Д-р Денис Ал Кхалили: Родителите треба да се информираат за предвременото породување уште во бременоста
„Со добра информираност на трудницата и партнерот, поддршка и совети во текот на бременоста, со редовни и темелни прегледи, со подобрување на комуникацијата помеѓу трудницата и лекарскиот тим, може да влијаеме за намалување на бројот на предвремени породувања“
Денес во светот се одблежува Светскиот ден на предвремено породување - секој 17-ти ноември е посветен на малите борци и нивните мајки кои се вредни за славење не само овој ден и месец, туку цел живот.
Околу 15 милиони бебиња се раѓаат предвреме секоја година, или едно на секои 10 новородени. Затоа секој 17-ти ноември ја креваме свеста за предвремено породување, за да се подобри грижата за недоносените бебиња и нивните семејства ширум светот.
Повеќе од 100 организации од целиот свет, меѓу кои и организацијата Лулка од Македонија, ги здружуваат силите и заедно, во синхронизирана акција и под заеднички слоган, го одбележуваат овој ден. Оваа година слоганот е „Родителската прегратка: Моќна терапија“.
Затоа разговараме токму со претседателот на организацијата Лулка, д-р Денис Ал Кхалили - педијатар на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, специјалист во областа на педијатријата и неонатологијата, искусен во реанимација на новороденчиња, грижа за навремено и предвремено родени бебиња, консултант за доење, експерт за исхрана и развој на бебињата и децата.
Како ќе се одбележи денешниот Светски ден на предвремено породување годинава, и која е пораката која ја испраќате на овој ден?
- На овој ден испраќаме силна порака дека животот треба да се слави и заштитува, дека и оние семејства кои имаат предвреме родено бебе заслужуваат да се радуваат на своето дете, а ние како општетство треба да ги поддржиме, да им помогнеме и да бидеме солидарни со нив. Предвреме родените бебиња се многу мали и кревки, тие се пациенти кои не може да се изборат за своите права, а нивните родители пак, во моментот кога ќе се случи предвременото породување често се во шок и неверување, во негирање на фактот дека нивното бебе се родило предвреме. Затоа ние сите, како општество треба да бидеме гласот на овие бебиња, да се бориме да имаат подобро лекување, подобра нега, подобар развој. Токму тоа го правиме на Светскиот ден на предвременото породување - 17. Ноември.
Годинава организацијата Лулка која веќе 10 години го организира и одбележува Светскиот ден на предвременото породување, организираше и Донаторска недела од 10-17.11.2022 година, за што ќе бидат наменети собраните средствата, која е вашата мисија?
- Оваа година решивме да организираме донаторска акција за да можеме конкретно да им помогнеме на бебињата и на нивните семејства. Средствата кои ќе бидат собрани ќе ги искористиме пред сѐ за непречено одржување на средби на групата за поддршка на семејствата со предвреме родено бебе или дете и на трудниците со ризична бременост. Овие средби се одржуваат веќе 14 месеци и се многу значајни за оние кои се засегнати од проблемот. Останатиот дел од средствата ќе ги насочиме кон донирање на современа опрема и потрошен материјал, пред сѐ во сегментите каде се промовира современ пристап на нега и лекување (отвореност на одделите за родители, кенгурирање, доење и исхрана со мајчино млеко, неинвазивна вентилација, централен мониторинг, итн.) Со нашето долгогодишно искуство и постојаната комуникација со семејствата можеме точно да ги детектираме најкритичните точки и да делуваме за вистински позитивен ефект.
Колку е важен соодветниот третман и правилната нега за правилен раст и развој на предвремено родените дечиња?
- Современиот пристап во лекувањето и негата на овие бебиња е најважен. Од ваквиот пристап не зависи само преживувањето, туку и понатамошниот развој и способности на детето како што расте. Важно е третманот да биде современ, колку што е можно понежен и неинвазивен, со современи апарати, квалитетно спроведени процедури и модерни лекови. Секојдневната нега во текот на престојот на малите бебиња во болница, треба да се спроведува исто така нежно, бебето да престојува во потемна и тивка средина, со почитување колку што е можно на циклусите на сон и будност, со практикување на редовен контакт кожа на кожа со мајката на бебето (кенгурирање). Се смета дека колку повеќе се исполнети овие предуслови, толку повеќе има шанса и помалите, порано родени бебиња да преживеат, и за среќа повеќето од нив да имаат нормален понатамошен раст и развој.
