„ДА ПОЛЕТАМ“ ЈА ПЕАМ ЗА МОЈОТ ПОКОЕН ТАТКО: Интервју со Слаткаристика

Добивај вести на Viber

Тој е феномен откако се појави на македонската музичка сцена. Рапува од срце, раскажува без цензура, пцуе гласно и критикува без страв. Околу Марко Маринковиќ- Слаткар за брзо време се создаде еуфорија. Го обожаваат тинејџерите, а сега веќе им стана симпатија и на нивните родители. Од пред четири години, Слаткаристика е среќно женет човек, со неговата менаџерка и соработничка, поранешна Мис на Македонија Сања Николиќ. На неговата Сања, тој и ја посвети песната „Кажи да“. Со неа ја побара за жена, а го изиграа и првиот танц на свадбата. Покрај сите вистините приказни во неговите текстови, како најемотивен остана да се помни оној од баладата „Да полетам“.  „Горд сум на успехот, чале ми е домец. Немал ни мајка ни татко, рамо за плачење, совет. Понекогаш сум среќен за мојот топол дом, со Че го имаме она што никогаш го немал он“, се дел од стиховите во оваа песна. Слаткар за „Женски магазин“ зборува за својата музика, за Сања, но и за тоа дека песната „Да полетам“ секогаш ќе биде приказна за покојниот татко. 

Женски магазин- Со каква порака е твојот голем хит Терориста?

Слаткар- Во главно песната е игра со зборови како и секогаш, но скриената порака е љубовта која не познава граници и се случува меѓу две завојувани страни.

Женски магазин-Како настануваат твоите песни, кога најчесто ги пишуваш, што те инспирира најмногу?

Слаткар- Инспирација е секојдневието и може да настане од најмала глупост, до длабока мисла или чуство. Порано беше многу важно да го живееш тоа што го пишуваш, но со текот на годините се повеќе мислам дека се е работа. Најчесто пишувам во мир, а тоа е увек после 2 сабајле. 

Женски магазин- Кој прв ги слуша и ти дава мислење за песните?

Слаткар- Веројатно Дарко, Иван, Јован, па Сања. Сега сфаќам дека сум ја утнал мојата таргет група до 25 години, затоа што сите они се со над 30. 

Женски магазин- На Сања и ја посвети „Кажи да“, и со таа песна ја побара за жена. Има ли и други песни што се за неа, и некои што допрва ќе дојдат? 

Слаткар- Има неколку што се само за неа, но не се за у етер. А има и такви што сум ги пишал за неа, а важат за сите сакани девојки/жени.

Женски магазин- Зошто си најсреќниот човек на светот што ја имаш Сања, и обратно зошто е таа најсреќна со тебе?

Слаткар- Затоа што може да ме трпи и затоа што можам да ја истрпам. Затоа што имам се што и недостасува и има се што ми фали.

Женски магазин- Сања е твој соработник како дел од „Иноватива груп“, како го одделувате приватното и работното? 

Слаткар- Тоа е добро поминат тест. Ние живееме 6 ипол години заедно, Иноватива постои 5 ипол години, а во брак сме 3 ипол години. И пак, секој ден после работа се чекаме дома да се прибереме, да се видиме и да си муабетиме.

Женски магазин- Претходно имаш изјавено дека вие двајца сте како црно и бело. Во што сте толку различни и што е она што најмногу ве спои? 

Слаткар- Точно, како ден и ноќ сме, но нели, -мора да се стемни за да се раздени. Различни сме, но си имаме потреба еден од друг и се надополнуваме. Иначе и двајцата сме лав во хороскоп, а од скоро дознавме дека и двајцата сме бик во подзнак. Па ти сега види. 

Женски магазин- За што најчесто се карате и како се искупуваш ако згрешиш?

Слаткар- Најчесто сум јас тој што утињам, а она е секогаш во право. А каранците се за далечинското дека не е на место, дека светлото не е угасено, или вратата од соба не е затворена. Тоа значи дека неколку дена по ред јас ќе фрлам ѓубре.

Женски магазин- Поради твојата шармантна говорна мана порано поретко се појавуваше по телевизиите. Сега ми се чини дека веќе го надмина тоа и почесто те има. Како го објаснуваш феноменот дека побавно зборуваш а побрзо рапуваш? 

Слаткар- Порано не ме викаа толку да гостувам поради тоа што се плашеа да не пцујам у сред разговор. Ваљда сум сега повозрасен и попристоен. А тој феномен се вика ритам. Кога има бит, за мене нема стоп.

Женски магазин- Како е твоето семејство?  Дали сега откако сте успешни и ти брат ти, приказната од песната „Да полетам„ која зборува за едно семејство кое едвај врзува крај со крај , не е приказна за твоето семејство? 

Слаткар- „Да полетам“ секогаш ќе биде приказна на моето семејство. „Да полетам“ е наша приказна, но мотивација за секој човек што сака да успее. За мене, една од песните што сега кога ја исполнувам, од срце, со огромна љубов ја пеам за мојот покоен татко. За се она на што ме научил и за тоа каков човек направил од мене.

Милица Џаровска