Д-р Горан Трајковски: Болните од коронавирусот треба да имаат граѓанска свест

Добивај вести на Viber

Доколку сте активни на Инстаграм, сигурно веќе го знаете @doktor.goran. Станува збор за доктор Горан Трајковски од Скопје, или постручно специјализант по интерна медицина во Баварија, со осврт на интензивна нега, ургентен центар, кардиологија, гастроентерологија и палијативна нега. За многу краток период, тој стана најпопуларниот доктор во нашата земја на оваа социјална мрежа, со над 12.000 следбеници, чија бројка од ден на ден расте.

За неговата популарност на Инстаграм, за животот во Германија, како и за најактуелното прашање во моментов- коронавирусот, доктор Горан специјално за Женски Магазин.

* Раскажете ни нешто повеќе за тоа зошто се одлучивте да заминете од Македонија и да се преселите и да работите во Германија?

- Гледајќи како би напредувала мојата кариера во Македонија (базирано на волонтирање во ординации/клинички центар) увидов дека е потребно предолго време за да стигнам до она што го очекувам од себе.  Згора на тоа се случи неправда при еден конкурс за вработување. И како последно, а наједноставно: желбата за нешто ново. 

* Како се снаоѓате таму? Неодамна станавте и татко, па како би споредиле животот овде и таму, со фамилија и работа? 

- Се снаоѓам супер, нормално делумно благодарение на мојата вереница која тука израснала, а секојдневните потешкотии во секојдневниот живот остануваат подолго. Животот во споредба? Како во хотел со 2 ѕвезди повеќе, со поофицијален однос на персоналот.

* Што најмногу ви недостасува од Македонија?

- Чуството дека сум дома, иако веќе и овде го имам. 

* Која е разликата меѓу пациентите во Германија и во Македонија, кои се попослушни?

- Ха, нема послушни пациенти, на пример за контролирање на „притисокот и шеќерот“ некогаш е доволна само промена на исхрана. Но пациентите преферираат таблети, па се наоѓаме на пола пат.  Шала, има многу одговорни луѓе кои сериозно ја сфаќаат грижата за своето здравје. А не викам дека ние како лекари не ги правиме истите грешки. 

Генерална разлика нема, сите сакаат помош, затоа се оди во болница и супер е кога може да си одат дома задоволни. Секојдневните „расправии„ постојат и во Германија, можеби на друго ниво.

* Од каде дојдовте на идеја да почнете да правите видеа на Инстаграм?

- Јас бев „на времето“ активен на Фејсбук. Кога се преселив во Германија ги избришав сите социјални мрежи и со тоа си отворив временски прозорец за да се посветам на јазикот и учење на се она што е ново. Сега кога веќе сум одредено време овде решив пак да се вратам на социјалните мрежи, се надевам не само подостарен туку и подобрен. Инаку ми претставува задоволство кога сум на Инстаграм и ќе успеам да насмеам некого или па ќе пренесам знаење. Се разбира кога почнав со Инстаграм не очекував дека ќе го напишам ова. 

* Дали очекувавте да станете толку популарен, дали стигнувате да одговорите на сите пораки, и за што најмногу ви се обраќаат?

- Не, за жал веќе не стигам. На почеток се „борев“ секоја вечер да го исчистам инбоксот, ама од пред некое време веќе не оди. И за жал се откажав и сега само се трупаат пораки. Едноставно нема доволно време да посветам внимание на секој проблем, во одредени случаи морам и да читам документи од веќе направени испитувања и потоа да размислам и да прочитам за совет и терапија. Затоа сега почнав со „Live-видеа“ каде што можам директно да одговорам на најчестите прашања па ќе видиме како ќе биде. Не сметам дека сум популарен, повеќе се сметам за „достапен“.

* Што ве поттикна да правите едукативни квизови на Инстаграм?

- Бидејќи луѓето сакаат интерактивно да учат и да избираат што би била болеста на база на испитувањата. Тоа го правиме ние лекарите како работа. Едноставно интересно е, а мене ме радува кога ќе им го направам интересно. Почнуваат да пишуваат во пораки дополнителни прашања како настанала болеста итн.