А колку е важно родителите да се информирани за сè што треба да знаат околу предвремено породување и како тоа ќе им помогне во правилниот раст и развој на овие деца?
- Родителите треба да се информираат за поимот на предвременото породување уште во бременоста, кога ќе се утврди и најмал ризик за предвремено породување. Од тој момент, како ќе се однесува жената, дали ќе се јавува редовно на лекар, дали ќе мирува и ќе се поштедува од физичка активност, може да влијае на исходот од бременоста. Свесни и едуцирани родители на предвреме родено бебе го следат развојот на бебето, навреме почнуваат со физикална терапија со вежби доколку има потреба, и активно се вклучени во сите процеси на нега и лекување.
Со какви потешкотии потенцијално можат да се соочат предвремено родените дечиња, а со какви мајките родилки кои предвремено се породиле?
- За мајките најчесто предвременото породување не е многу неизвесно и тие обично имаат уреден тек на лекувањето. Понекогаш доколку мајката има покачен крвен притисок и прееклампсија, бременоста се завршува порано во интерес на мајката, за да се заштити нејзиното здравје.
За бебињата кои се лекуваат, исходот од лекувањето не може никако да се предвиди, ниту пак должината на престојот. Најчести последици се пореметувањето на видот и слухот, потешкотии со дишењето, склоност кон респираторни инфекции. Еден дел од овие деца имаат потешкотии со фината моторика, други пак имаат проблеми со грубата моторика, хиперактивност и слично.
Постојат ли начини со кои може да се превенира предвремено породување?
- Можеме да делуваме на дел од факторите кои ја зголемуваат веројатноста за предвремено породување. Со добра информираност на трудницата и партнерот, поддршка и совети во текот на бременоста, со редовни и темелни прегледи, со подобрување на комуникацијата помеѓу трудницата и лекарскиот тим, може да влијаеме за намалување на бројот на предвремени породувања. На предвременото породување може да влијае и социјалниот статус, невработеноста, стресот, возраста на мајката, ако е таа премногу млада или повозрасна, бројот на претходни бремености и колку деца има претходно, блиското растојание од една до друга бременост, ин-витро процедурите, повеќеплодните бремености, итн.
Кои се ваши препораки за родителите на предвремено родени деца, особено за мајките кои предвремено се породуваат?
- Совет за родителите на кои им се случило или постои ризик да се случи предвремено породување е да бидат смирени, сталожени, да ги почитуваат препораките на докторите и да соработуваат со медицинскиот тим во текот на бременоста и породувањето. По породувањето родителите треба да се информираат за состојбата на бебето, но и да се поврзат со други родители кои веќе го поминале тој пат. Секако треба да побараат и поддршка и совет од психолог доколку чувствуваат дека ситуацијата ги преплавува и се нарушени нивните меѓусебни односи. Доколку се вклучат во некоја од неформалните групи на родители и ги посетуваат средбите за поддршка на семејствата со предвреме родено бебе или дете кои ги организира Лулка, ќе може полесно да ја прифатат ситуацијата, да го зачуваат меѓусебното разбирање и ќе може да бидат вистинска поддршка на своето предвреме родено бебе во текот на долгото лекување и по доаѓањето на бебето дома.
Прочитајте ги искуствата на мајките на предвремено родени дечиња, кои ги раскажаа за Женски магазин:
- Се борев сама пред операционата сала 12 часа и 30 минути: Валандовчанката Надица за нејзиниот син, херојот Лука
- Кога сите доктори велеа дека не можам да забременам, останав бремена не со едно, со две бебиња: Скопјанката Лолита со силна верба се оствари како мајка
- (ФОТО) Две предвремено родени деца и среќен брак: Дизајнерката Маја Кикириткова со сподели нејзиното искуство со предвремено породување
- Беше мало глувче затворено во инкубатор кое се бори да преживее: Искрено со Дени за предвремено родената ќерка Миа
*Љ.Иванова