Чек да брцнам во ташнава: „Воспитни“ од твоите дома, и нема да се однесуваш така

Добивај вести на Viber

Како поминуваат годините, да не речам како стареам сè повеќе согледувам „на терен“ колку е суштински важно домашното воспитување.

Зошто велам како што стареам!? Затоа што кога си помлад намаш „акал“ за тие нешта. Животниот бројчаник поинаку врти во младоста. Не дека не ги забележуваш невоспитаните и не дека природно не правиш селекција со кого ќе се дружиш, со кого не (иако секогаш може да се протне некој невоспитан „селски“ мангуп, кој додека да го детектираш, ќе направи таква ѓурултија, што понекогаш десет воспитани и умни заедно не можат да ја решат) и не дека не те боде невоспитаноста како камче кое ти се пикнало во чевелот, амааа… Ама да! Поинаку врти бројчаникот. Не си стармало, па сèвезден да се бавиш со нечиј безобразлук и како „Драга Савета“, да превоспитуваш… Не! Ако си ачик, ербап и сакаш да му играш „рокенрол“ на животот, тогаш не сакајќи се правиш и глуп и слеп на ваквите соображенија. Поважно ти е да знаеш и жмурки да играш и џамлии и ема-есаса и читање два саата на ден, класична литература од типот на Достоевски, Гогољ, Иго… еден од домашните закони, ама и карти да те научи татко ти како се играат и ракија како се пие и која песна, кога се нарачува во кафеана и се разбира кога и како се ставаат пари на музика и најважно, со тон, како за три шлаканици дека, не смееш ни да помислиш, кога се плаќа, ТИ, баш тогаш у тоалет да одиш! И кој ракавици со кој капут и која ташна одговараат, кога деколте, кога чипкана блуза, а кога ролка уз врат, да те научи мајка ти. И како смееш, а како не смееш да одговориш. Кога можеш дури и минимално да повисиш глас, за да се избориш за некоја своја желба, за која родителите не ти се согласуваат. На пример одење на одмор сама со две другарки на шест-седумнаесет години. Ама за тоа треба да имаш толку здрави и силни аргументи со кој ќе треба минимум три пати да ја одбраниш оваа „магистерска теза“ пред твоите, за тие едно две недели да размислуваат, за да видат нормално, како ќе се однесуваш за тоа време и дали ќе заслужиш. Исто така, за тие две недели, да истражат сè што може да се истражи пред да ја донесат конечната одлука дека МОЖЕШ ДА ОДИШ НА ОДМОР СО ДРУГАКИТЕ и еве ти ко сега 100 максимум 150 евра за седум дена. Сакаш- неќеш! Земи или остави! „Ко те пита“!

Сè е тоа домашно воспитување дечки мои. И да не се разбереме погрешно, треба да научиш и да опсуеш кога треба. И тоа авторитетно, моќно, гласно и што е најважно СОЧНО. Оти што и да правиш, прави го така како што треба. Сочно!  Сè е тоа дечки мои домашно воспитување. А кога велам на терен мислам на сцени, живи сцени со кој се соочувам секој ден. Не е тоа, како кога правам репортажи, па правиш „дубл најва“, или најава за секој случај, или во претходната снимка си направил акцентска грешка, или дувнал ветер па ти ја растурил косата, или на снимателот му се мрднала не сакајќи камерата, па иде се одпоново. Не мислам на такви сцени. Мислам на сцени кои на сите ни се случуваат во животот. Секаде. Во продавица, во банка, на улица, на работа…

Е во овие сцени нема „дубл“. Не можеш да преснимиш.

И не можеш да речеш, откако ќе истуриш цела невоспитана вербална лавина, „ама ја не мислев така“. Е како мислеше бе!? Од кај ти е тоа во тебе, во умот, во речникот, ако не си го мислел!? А!? Од кај ти е? Не може ако не си добивал „воспитни“, од твоите дома, за нешто што ти се допаднало од улица, па си го донел дома, па си мислел дека ќе ти помине. Не поминува тоа дечки. Стално ти зуи тоа во главата, или што викаат лед ти се крши во ушите.

Тоа е од „воспитните“ дечки. Или, што би рекла Татјана Алексиќ (професорката по Македонски јазик од Корчагин) ОБРАЗ-ованието е битие, има лице и опачина. За мене домашното воспитание е ОБРАЗование. Образованието има образ, а кога имаш образ имаш се. Или ти, кога имаш воспитание, домашно воспитание имаш образ, односно имаш сè.

И уште нешто, не мислам тука само на тоа „што на ум, то на друм“, него и на невербално однесување, кое што исто така, и тоа како е дел од домашното воспитување.

Не можеш да ми вртиш грб, дур ти зборувам, не можеш да ми „шматаш“ (џвакање, додека јадеш со отворена уста), не можеш да ми го принесеш кафето и да ми го „тупнеш“ така пред мене, а да не ми речеш „повели“. Не може да ме гледаш „подозриво“, затоа што не ти враќам со иста мерка и не ти паѓам на провокација. Не е тоа затоа што не знам, или не сфаќам што правиш. Точно знам. Достоевски тоа на илјадници страни го има опишано. Наизуст го знам. Ама не смеам да ти вратам, затоа што сè мислам дека мајка ми и татко ми-покоен вребаат и чекаат да видат како ќе изреагирам, за и на овие години „воспитна“ да ми влепат. И така ќе остане за навек. И сто години кога ќе има. И затоа не поминува тоа „ама не мислев така“. НЕ, така си мислел штом така си кажал.

Само едно ми е криво. Што во такви моменти, излегувам глупава и повлечена. Оти не враќам со иста мерка. Ама па види, Ти никогаш нема да знаеш како се носи свила и со која ташна и чевли се комбинира. Голема работа ќе речеш. ДА, голема е. Ти не знаеш колку е голема. И затоа дечки нека не ве лаже некој,

Џак со џак, свила со свила.

(*џак-вреќа, голема вреќа во која може да чувате компири на пример)


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска