„Чувството кога ќе се издигнеш на шипката и ќе сфатиш – „јас можам ова!“ е незаменливо: Зорица за уметноста на танцот наречена „pole dance“

„Танцот на шипка ни помогна да ја откриеме и прифатиме својата женственост на еден нов начин. Не станува збор само за движења или изглед, туку за тоа како се чувствуваш во сопственото тело. Преку вежбањето на шипка, учиш да се движиш со самодоверба, да ја славиш својата сила и грациозност истовремено – и тоа е неописливо чувство.“ - Ова е ставот до кој се држи Зорица, една од сопственичките на „Студио Полетај“ во кое заедно со нејзината партнерка Бојана држат часови по еден поинаков фитнес танц-Фитнес на шипка.
Иако има разни стереотипи, ова не е некаков стриптиз или нешто слично, туку сериозна спортско-танцова категорија.
Во интервју за нашиот магазин, со Зорица поразговаравме за тоа како почнала да се занимава со танц на шипка, предрасудите за „pole dance-от“, како и за самата дисциплина.
Таа вели дека во последниве години, посебно со зголемено присуство на социјалните мрежи, се рушат табу темите и луѓето полесно се охрабруваат да пробаат нешто ново и различно.
Повеќе читате во редовите подолу.
ЖМ: Зорица, Кажете ни од кога постоите, како почна вашата приказна со „Полетај“ студиото за танц на шипка?
- Полетај е ново студио, отворено во Декември 2024 година. Нашата приказна започна сосема спонтано – со Бојана, која ми е и партнерка во студиото, почнавме да трчаме маратони заедно.
Токму на тие настани станавме поблиски пријателки и почнавме да си зборуваме за сè – па и за тоа како би изгледал нашиот идеален простор за фитнес на шипка.
Простор кој не е само за вежбање, туку е заедница – место каде луѓето кои го сакаат овој спорт ќе се чувствуваат поддржани, охрабрени и инспирирани да растат.
И така, еден ден решивме да не чекаме повеќе – да си го оствариме сонот. Така се роди Полетај.
ЖМ: Што всушност преставува фитнесот на шипка?
- Фитнесот на шипка е форма на физичка активност што комбинира елементи од танц, акробатика и тренинг за сила, при што се користи вертикална метална шипка.
Тоа е истовремено и уметничка и спортска дисциплина која овозможува зајакнување на целото тело, подобрување на флексибилноста, координацијата, издржливоста, како и развивање на самодовербата.
Иако во минатото често се поврзувала со сценски настапи, денес фитнесот на шипка е признат како сериозна спортска дисциплина, со свои натпревари, сертифицирани инструктори и интернационални федерации. Сè повеќе луѓе го избираат како уникатен начин за вежбање, изразување и личен раст.
ЖМ: Што вас лично ве привлече и воодушеви кај овој вид на фитнес, кога се роди желбата да го пробате овој начин на фитнес?
-Не фасцинираше идејата дека преку игра и креативност можеш да станеш посилен, пофлексибилен и посигурен во себе. И баш тоа не привлече – не беше класично вежбање, туку начин да се поврзеш со себе на ново ниво.
ЖМ: Дали сте самоуки и колку е тешко да се изведуваат вежбите?
- Најголем дел од луѓето не се самоуки – фитнес на шипка е дисциплина што бара техника и правилно насочување, па затоа многу е важно да се започне со стручен инструктор, особено за да се избегнат повреди и да се научат основите правилно.
Вежбите на почетокот можат да изгледаат тешки, но се учат постепено – чекор по чекор. Постојат нивoа за почетници, каде прво се учат основни движења, зајакнување на телото и запознавање со шипката. Трудот е тука, но напредокот е навистина мотивирачки!
ЖМ: Оваа дисциплина изгледа многу напорна. Дали е потребно жената да биде физички подготвена за да се занимава со Pole Dance?
- Не, не е потребно однапред да бидеш физички подготвена. Напротив – танцот на шипка е токму начинот на кој ќе ја изградиш таа подготвеност. Секој почнува од различно ниво, и тоа е сосема во ред.
Во часовите се работи на сила, флексибилност, координација и самодоверба – сè што ти треба ќе го развиеш со време. Телото се адаптира, и токму низ тој процес се чувствуваш сè посилно и поуверено. Најважно е да дојдеш со отворен ум и желба да се движиш и да учиш.
ЖМ: Колкав е интересот за фитнес на шипка кај нас, колку девојки имате вие во студио?
- Интересот за фитнес на шипка кај нас постојано расте – сè повеќе девојки (и некои момци!) сфаќаат дека ова не е само сензуален танц, туку моќна форма на тренинг што комбинира сила, грациозност и забава.
Во последниве години, посебно со зголемено присуство на социјалните мрежи, се рушат табу темите и луѓето полесно се охрабруваат да пробаат нешто ново и различно.
Секој месец ни се приклучуваат нови членки – некои од љубопитност, некои бараат нов начин на вежбање, а некои едноставно сакаат да ја изградат самодовербата и да се чувствуваат добро во своето тело.
ЖМ: Колку трае обично еден час по фитнес на шипка?
- Еден час по фитнес на шипка обично трае 60 минути, и е внимателно структуриран за да биде ефикасен, без да го преоптовари телото – особено кај почетници.
ЖМ: Што би им препорачале на сите почетници кои сакаат да пробаат? Што треба да знаат?
- На сите почетници би им препорачала само едно: да не се плашат и да пробаат! Не мора да си фит, ниту флексибилен, ниту да имаш некое посебно предзнаење. Сè што ти треба е желба и отворен ум. Почетоците можат да бидат предизвикувачки, но со секој час ќе забележите напредок – физички, но и ментален. Танцот и фитнесот на шипка не е само вежбање, туку патување кое ти го гради самодовербата и те поврзува со сопственото тело.
ЖМ: Од ваше искуство и од искуство на вашите гледишта, дали се чувствувате женствено додека „вежбате на шипка“?
- Апсолутно! Танцот на шипка ни помогна да ја откриеме и прифатиме својата женственост на еден нов начин. Не станува збор само за движења или изглед, туку за тоа како се чувствуваш во сопственото тело. Преку вежбањето на шипка, учиш да се движиш со самодоверба, да ја славиш својата сила и грациозност истовремено – и тоа е неописливо чувство. Многу девојки кај нас, дури и оние кои на почеток беа срамежливи, велат дека токму самиот тренинг ги направил послободни и посигурни во себе.
ЖМ: Колку Pole Dance-от е развиен кај нас?
- Фитнесот на шипка кај нас сè уште е во развој, но интересот расте од година во година. Се повеќе девојки и жени се охрабруваат да пробаат, а тоа значи дека и сцената станува побогата. Секако, има уште многу простор за раст, едукација и прифаќање, но факт е дека се менуваат перцепциите. Студијата како нашето се трудат не само да понудат тренинг, туку и да изградат заедница која ќе поддржува, мотивира и инспирира.
ЖМ: Како би ги убедиле жените кои немаат храброст да почнат да вежбаат фитнес на шипка? Што би навеле како негови предности?
- На сите жени кои се двоумат, би им кажале – стравот е нормален, но не дозволувај да те спречи да пробаш нешто што може да ти го смени животот. Танцот на шипка не е само физичка активност, тоа е пат до слобода, сила и ново ниво на самодоверба. Не мора да си „спортски тип“, не мора да си флексибилна или во форма – сè се гради со време. Предностите се многу: подобрување на физичката кондиција, зајакнување на целото тело, грациозност, подобра координација, но најважно – тоа е начин жената да си се врати себеси, да го прифати и сака своето тело такво какво што е.
-Според Вас, колку оваа рекреација го промени односот на жената кон своето тело и изгради нивна самодоверба?
- Танцот на шипка има моќ да го смени начинот на кој жената се гледа себеси. Наместо да се фокусира на „несовршености“, жената учи да го гледа телото како извор на сила, израз и убавина. Многу од нашите членки велат дека за првпат по долго време се чувствуваат „во своја кожа“, дека се горди на тоа што можат нивните тела – а не само како изгледаат. Самодовербата не доаѓа преку перфектно тело, туку преку моментот кога ќе се издигнеш на шипката и ќе сфатиш – „јас можам ова!“. И тоа чувство е незаменливо.
ИРЕНА СТАВРОВА