Чикаго ми остана во срце, ми даде вкусови за кои не ни сонував дека ќе ги доживеам: Надежда Шодан за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Социјалните мрежи се наше секојдневие, буквално на сите нас. Таму истражуваме нови нешта, бараме мотивација, виртуелно прошетуваме низ најмагичните места во светот, но на Интернет може и да најдеме буквално што да зготвиме денес за ручек или вечера, како и да побараме совет за родителство или како да поправиме нешто кое ни се расипало во домот.

Пребарувајќи низ Инстаграм, низ многуте профили наидовме на оној на Надежда Шодан. И не може, а да не застанете на нејзиниот профил, тој е навистина интересен, шарен и корисен. Таа секој ден споделува рецепти и тоа најчесто здрави, објавува и фотки од патувањата, но и од нејзините две дечиња.

Надежда е дипломирана новинарка, која во моментов не работи по струка, туку е дел од нивниот семеен бизнис. Дека Шодан сака да готви е доказ и сето она што го постира на Инстаграм и може да видите најразлични рецепти. 

Како што ни откри таа за Женски магазин обожава да патува и да истражува нови дестинации. Сака да гледа серии и да чита книги, особено за родителството и готвењето.

Интересно кај неа кога ќе пребарате пишува дека е Македонка и Хрватка, но и дека неколку години живеела во Чикаго. Колку и како и помогнало живеењето на друг континент, што сѐ научила таму и каде живее сега прочитајте во оваа нејзино прво интервју за нашиот магазин:

* На Инстаграм имате навистина шаренолики и живописни објави, од јадења во повеќе бои, до фотки од убави дестинации, декорирања.... Дали отварањето на вашиот профил на Инстаграм ја имаше токму оваа цел или сосема со друга замисла отворивте профил?

- Ви благодарам на убавите зборови. Хедонист сум по природа и малите работи ме прават среќна. Денот може да ми го направат разнобојни патлиџанчиња или убаво зајдисонце, па сето тоа пресликано на мојот профил изгледа така. Немав никаков план ниту насока кон која ќе го водам профилот, но како почнав да споделувам храна и да добивам фидбек за истата, некако повеќе се фокусирав на тоа и сега најчесто може да видите идеи за оброци, рецепти и сѐ поврзано со храна. 

* Која е Надежда Шодан, имајќи предвид дека на Инстаграм пишува дека сте Македонка-Хрватка, дека сте родена во Сплит, израсната во Скопје, а и Чикаго се споменува?

- Да, родена сум во Сплит, израсната и школувана во Скопје, а 4 години живеевме со сопругот во Чикаго - место кое дефинитивно ми остана во срце и кое, освен многу пријателства и незаборавни моменти, ми даде вкусови, за кои не ни сонував дека ќе ги доживеам. Чикаго ме оформи и направи уште поголем гурман, давајќи ми храна и намирници од целиот свет. 

* Што е по професија Надежда?

- Дипломиран новинар на правниот факултет во Скопје. Долги години не работам по струка. Моментално, освен што сум 24/7 мајка на две малолетни деца, работам и логистика на наш семеен бизнис. 

Македонија е мојот дом. Најдраги ми се сонцето, зеленчукот и спомените

* Каде живеете?

- Моментално во Скопје.

* Што е она кое ви е најдраго во Македонија, а што во Хрватска?

- Во Хрватска - морето и семејството. Преблагодарна сум што моите деца го поминуваат секое лето тука, со моите родители и брат ми. За момент уживам во тој морски, безгрижен, бавен живот, типичен за овие простори. Македонија е мојот дом. Сите мои први нешта се таму. Ако треба да одберам што ми е најдраго, ќе кажам: сонцето, зеленчукот и спомените.

* Спомнавте дека во моментов сте во Хрватска, како е летниов период таму, има ли многу туристи?

- Раздвижено, разиграно и шарено. Да, има туристи како и секоја година. Ние сме во Омиш, иако мало гратче, нуди многу и препорачувам да се посети (на кој му се вози 12 часа (се смее)). 

* На профилот најчесто споделувате објави од јадења. Што сакате да готвите најмногу, дали секогаш мора да е шарено? Готвите сѐ или претежно здрави јадења? Омилено МК јадење vs. Омилено хрватско јадење?

- Сакам да готвам здраво, избалансирано, поготово што сум мајка и сакам да ги учам на здрави навики. Не им забранувам ништо, ниту ним ниту себеси. Сакам храната да ми изгледа убаво, освен да е вкусна, така што речиси секогаш чинијата ми е полна со разни бои. Јадеме многу сезонски зеленчуци и овошја, мешунки, риба, а понекогаш и месо. Готвено, манџа и/или супа има речиси секој ден, но многу често правам и јадења нетипични за нашите простори, како нудли, кари и слични азиски специјалитети. Од хрватската кујна омилено ми е сѐ од морска храна- ракчиња, шкампи, школки, октопод, риба, но и паштицада со њоки. Од македонската, дефинитивно тава ориз - омилено јадење засекогаш, особено кога ќе ми го подготвеше баба ми.

* На Инстаграм пишува дека срцето сте го оставиле во Чикаго, кога го посетивте, зошто бевте таму, кои ви се најубавите спомени од таму? 

- Како што пишав и погоре за Чикаго, бевме 4 години со сопругот. Тој работно, јас како придружничка. Првата година бевме во Вашингтон, па се префрливме во Чикаго. Навидум ладен, голем град, но за нас-прекрасен. Храната неверојатна-од најубавите авокада од Мексико, до најсвежото суши. Индонезиска, етиопска, корејска, виетнамска… ги пробавме речиси сите кујни. Бев воодушевена од достапноста на буквално сѐ-од зачин, до свежа билка, зеленчук-сѐ може да се најде во било кое време. 

* На која тема ви пишуваат најмногу вашите следбеници? Кои прашања ви ги поставуваат најчесто?

- Најчесто за рецепти, секако. Но, знаат да ми пишат/прашаат и на тема поврзана со мајчинството. Често споделувам и за тоа

* Добивате ли и негативни коментари, забелешки, како се справувате со истите?

- Искрено до сега не дум добила лош коментар. Преблагодарна сум за оваа прекрасна заедница. Запознав толку прекрасни луѓе, дел од нив веќе долгогодишни пријателки, со кои делиме исти пасии и интереси, па не би ги менувала за ништо.


Наталија Миланова

Повеќе фотографии од јадењата кои ги подготвува Надежда Шодан погледнете во ГАЛЕРИЈАТА: