Д-р Маја Мојсова Мијовска: Првото пресадено срце чука за сите нас

Не стивнува колективниот адреналин по успешно извршената трансплантација на срце, прва во историјата на домашното здравство. Во оваа приказна на капацитет, искуство, експертиза и емоции, д-р Маја Мојсова Мијовска, анестезиолог на КАРИЛ и национална координаторка за трансплантација, има значајна улога – и во подготовката на целиот процес и како член на лекарскиот тим, кој го изведе овој историски зафат. Тоа е најмалку троен повод за разговор со неа.  

* Како се чувствувате деновиве, по успешниот исход на овој изискувачки зафат?

- Чувствата ми се сè уште многу измешани. Среќна и радосна, па на моменти помалку несвесна за сè што се случи, па потоа претпазлива. Она како да држите здив, па пуштате пополека. Сакате да викате од среќа, а пак сте со зголемено внимание и резервирани. Зборувате за надеж и за верба, која ја носи трансплантацијата, а носите одговорност за оние кои добиле орган и за оние кои чекаат на листите. Среќни сте за колегите со кои ја завршивте приказната и се плашите дали сето ова ќе стане пракса. Зборувате за нов живот кој се родил, а сочувствувате со семејството на починатата. Лекар сте кој работи со години, а сепак сте човек. Ете така некако...

* Трансплантацијата на органи помина долг пат до својот сегашен статус. При тоа, не станува збор само за хируршка вештина и медицински познавања, туку и за многу други аспекти – трансплантацијата има и емоционални и етички страни, а отвора и безброј правни прашања. Каква е во моментов подготвеноста на здравството и на пациентите да влезат во ваков предизвик?

 - Кадаверичната трансплантација или трансплантацијата од лица во мозочна смрт се работи кај нас од 2014 година, а трансплантацијата на бубрези од жив донор и многу порано. Законската регулатива постоеше и порано и последните измени, заедно со оние подзаконски акти кои се за нас битни бидејќи ја допрецизраат целокупната постапка, се донесени некаде во 2013 година. Во таа смисла, ова за нас не е ништо ново, ниту од законски ниту од медицински аспект. Она што е ново е трансплантацијата на срце која за прв пат ја направивме сега. На ова работевме месеци наназад. Се подготвуваме од секој можен аспект, правен, од аспект на протоколи за работа, листи на пациенти, координација помеѓу лекари и тимови. Знаете, ништо не е случајно и ништо не е инцидентно. Во Програмата за трансплантација, во која е вметнато сето она што го работиме на ова поле, за оваа година за прв пат ја вклучивме трансплантацијата на срце токму поради тоа што сметавме дека со сета работа месеци наназад сме подготвени за ова. Покрај срцето, Програмата е проширена и за црн дроб, коски и коскени ткива и рожница. За сето ова се направени претходни подготовки на сите полиња и сигурни сме дека здравстевниот систем е подготвен. Од друга страна, сме во постојан контакт и со пациентите преку нивните здруженија. Сакаме да бидеме транспарентни пред нив во тоа што го правиме. Ја разбираме нивната болка, нетрпеливост, разбираме сè и тоа ни е голем поттик за ова што го правиме.

* Уште еден важен момент - каква е свеста за донорството кај нас?

- Не можам да кажам дека ја нема, но ниту дека е на некое завидно ниво на кое ние би сакале да биде. Постојано зборуваме на оваа тема, го објаснуваме органодонорството и придобивките од него, но веројатно тоа не е доволно. Сме помислувале и на масовна кампања, но и тука е дилемата каква да биде, кон кого да биде насочена. Знаете, не постои некоја шема па да речеме прифаќаат да донираат повеќе семејства од една национална или една религиска група, од една или друга интелектуална средина. Едноставно, нема правила. До луѓето е, верувајте. До нивната свест, до чувствата, до емоциите кои ги носат во себе. Затоа секогаш заклучокот ни беше дека најдобра кампања за подигнување на свеста ќе направат токму приказните на луѓето кои одлучиле да донираат органи од свој близок. Ако таа емоција се пренесе до сите останати, ќе постигнеме многу повеќе за подигнување на свеста за органодонорството отколку сите билборди и спотови.

* Каква е генералната тенденција? Се проширува ли практиката на донирање?

- Постои една стабилна тендеција. Како што споменав, сè зависи од свеста на луѓето, од нивното размислување, од начинот на кој се справуваат со болката по загубата на некој близок. Верувајте, не е лесно да се мисли на туѓ живот кога се губи саканиот и ние тоа го разбираме. Ама сакаме да ја пренесеме мислата дека смртта на еден човек може да биде живот за неколку други, а на тој начин продолжува да живее и оној кој заминал.

* Донирањето органи е нова, подлабока димензија на човековата хуманост, за која одлучуваат повеќемина. Главно семејството. Кој ја сработува таа деликатна работа на разговор со семејствата во толку деликатни и болни моменти за нив?

- Назначени се болнички координатори, за кои велиме ја ,,процесираат мозочната смрт“. Тоа се лекари кои не учествуваат во лекувањето на пациентот, туку се вклучуваат само кога одговорниот лекар ќе утврди дека можеби неговиот пациент навлегол во мозочна смрт односно дека траумата која ја има мозокот е непоправлива и иверезибилна. Болничките координатори за трансплантација започнуваат со клинички тестови кои треба да покажат дека пациетнот е или не во т.н мозочна смрт. Се прават и радиолошки иследувања на мозокот кои ја потврдуваат дополнително дијагнозата. По ова се состанува независна комисија на лекари која ја разгледува целокупната документација и прогласува мозочна смрт. Врз основа на тоа болничките координатри го повикуваат семејството и му објаснуваат дека нивиот близок е во состојба, од која мозокот не може да закрепне. Им оставаме можност да одлучат дали сакаат органите од нивниот близок, кои се одржуват живи само со помош на машината за дишење и лекарставата,  да се земат заради пресадување. Тоа, верувајте, се тешки моменти. Се соочувате со емоции кои ве допираат, ве изместуваат и оставаат трага. Не е лесно да се работи овој дел и затоа сум особено горда на моите соработнички кои го водат ова.

* Напроти професионалните вештини, колку е значајна женската емпатија во целата оваа процедура?

- Веројатно е многу значајна. Жените поседуваат таква емпатија од една страна и цврстина од друга, што веројатно е клучно за да сработи сево ова. Секако, професионалната вештина како лекари, пред сè, а потоа и обуките кои ги имаме како болнички координатори помаагаат многу. Жената знае да се носи одлично и да балансира со својата цврстина, со емоциите. со професионалноста. На крајот на денот кога сè ќе заврши, веројатно ја стасува данокот на тој баланс, но додека трае работата верувам дека таа комбинација е во многу случаи пресудна за успешноста на сето ова.

Јасна Франговска