Чек да брцнам во ташнава: Женски снајпер
Спонтаност, или предумисла!? Вроден креативeн љубовен потенцијал, или научени лекции!? Да се каже, или да се преомолчи!? Вистината или лагата!? Кога едното, кога другото!? Знаете ли која ја креира оваа мајсторска игра? Жената! Тој „ѓаволски примерок“, кој природата го искреирала со сите совршени, несовршености. Мајсторија од црвен кармин и дрско деколте. Од нога преку нога на совршено стопало. Од вадење цигара од табакера, како да е сценска изведба, со безобразно предвидено сценарио во позадина, дека „тој“, ќе посегне по запалката. И уште побезобразната секси тајна насмевка, со која му велиш „во играта си“. Мој си.
Не познавам жена која ќе успее толку „среќно и љубовно да се нашминка“, кога е незадоволна во љубовта. На глава да се преврти ќе и се познае дека е тажна. Исто како што не познавам жена која умее да ја сокрие љубовната разлетаност и разгаленост. Вреќа да облече, ќе биде убава. Ја знаете онаа старата поговорка, дека во животот три работи не можеш да сокриеш. Сиромаштија, кашлање и љубов. Не можеш да сокриеш ниту кога си скршен од љубов, ниту кога си распафтан од љубов.
А каква само мајсторија се љубовните вештини! Кога ова не е природна надареност (за која лично мислам дека е ретка), тогаш, треба да имаш „дупе“, за да знаеш како да го билдаш најважниот мускул во животот. Љубовта! Всушност љубовната игра. Нема ништо поважно од оваа „опака“ магија, која може да ти го врти животот како сака. Тоа е најважната ерекција на животот.
Не постои друга ваква сила на светот, која така прецизно го држи животот на нишан. А овој снајпер е во раката на жената. И мислите дека ако е убава, тоа значи и дека знае да нишани и да повлече!? Неее, никако НЕ! Напротив, тоа може само да отежне и да ѝ ја открие стратешката позиција. Има мала предност, но само, ако е умна. Стратешки умна. Не значи ни дека ако е грда, ќе знае да погоди мета. Кога имате снајпер во рака, каква и да сте, убава или грда сеедно мора да ги знаете двете основни снајперски правила. Првото е трпение. А второто!? Второто е трпение. Мора да знаете да чекате. Баба ми ќе речеше одвреме на време. Стара чекалица сум јас. 40 години беа со дедо ми во брак. 40 „факинг“ години душата му трепереше по неа. 40 години тој беше во нејзината игра. И убаво му беше. Беше среќен.
За да биде играта-игра, треба да знаеш само ти- жено!
Нему само треба да му биде убаво. Ништо друго. А за да му биде убаво, треба да знаеш внимателно да го слушаш. Тој мора да верува дека тоа што го зборува и начинот на кој што тоа го зборува- тебе те воодушевува. Освен тоа, ти никогаш не смееш да изгубиш од вид, дека тој ти е важен. Мажите го сакаат тоа. Но тоа никако не смее да значи дека тој ти е единствена цел во животот. Тоа никако. Стануваш лесна мета. Мора да имаш многу цели, а за начинот на кој ќе ги остваруваш, мора да знаеш само ти. Како и да се чувствуваш, многу е важно пред него да не оставаш впечаток на тажна, исфрустрирана и незадоволна жена. Не е лесно знам. Ама мажите не знаат што да прават со ова. Никој, па ни тие не сакаат да гледаат покрај себе солзи, никој, а особено тие не сакаат да слушаат луѓе кои постојано се жалат и кукаат за сè нешто.
Љубовта не е само среќа. Љубовта е пред сè умешност. И тоа воопшто не е лесно. Да се оствари квалитетна љубовно-сексуална врска, може да биде исклучително тешка задача. Патот до вакво остварување, често води по чудесни лавиринти. Што да ти правам жено, тебе ти е дадена оваа задача. Паѓај, станувај и не се откажувај.. И кога ќе го најдеш тој што мислиш дека е „роден“ за тебе, можеш да сфатиш дека е всушност промашена мета. Нема застанување. Многу жени мислат дека ако покажат иницијатива, дека ќе бидат одбиени. Па и да се случи тоа, не е тоа никаква несреќа. Несреќа е да застанеш и да не бараш понатаму.
Кога жената ќе си постави цел да освои маж, таа ќе успее во тоа. Нема муабет, само ако науми. Тоа е под број еден, а после ќе видиш дали е тој вистинскиот, или не. Ова никогаш не се знае на почеток. Само заедничкиот живот, ќе ти покаже дали си ја погодила целта, или одиш на нова.
Препорачувам што подалеку од мажи кои се во брак, или кои се слободни, но кои во врската влегуваат со голем товар и фрустрации.
Сексот е многу важна „алатка“, но не по секоја цена. Всушност лесно е да се освои маж преку креветот, но мајсторијата е да се задржи во креветот. Дотогаш, додека ти сакаш. Од тебе зависи.
Ноо, мора де се почитуваат некои застарени правила на оваа тема.
Нема влетување во кревет, пред тој да биде целосно „фатен во мрежата“. Дури тогаш играта почнува. Имам една другарка, чии што сегашен маж се венчаше неколку пати во животот. Сите тие беа погрешни, но одлични снајперистки на кратки стази. Веројатно толку им требало. Сеедно, тој сите нив ги венчаше. Со оваа е најдолго, но мислам дека, дури и да остане со неа до крајот на животот, никогаш нема да ја венча, само затоа што таа легна со него првата вечер. Има нешто многу зезнато во тоа веднаш да му се подадеш на мажот.
Затоа, нема влетување во кревет, на прва. Дури тогаш почнува играта.
Полека и смислено. Заводливо, но со дистанца. Нема маж кој нема да прифати „понуда“, ако му се даде. Затоа мора да се почитуваат тие правила, колку и да ви се сака. Најдобрите снајперисти, се најдобри само затоа што умеат да (по) чекаат.
И за крај, нешто многу важно! Никогаш не одговарај на прашањето со колку мажи си била.
Најдобар одговор е дека си имала малку врски и дека главно сите ти се одамна заборавени.
Ако инсистира на одговор, остани доследна на твојата изјава.
Мажите не сакаат да бидат играчки, но сè прават токму така да се однесуваме со нив.
А најдрагата играчка не мора да е секогаш новата. Туку е онаа, која поради нешто специфично, секогаш нè привлекува.
Всушност едни на други треба да си бидеме играчка.
Па играјте си. И имајте секс, но не на прва.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска