Да го обоиме светот портокалово: Меѓународен ден за борба против насилството врз жените
Ноември е значаен месец за Обединетите Нации, особено на делот поврзан со насилството врз девојчињата и жените
Денеска, 25-ти ноември е Интернационалниот ден за борба против насилството на жените, а и оваа година ќе се одбележи со 16 дена активизам.
Насилството врз жените и девојчињата е едно од најраспространетите и постојани кршења на човековите права, а најчесто останува непријавено поради неказнивоста, молкот, стравот и срамот на жртвите.
Од Обединетите Нации наведуваат дека се поразителни бројките за насилството врз жените и девојчињата во светот:
* Секоја трета жена и девојче биле жртви на физичко или сексуално насилство во животот, најчесто од страна на партнерот.
* Речиси 750 милиони жени и девојчиња стапиле во брак пред нивниот 18-ти роденден, додека 200 милиони жени и девојчиња претрпеле осакатување на гениталиите.
* Во 2017-та година секоја втора жртва била убиена од нејзиниот партнер или семејството, додека во слични околности тоа му се случило на секој 20-ти маж.
* Над 70 % од жртвите на трговија со луѓе ширум светот се жени и девојчиња, а секоја трета од нив е сексуално експлоатирана.
* Само 52 проценти од жените во брак или во врска слободно носат одлуки за сексуалните односи, употреба на контрацептивни средства и здравствената заштита.
Овие факти говорат самите за себе. Овие факти никако не смеат да се игнорираат. Овие факти бараат експресен одговор.
На адреса на овој проблем, годинашната тема за борбата против насилството врз жените и девојчињата е „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето“, ставајќи го силувањето во центарот на оваа борба. Силувањето е специфичен криминален чин кој далеку во своите корења настанува како последица од машката доминација. Тоа е чин кој најчесто не завршува со самото случување.. последиците кои следуваат се истотака страшни.
Насилството врз жените е сериозна причина за лошо здравје кај жените, повеќе отколку сообраќајните несреќи и маларијата заедно. Тоа може да предизвикува смрт и неспособност кај жените во репродуктивна возраст.
– Мора и да се залагаме за женските права и еднаквите можности. Заедно, можеме и мораме да им ставиме крај на силувањето и сексуалните напади од каков било вид- посочи генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш.