Четири банкари и еден клиент: Интервју со необичниот музички бенд „The Bankers“

Веруваме дека досега не сте слушнале за понеобичен склоп на музички бенд, кој со својата енергија освојува од прва. Имено станува збор за луѓе од економската фела, кои делат заедничка пасија кон музиката, но и заеднички долгодоишен стаж во НЛБ Банка. Владимир Лакински- помошник директор (22 годишен стаж во Банката), Костадин Китановски- раководител на експозитура Центар (18 годишен стаж), Стојан Сапаловски - координатор на област (19 годишен стаж), Љупчо Перински- раководител на Експозитура Дирекција- (20 годишен стаж) и долгодишниот клиент на банката Жарко Стојановски се момците познати под името „The Bankers“ , а и по своите енергични настапи на забавите на НЛБ Банка. 

Нивната приказна, специјално раскажана за Женски Магазин.

* Како дојдовте на идеја да направите еден ваков бенд, кој беше иницијаторот?

Костадин: The Bankers е една интересна дружина во која има некоја посебна хемија и некој посебен клик помеѓу членовите. Со Љупчо, Влатко и Столе сме колеги повеќе од 17-18 години,  сме поминале многу заеднички дружби на кои сме знаеле да ги фатиме инструментите и да се забавуваме. На тие дружби се роди идејата за клубска проба. Почетната постава на тогашниот безимен бенд бевме јас на гитара, Влатко на тапани и Љупчо вокал и акустична гитара. Не се заборава првата проба кога во просторијата доминираа само тапаните на Влатко, а мојата гитара приклучена на 10 ватно појачало и акустичната гитара на Љупчо озвучена со микрофон се мачеа да звучат. Меѓутоа желбата за забава, дружба и музика секогаш била на највисоко ниво. Љупчо важи за најголем мотиватор дека сме одлични и дека не треба да се откажуваме. Затоа и продолживме со проби речиси секоја недела. Се разбира, сето тоа беше аматерски. Правевме снимки со мобилен телефон, песните ги пеевме сите. Откако се слушна низ Банка дека свириме, неколку кандидати дојдоа да се пробаат со пеење или свирење. Ама најчесто после првото доаѓање, ги снемуваше. Оној кој покажа најголем ентузијазам, најголема желба и кој внесе невидена енергија во настапите е сегашниот вокал Столе. Со само две проби успеа да ја совлада тремата и да направи вистинско шоу на првиот настап во 2018 година, каде настапивме под името NLB Band. Атмосферата во Галеријата на Банката вриеше, сите пееја во еден глас, публиката изгледаше како бранови на море, едноставно не понесе. Се чувствувавме како ѕвезди на вечерта. Тогаш излезе и легендарната изјава на најискусниот член на бендот „Дечки, ние пишуваме историја!“

Со уште поголема енергија и желба, продолживме со пробите, учевме песни, го збогатувавме репертоарот. Меѓутоа она што ни фалеше беше водечка, соло гитара. Со Жарко заедно свиревме во рок бенд во средношколските денови, ем сме и роднински поврзани, па така го викнав на една проба. Неговото искуство стекнато од скопските

клупски свирки му помогна веднаш да се вклопи во тимот и се осети синергија. Гитарата ја заменив со бас и звучевме како вистински комплетен бенд. Во Банка често се слуша муабетот „да ве бираа, ваков склоп немаше да направат".

Следната година, во комплетен состав спремивме 10-тина песни. Очекувањата од нашата публика, во овој случај колегите, беа уште поголеми. Ние полни самодоверба, Александар Палас преполн сo убави луѓе, голема бина со брендирано лого на „THE BANKERS“, сите во одлично расположение чекаа да „развалиме“. И бидна! Приредивме незаборавна едночасовна забава, со воведен говор за, 10-тата титула „Најдобра банка за 2019 година“ доделена од реномираниот финансиски магазин „The Banker“ и со 10 одлично избрани и исвирени песни во рок стил. Беа разделени преку 50 маици брендирани со логото на групата кои верната публика гордо ги носеше. Претпоставувам целата приказна со нашиот бенд е во тесна корелација со поддршката која ја добиваме од манеџментот на Банката и нашите драги колеги. Кога си со некој на иста бранова должина размената на енергијата е неизбежна. Навистина сме благодарни и среќни да работиме во една ваква инспиративна средина каде покрај професионалните обврски компанијата има слух и за приватните интереси и афинитети на своите вработени. Да се чувствувате комотно и свој во една таква средина навистина лесно оди од рака.

