Да бидеме хумани на дело: „ЛЛ Кетеринг“ ја поддржа иницијативата „Ретвитни Оброк“

„ЛЛ Катеринг“  се вклучи во иницијативата „Ретвитни Оброк“ и  даде свој придонес во оваа голема хуманитарна активност.

- Водени од нашата компаниска заложба за приклучок кон хуманите мисии со кои целиме да помогнеме на граѓаните со задоволување на основната потреба за топол оброк, а поттикнати од сторијата на Женски Магазин за иницијативата „Ретвитни оброк“, одлучивме да станеме партнери со групата ентузијасти кои готвејќи споделуваат љубов токму како и ние во нашето секојдневно работење. Со оваа наша волонтерска акција сакаме да ги претвориме нашите добри намери во добри дела, да бидеме хумани на дело, и со тоа да ѝ помогнеме на најкритичната група наши сограѓани – изјави Ѓорги Ќупев, генерален менаџер на компанијата.

„ЛЛ Кетеринг“ веќе 10 години се вклучени во неколку социјални практики: топол оброк за Бојана, оброк за соседството и новогодишен кетеринг за штитениците на Заводот за рехабилитација на деца и младинциво Скопје.

Станува збор за компанија за комерцијален и индустриски кетеринг во рамки на кој како оператор за храна произведува, дистрибуира и послужува храна за вработените на поголемите компании во Македонија со различна индустриска дејност и големина и тоа на дневна основа обезбедувајќи оброци за сите 3 смени на работење. Во моментов брои 163 вработени.

Од компанијата велат дека ова е само почеток на партнерството за споделување храна во рамки на проектот #РетвитниОброк.

Секоја сабота, како и денеска, точно во 13 часот, зад куќата на Мајка Тереза во Скопје, група ентузијасти подаруваат двеста чинии топол оброк за луѓе кои не можат да си го дозволат. Мила Тасевска како дел од хуманата група на #ретвитниоброк кои во координација со здружението „Вистински дела на љубезност“ групно готват секој петок, ја раскажа сторијата која стана инспирација и за „ЛЛ Кетеринг“ да се приклучи на ваквата акција. Иницијативата живее веќе 4 години, а со секој подарен топол оброк, таа вели дека им е топло околу срцето.

Да се надеваме дека постапката на ЛЛ Кетеринг ќе биде пример и поттик за будење на хуманоста и кај други релевантни субјекти и чинители во нашето општество кои се во можност да помогнат и дадат свој придонес.