ЧИСТАМ ЧЕВЛИ ЗА 50 ДЕНАРИ, НА МУШТЕРИТЕ И ТОА ИМ Е СКАПО: Приказната за мајсторот од Рекорд

Добивај вести на Viber

На скопски Рекорд, неколку метри пред некогашната автобуска постојка и познатото место за состаноци на скопјани, една слика со години не се менува. И зиме и лете, и на дожд и на сонце, Рекорд не е Рекорд без познатиот чистач на чевли. 

Веќе 56 години, тој се занимава со бизнис за кој вели дека кај нас изумира. Чисти чевли од дете, од кога имал 10 години. Со истите четки, од времето на Југославија.  „Ми остана од дедо ми. Квалитетни се, од чисто коњско влакно, затоа уште ги употребувам“, раскажа за „Женски магзин“ чистачот. Неговото име вели не е битно, сите го знаат како „чичко чистач“.


„ Заработувам 200-300 денари на ден. Социјална помош земам 2.000 денари, а имам деветчлено семејство. Жена ми работи по куќи како чистачка. Тешко е , но не ми е муабетот да се жалам, во денешно време не треба човек да се жали,туку да работи“, е дел од приказната на уличниот мајстор. 

Неговата приказна започнала уште како многу мал, со истата работа се занимавале дедо му и татко му. „Почнав да гланцам кондури кога имав десет години, за време на стара Југославија, пред хотел Бристол. Мајка ми работеше во „Бристол“ како чистачка. Дур таа ми беше на работа, бев и јас, ме оставаше пред хотелот, и заработував за леб. Во тоа време целата улица Македонија, што тогаш се викаше Маршал Тито беше полна со чистачи на кондури. Од почеток до крај. Убаво заработувавме и убаво се дружевме. Секој си имаше свои муштерии. Сега останавме само јас и уште еден колега во Скопје, други нема.  Тажно. Ама среќа, имам јас свои стари муштерии што ми останале од времето на Југославија“, додаде нашиот соговорник.

Чичкото од Рекорд вели дека едно чистење чевли чини само 50 денари, а за разлика од порано, кога глава не можел да крене од работа, сега го посетуваат едвај 4-5 луѓе на ден.

„ На нашите луѓе им е скапо да дадат 50 денари за да им ги гланцам кондурите па се пазарат, а јас не се расправам многу, па им давам попуст. Странците се друга приказна, тие многу ме фалат и бакшиш ми оставаат. Отиди во Америка или кај сакаш низ светот, улиците уште се полни со чистачи на чевли. Само за жал, кај нас, овој бизнис изумира. Ама јас сум упорен и нема да се откажам дур сум жив“, вели чичкото од Рекорд. 

Една од поновите скопски скулптури направени во центарот е и чистачот на чевли, кој треба да означува симбол на старо Скопје. „Кога го направија „чистачот“, од една телевизија ме викнаа и мене, да ме прашаат како ми се допаѓа и ме снимаа до него. Им реков дека е супер, и кога нас еден ден ќе не нема, барем скулптурата ќе ги потсетува луѓето на овој занает што полека го снемува“, ни раскажа тој. 

Силата и волјата за работа, вели дека ја добива од трите деца и од четирите внуци. Пред многу години, со семејството се обидел да живее во странство, но брзо се вратил дома, во својата Топана. 

Милица Џаровска