* Звучите неверојатно моќно и подготвено, дали ова значи дека имате редовни проби независни од вашите настапи или пак преферирате кампањски подготовки? Дали ова значи дека имате и ваша локација за проби?

Љупчо: Додека беше нормална ситуацијата, пробите ни беа редовни. Спремивме репертоар од преку 30-тина песни и направивме целовечерна забава по повод Денот на жената во хотел Монтана во Крушево. Потоа сè замре, па и нашите проби. Кога го добивме повикот да настапиме на новогодишниот онлајн коктел на Банката, не фати малку страв како ќе звучиме, да не сме зарѓале. Сепак ние сме банкари, а не музичари. Меѓутоа, благодарение на целокупната организација од страна на маркетинг службата и целосната поддршка од Управата, ни беа овозможени одлични услови за да се покажеме во најдобро светло. Вежбавме и свиревме во големата сала на Филхармонија, со поддршка од цел тим на видео и музички професионалци. Крајниот продукт е како што велите, моќно видео.

* На вашиот настап на корпоративниот новогодишен онлајн коктел вашите колеги имаа можност да уживаат во изведбата на познати македонски рок мелодии.  Дали можеби размислувате и за ваши лични композиции или интерпретацијата повеќе ви лежи? Сте размислувале ли за ваш албум?

Влатко: Нашиот репертоар се претежно македонски и екс-ју рок и поп песни. Со такви песни најдобро се забавува публиката, а тоа е нашата цел.

На пробите знаеме да пробаме и по некоја странска рок песна, најчесто по желба на некој од членовите на бендот. Најверојатно тие ќе бидат вклучени и во идните настапи.

За сопствена песна имавме некој обид, направивме неколку проби. Се надеваме дека може да изненадиме во иднина со некоја наша ствар.

* Каква беше реакцијата на вашите колеги, како ве прифатија? Дали имаше само позитивни коментари или пак и критики?

Столе: Првпат кога настапивме за новогодишната забава на Банката, пред 3 години, никој не знаеше дека и ние ќе бидеме дел од репертоарот, беше на некој начин тајна, изненадување на вечерта. Реакциите за време и по настапот беа феноменални и бевме одлично прифатени. Безброј честитки и многу овации, сето тоа ни даде поттик и елан да продолжиме. Дури и ние самите бевме изненадени и си рековме „Па ние сме биле добри бе". После овој деби настап и на безбројните барања од колегите решивме да продолжиме, па следеа уште два настапи, еден во живо во Палас, додека вториот беше онлајн мини концерт. Во меѓувреме, на барање на колешките имавме настап специјално за нив на денот на жената. Сè на сè, колегите и менаџментот кои нè подржаа, ни дадоа сила и мотив да бидеме она што сме денес. Им благодариме и им ветуваме уште многу настапи.

* Овој бенд постои баш само за НЛБ забавите, или пак свирите и по останати забави?

Столе: The Bankers се формираа првенствено за интерни, затворени забави организирани од Банката, па така и функционираме во моментов. За други настапи, вон Банката, не сме размислувале, а и не гледам причина за тоа. Доволно е што преку видеа и клипови успеваат да видат што пропуштаат и барем малку да осетат дел од магијата која ја создаваме... Така ќе бидеме поинтересни за надворешната публика, нашата како и да е ќе ни биде верна и ќе продолжи да не поддржува.

* Како го поврзавте банкарството со музиката? Што имаат заедничко?

Костадин: Во нашиов случај, банкарството не поврза нас музички. Сите четворица (Љупчо, Влатко, Коки и Столе) сме економисти кои работат во најдобрата банка во Македонија – НЛБ Банка, а Жаре ни е долгогодишен верен клиент.

* И како за крај откријте ни го вашиот музички вкус, кои се бендовите и музичарите кои влијаеле за формирање на вашиот музички стил

Жарко: Во главно сите ја сакаме добрата музика. На пробите свириме она што секој ќе предложи, па ако звучи интересно, продолжуваме со вежбање. 

Љупчо е повеќе rock n' roll тип, посмирен ритам во кој може да се ужива.

Јас и Коки сме рокери, уште од тинејџерскиот бенд, повеќе сме за поагресивен и побрз

ритам.

Влатко обожава добар и интересен ритам на тапани, претежно на рок и поп мелодии.

Столе е мултиталент, одлично се снаоѓа во секаква изведба – сè му лежи: поп, рок, фолк, ска ...


*Д.К.И

фото: Вангел Тануровска