Д-р Живко Алексоски, најголем колекционер на Елвис Присли: Имам 112 плочи и 120 цедеа - бев и во неговиот дом

Добивај вести на Viber

Примариус д-р Живко Алексоски, специјалист невролог од Гостивар,со нетрпение го очекува свеченото доделување на Оскарите закажано за вечерва, во Лос Анџелес. Еден од фаворитите, со осум номинации е биографскиот филм за кралот на рокенролот „Елвис“, неговиот идол од тинејџерските денови.

Д-р Алексоски важи за најголем колекционер на Елвис Присли. Има 112 плочи, 120 цедеа и 31 филм на двд блу реи. Истовремено, поседува една од најголемите збирки на плочи, цедеа и музички записи во Македонија. Колекционер е со официјален датум од 01.06.1971 година. Има 1650 ЛП плочи и 4500 цедеа. Ретко богата колекција со ретки музички раритети од светските музички ѕвезди. 

- Го гледав филмот, лани во Чикаго, каде што со сопругата бевме на гости кај мојот син, снаа и внук. Актерот Остин Батлер делува симпатично, малку наличуваше на Елвис. Се обидува да ги изведува неговите движења на играње, на моменти и многу успешно. Но, еден е крал, а тоа е Елвис Присли. Сценариото и режијата се фантастични. Особено е интересен делот каде се опишува неговото детство. Елвис растел во Мисисипи со деца на Црнци и живеел сиромашно. Стекнал многу пријатели и слушал музика во црквата. На тој начин се вљубил во госпелот. Потоа се преселил во Мемфис, Тенеси. Иако мислев дека го знам секој детал од неговиот живот, од филмот научив дека бил добар пријател со ББ Кинг. – открива Алексоски.

Пред две години му се остварил животниот сон. Го посетил Грејсленд, местото каде што живеел Елвис, кое се наоѓа во Мемфис.

- Тргнавме од Чикаго и по 11 часа возење со автомобил, стигнавме во Мемфис. Грејсленд е голема област во која се наоѓа огромната куќа во која живеел Елвис. Таму се наоѓа и музејот во кој се сместени неговите награди, гардероба, гитари. Неговите автомобили и мотори со кои се појавил во сите филмови. Таму се и двата авиони. Едниот, кој ѝ го купил на својата ќерка Лиза Мари Присли, а другиот со кој патувал на турнеите. Таму е и неговото вечно почивалиште. Бев и во Лос Анџелес, на местото каде што е поставена првата ѕвезда на Елвис Присли. – вели лекарот.

Првиот филм со Елвис Присли „Рај на хавајски начин“ го гледал како тинејџер, во август 1970 година, во киното во Гостивар.

- Кога заврши филмот бев возбуден и воодушевен од гласот и појавата на Елвис. Од тој миг ми стана идол и се заљубив во неговата музика. Првиот албум го купив во Скопје во декември истата година, иако дома немав грамофон за да го слушам. Со денови ја гледав фотографијата од плочата и замислував како неговиот глас би звучел во мојата куќа. Кога ги слушам неговите песни и ги гледам филмовите ја чувствувам истата возбуда како кога бев тинејџер. Каде и да одев, во секоја земја од светот, секаде купував плочи, цедеа или дивиди од Елвис Присли. Мојата љубов и пасија кон кралот решив да им ја пренесам и на новите генерации. Затоа отворив свој Јутјуб канал zivkom.aleksoski. Имам 3600 сабскрајбери и 2 милиони и 700 прегледи. Објавив преку 1.000 видеа од Елвис, од неговите филмови, од моите плочи, цедеа и концерти. Емитувам песни и на други изведувачи кои ретко може да се слушнат. – посочува Алексоски.

С.А.Н 

фото: Приватна архива