* Неодамна на вашиот профил третиравте диета само со вода. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа?

- Тоа беше за мене повеќе обид за спиритуално искуство, кое до негде и го доживеав, второ начин да си докажам себеси дека доколку една мисла/идеа (во случајов „не внесувам храна 7 дена“ ) може да те води низ непријатностите на гладот, тогаш истата таа мисла може да те однесе и на многу други места. Секако сакав да видам и што ќе се случи со моето тело. Јас сепак тоа го правев под медицински надзор (мојата вереница и јас). Мамо, кога ќе го читаш ова не се шокирај, не беше страшно. 


* Во екот на паниката за коронавирусот, кој веќе го имаме како случај и во Македонија, вие на вашиот профил веќе дадовте препораки за превенција. Што би споделиле вака јавно, на што треба да се обрне внимание?

- Темата е долга, но на кратко: Хигиена. Често миење раце (ако вирусот го имате на рака и се допрете на слузокожа- око, нос, уста) му овозможувате на вирусот директен „автопат“ до вашето тело. Тие што се болни треба да имаат граѓанска совест, да останат дома и со тоа се обидат да спречат раширување на вирусот. Телефоните за пријавување доколку се сомневате дека би можеле да бидете заразен ги има насекаде по интернет. При сомнеж за зараза во случај да заболениот треба да се движи меѓу маса од луѓе, треба да носи маска. Затоа се наменети тие. Последно, пробајте да држите растојание од некој очигледно болен. Се разбира не важи за медицинскиот персонал.

* Кои се митовите за коронавирусот, со оглед на тоа дека гледаме секакви шеги на сметка на паниката која настана во нашата земја поради него?

- Митови има многу, секој ден некој нов, затоа е важно да се примаат информации за вирусот од официјални за тоа задолжени институции, а не од страни кои добиваат пари од секој клик. Јас пробувам на Инстаграм да известувам за најновите развивања во врска со вирусот. 

* Каква е ситуацијата во Германија, како се справуваат таму со коронавирусот? Што би препорачале дека треба да се спроведе и овде како и таму?

- Ситуацијата тука е работна, односно се работи активно на изолирање на случаите кои се појавуваат. Првиот бран во Баварија беше одлично спречен со само 14 заболени. Се останато останува да видиме. Во главно плановите за пандемија во сите држави се базираат горе доле на исти правила (иако официјално се уште не е дефинирана состојбата како пандемија). Разликата е во тоа што сe може да спроведе државата за која станува збор и колку добро го изведува тоа.

* Која е клучната разлика меѓу обичниот грип и коронавирусот, како еден човек со симптоми на грип може да биде сигурен дека не станува збор за коронавирус?

- Основните пропратни симптоми се кај многу вирусни инфекции слични (во главно последица на високото ниво интерферон - воспалителен медијатор) и според нив не може симптомите да се разликуваат со сигурност од обичниот грип. Сепак, покажува поголем афинитет кон долните дишни патишта за разлика од обичниот грип. 

* Кога веќе зборуваме за обичен грип, во сезона на грип, дали сметате дека за јак имунитет е доволно внесување само овошје и зеленчук, или е потребно да се консумираат и дополнителни суплементи?

- Суплементи како што кажува самото име се додаток на исхрана, а на пример до пред 200 години немало што да се додаде на исхраната. Природата не планирала да произведуваме толку неквалитетна храна за да мора да се дополнуваме со витаминиски таблети. Значи кратко кажано, суплементите не штетат доколку земени во права доза, а може да помогнат доколку исхраната не е соодветна. Хиповитаминози (недостаток на витамини) како резултат на исхрана во денешно време се реткост и обично поврзани со други болести. 

* Што според вас е клучно за добро здравје? Ваша препорака која и вие ја следите секојдневно. 

- Препорака која јас ја следам е спорт. Препорака која се трудам да ја следам е вистинска исхрана, смеење, и справување со стресот. Важно е да се најде сила за да се прекинат работите кои знаеме дека не прават болни, но сепак ги правиме (алкохол, цигари). Последна препорака да се потсетиме по еднаш секој ден зошто е вреден животот.


Даница Караташова