Да не бев пејачка, немаше да трошам толку пари на облека: Предновогодишно со Сузана Гавазова
Едно од
најпознатите фолк музички имиња кај нас, пејачката Сузана Гавазова во Новата
година посакува здравје за сите, но и да слушаме повеќе македонска музика, оти
како што вели таа музиката е лек за душата.
Гавазова годинава сними неколку песни, се појави во повеќе телевизииски проекти, беше дел и од бугарската емисија „Вечерта на Куку Бенд“, но како што ни откри, со полна пареа работно ќе зачекори и во Новата 2022 година, а ќе работи и за Божиќ.
„2021 година ја поминав одлично. Цела година што е најважно бев здрава, како јас така и моето семејство и моите блиски пријатели и затоа сум многу среќна. Годинава што изминува ќе ја паметам по многубројните патувања, по моите настапи, по песните што ги снимив и по гостувања што ги имав на неколку телевизии. Дефинитивно ќе ја паметам само по убавите моменти што ми се случија во текот на годината“, вели Гавазова и сподели дека Божиќните празници ќе ги слави во Америка.
„Бадник и Рождеството на Исус Христос, ќе ги прославивме во Њу Џерси. За Божиќ, ќе им пеам на нашите луѓе во Америка и пресреќна сум што ќе ги видам после долго време и што ќе ја имам честа да ги израдувам и веселам со нашите убави македонски песни. А Новата година ќе ја пречекам во Скопје, во локал каде ќе пејам заедно со колегите Јоце Панов и Адил Максутовиќ“.
Периодов секој дом е накитен и украсен во боите на Новата година и празниците. Па и во домот на Гавазова високо стои елката која ја украсиле заедно нејзините две ќерки Емели и Селена. Во китењето помогнала и Сузе, но и нивните пријатели Аце и Елена.
Најмногу трошам на облека што ја користам или носам за настап или за сцена
„Обожавам да украсувам за празниците, Емели и Селена се радуваат многу и со целиот тој, да го наречам чин, ме враќаат во времето кога бев мала. Се украсивме сами, колку што можеме, но сме пресреќни затоа што дадовме се‘ од себе, овојпат додека украсувавме со нас беа и нашите пријатели Аце и Елена со кои поминуваме многу време“, откри Гавазова.
Оваа интервју го искористивме празнично расположени да „влеземе“ во ормарот на пејачката која важи за една од најдобро облечените фолк дами кај нас. Екслузивно за читателите на Женски магазин, Гавазова го покажа своето омилено парче облека - црвен костим.
„Најмногу трошам на облека што ја користам или носам за настап или за сцена. Ми се чини дека ако не бев пејачка дека, воопшто немаше да трошам толку пари на облека“ искрена е Сузана и додава дека секоја боја е застапена во нејзиниот ормар, но дека преовладуваат најмногу црната и белата боја.
* По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ, а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“. Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Некои обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...?
„Така е, постарите велат „Кај и да си за Бадник, дома да си“, но годинава за Божиќните празници ние ќе бидеме во Америка, но ќе бидеме заедно целото семејството, а тоа е најважно, не каде си туку со кого си“, вели пејачката и ги сподели обичаите кои ги наследила од својата мајка и баба ѝ:
„ Секоја година на Бадник имаме посна трпеза, на која има посни јадења и задолжително лебче со паричка. Под трпезата ставаме слама, ореви, костени и бадникови гранчиња“.
Новогодишна желба на Сузана Гавазова до читателите на Женски магазин:
„На сите им посакувам да бидат живи и здрави, да слушаат повеќе музика бидејќи музиката е лек за душата“.
Наталија Миланова
Фото: Приватна архива