Да беа партиските незадоволства – женски, колку жени ќе имавме во власта?

фото: МИА

Родовата еднаквост е важна заложба во мојот мандат, рече претседателот Стево Пендаровски, пред помалку од две недели, на затворањето на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.
Фестивал кој застана цврсто зад транспарентот: Жените се малцинство.

- Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат носечки принципи, принципи кои инаку се и во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда - рече Пендаровски.

Па, сепак, новиот собраниски состав има помалку жени отколку претходниот, а и во новата влада жените се малцинство.

Четири министерки брои Владата на Зоран Заев. Процентуално тоа е околу 21 отсто,  од 19 министри и потпретседатели во новата Влада.

Четирите жени министерки во новата влада се: Јагода Шахпанска – министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска – министерка за образование и наука,
Ирена Стефоска – министерка за култура и Радмила Шекеринска – министерка за одбрана.

Еве неколку примери од светските искуства, кои зборуваат за џиновските чекори кои родово сензитивните држави ги прават на овој план.

Најженски се нордиските земји

Земја број еден, според  степенот на родова еднаквост во светот, како што покажува извештајот на  Global Gender Gap Report и оваа година е Исланд. Нордиската островска земја е на оваа позиција последниве 11 последователни години.

По Исланд следуваат Норвешка, Финска и Шведска. 
Шведска има 46,1 проценти женска застапеност во парламентот и прва прокламирана феминистичка влада. 

Ова значи дека родовата еднаквост е централна во владините приоритетити при донесувањето на сите одлуки и во насочувањето на ресурсите. Феминистичка влада е гаранција дека перспективата на родовата еднаквост ќе биде внесена во создавањето политики на двата фронта - национален и интернационален. Идејата на Шведска е дека мажите и жените мора да имаат иста можност за обликување на општеството и нивните животи, што е човеково право и прашање на демократија и правда.

Кај нас, тие битки на застапеност сè уште се отворат со други, а не со родово сензитивни клучеви.

По нордиските земји кои предничат по женската застапеност со просечни 42,3 проценти од вкупниот број седишта во нивните парламенти, следува централноамериканската земја Никарагва која е петторангирана, додека Руанда е единствената африканска земја меѓу првите десет родово еднакви земји меѓу 153-те рангирани во светот.

Изненадувања – очекувани и неочекувани

Тоа што Исланд е број 1 може да изгледа изненадувачки за некого, но Руанда е изненадување за сите бидејќи поседува далеку најдобра женска застапеност во парламентот со близу две третини жени во неговиот состав. Квотите имале драматично влијание врз руандската политика. Во 1990 само 18 проценти во парламентот биле жени. Со уставот од 2003 воведено е правилото на задолжителни 30 проценти жени меѓу избраните, поради што тој процент бил во постојан пораст. Денес 2/3 од претставниците во парламентот на Руанда се жени.

Има само уште две други земји со повеќе жени во парламентот отколку мажи – во Куба 53,2 проценти и Боливија 53,1 процент. Латинска Америка и карипските земји бележат пораст во женската застапеност откако Аргентина во 1991 воведе таква квота. Оттогаш легалното барање за партиите да обезбедат одредни позиции за женски кандидати стана вообичаено ширум цела Латинска Америка.

Како е на врвот?

Прогресот во женското политичко еманципирање во изминатите неколку децении има благ застој во западните земји, оценува Извештајот за родовиот јаз на Светскиот економски форум. Неговиот политички подиндекс ги истражува највиските позиции во политичкото одлучување како простор каде родовиот јаз е најголем.

Германската канцеларка Ангела Меркел, жената со најдолг мандат на чело на влада, означи повторно жена како нејзин наследник – во партијата. Ненси Пелоси стана лидер на опозицијата на претседателот Трамп, а демократскиот кандидат Џон Бајден сега ја има и првата жена афроамериканка Камела Харис како кандидат за потпретседател во заеднички обид да го затворат престојот на Трамп во Белата куќа. Новозеландската премеирка Џасинда Ардерн, новата ѕвезда на политичката меѓунардона сцена, докажа дека мајчинството не е бариера за извршување на врвни политички функции и стана втора лидерка која станала мајка за време на извршување на нејзината премиерска функција.

Ј.Ф.