беше кај нас дома, со својот последен проект. Ни го претставуваше своето најново ремек дело. Рече, дека отсекогаш сакала да направи таков проект за куќа. Се гледаше дека го протнала целото свое срце во сите скици. И срцето и душата ги беше ставила. Се гледаше тоа. Знаеше, знаеше многу да сака. А ова го правеше за својот најдобар другар. Се гледаше колку го сака. Никој не можеше да замисли дека тоа ќе ѝ биде последниот проект во живот. После тоа замина за Бали. Повторно сама. Изгледаше дека не ѝ треба никој. Всушност, само можеби не можеше да најде никој, кој ќе биде така проклето чесен и добар, како што беше таа. Не го пронајде својот совпаден уникат. И замина. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска