,

Да му дозволиме на организмот да се бори сам: Педијатарот д-р Драгана Емел Маркоска за Ковид-19 кај најмладите

Добивај вести на Viber

Омилената и секогаш позитивна докторка која знае да измами насмевка на сечие детско лице и во најтешките мигови, педијатарот д-р Драгана Емел Маркоска од ПЗУ „Старс Медика“, за Женски Магазин објасни што може да се очекува од пандемијата на корона вирусот кај најмладата популација.

* Веќе две години се бориме со пандемија на коронавирус. Што таа промени во Вашиот начин на работа. Дали децата имаат поинаков пристап или пак страв од Вас, гледајќи ве со маска? Што изгубивте, а што научивте за сево ова време?

- Од почетокот на пандемијата сè е променето. Различно е однесувањето, различни се препораките кои ги даваме. Носењето маски е многу важно во спречување на ширењето на вирусот, но од друга страна ни оневозможува да ги видиме лицевите експресии кај луѓето.

* Сезоната на зимски настинки, поклопена со најмногу случаи на коронавирус кај најмладата популација, односно вашите пациенти децата. На што сметате дека се должи ова?

- Зимата секогаш била време на многу настинки. Сите горнореспираторни вируси имаат услови за виреење и предизвикување на одредено заболување најмногу во зимските месеци. Во овој период на годината е оневозможено често и долго проветрување, дружба со други дечиња на отворено и сето тоа допринесува за ширење на вирусните инфекции

* Кои се разликите меѓу настинка, грип и Ковид-19?

- Разлики во почетокот на сите три состојби нема. Сите тие три кога започнуваат започнуваат со скоро исти симптоми, како течење носе, малаксаност, намален апетит, покачена температура, главоболка, болки во стомакот и сл. Токму заради големат сличност во манифестацијата се препорачува при појава на некој од овие знаци да се изолираат од другите за да се спречи ширењето на заразата.

* Дали коронавирусот има некој карактеристичен симптом кај децата по кој се препознава?

- На наша голема жал нема специфичен симптом кој ќе го оддели корона вирусот од останатите. Токму заради тоа брзината на ширење на вирусот е толку голема. Во текот на пандемијата се препорачува при појава на било какви симптоми да се изолира детето додека не се утврди за што станува збор.

* Што треба да се преземе доколку едно дете/бебе заболи од Ковид-19? Кога треба да се оди на лекар? Кога е неопходно да му се направи тест?

- Кога едно дете/ бебе ќе се разболи/или ќе биде во контакт со заболен од Ковид-19 веднаш треба да исконтактира со својот матичен педијатар и потоа за сите други чекори во начинот на лекувањето, терапијата, дополнителните иследувања ќе се договорат со педијатарот.

* Какво искуство имате Вие досега со лечење на коронавирус кај вашите пациенти? Дали сте имале и потешки случаи?

- За среќа кај децата корона вирусната инфекција најчесто е со полесна клиничка слика. Има и потешки форми на воспаление, но најчесто лекувањето завршува со лекување во амбулантски услови.

* Каквов е Вашиот став за вакцинација на најмладите?

- Сè додека постојат податоци кои го потврдуваат бенефитот и безбедноста на вакцините сметам дека немаме основа да ја занемаруваме истата.

* Каков е Вашиот став во однос на заштитата на децата на училиште. Голем број родители сметаат дека маската повеќе прави штета отколку добро. Дали се согласувате?

- Правилното носење на маска во текот на повеќе часови кај децата е скоро невозможно. Тие многу често ја допираат маската, ја тргаат, па пак ја враќаат и сл. И со тоа се намалува ефективноста на маската. Исто така станува збор за млада популација која едвај чека да заврши часот и да се дружи во дворот каде не се употребуваат маските и повторно ја загадуваат истата. 

* Како сметате дека е најбезбедно да се заштитат децата од коронавирус во моментов?

- Како и сите така и кај децата е потребно да се намали мешањето со децата во затворен простор, да се носат заштитни маски, да се мијат раце.

* Покрај педијатар, Вие сте и мајка на две деца. Колку како родител Ве плаши сегашната ситуација со коронавирус, што Вие преземате за Вашите најмили?

- Како родител многу ме плаши моменталната состојба, ги превземам истите мерки најверојатно како и сите други родители. Немешање со други деца во затворен простор, носење маски кога е тоа возможно, често миење раце, дезинфекција на истите.

* Што препорачувате за добар имунитет кај децата?

- Правилна исхрана, престој на отворено заради бенефитите од надвор врз имуниот систем. Од суплементи умерена употреба на витамини, да му дозволиме на организмот да се бори сам.

* Ваша претпоставка за кога ќе дојде крајот на оваа пандемија? Какви се Вашите очекувања за оваа 2022-та година?

- Претпоставка немам само се надевам дека оваа пролет ќе заврши оваа пандемија, па ќе можеме да се вратиме на новото нормално. Лично сметам дека после оваа долга епидемија веќе ништо нема да биде исто како порано. Не чека едно ново нормално, што тоа ќе донесе останува да видиме. Во оваа 2022 година според мене не чекаат многу предизвици.


Д. Караташова Илиоска