ДА СЕ БИДЕ ЖЕНА ЗНАЧИ ДА СЕ БИДЕ НАРОДЕН ХЕРОЈ
Минатава година ја броиме за една од најлошите години во човештвото. Пандемиска и сурова, осамена и празна, ни ги опустоши душите и ни ги украде задоволствата. Како оптимистка, секогаш сум на светлата страна на тунелот. Дури и кога светлото одвај се гледа, срамежливо ѕиркајќи од крајот на излезот. Јас сум од оние луѓе на кои чашата им е полуполна, а не полупразна. Сите што добро ме познаваат се увериле дека имам желба, а богами и дарба да го барам најдоброто во луѓето. Истиот принцип го имам кон сите нешта во животот. Филозофијата „сè што е со помин не е страшно“ одамна ми е вкоренета во мојата мисловна матрица. Сепак, минативе два-три месеци вербата во позитивното ми беше ставена на тест и тоа неколку пати. Ведрината како карактерина особина понекогаш не е доволна за да те утеши...
Ќе ги прескокнам приказните за загубените задоволства, професионални проекти, финансии ставени „на холд“ поради рестриктивните мерки кои сериозно ја „запукаа“ културата и сите јавни професии, и ќе се осврнам на оние аспекти кои се однесуваат директно на животот. Пред два месеци пишував за борбата со коронавирусот на моите родители. За среќа, „чумата“ мене ме прескокна, но за жал ме остави немоќна пред суровите исходи на болеста кај најблиските. Скоро два месеци останав дома за да го чувам своето четирипол годишно дете, кое претходно го чуваа моите родители. Како фриленсерка не си осигурана, ниту како било заштитена во вакви вонредни ситуации, а како мајка должна си да се погрижиш за најмалото. Немав право на боледување или некакво неплатено отсуство после кое работата ќе те чека, па единственото решение ми беше да ги откажам, а со тоа и да ги загубам сите работни проекти. Тоа ќе значеше два месеци нула денари за егзистенција на мојата сметка. Разумот ми кажа дека морам да најдам начин да задржам барем дел од работните ангажмани, а бидејќи е речиси неизводливо да се работи од дома со мало детe „над глава“, не особено работа која е мислечка и творечка и за која е потребно многу концентрација, истражување, пишување... смислив дека морам да станувам час-два порано пред да се разбуди детето, за да можам нешто малку да сработам во мир и тишина. Моето дете има природен биоритам на будење во 5-5:30 часот наутро, па „решението“ за мене беше некои денови да се будам со аларм кој го навивав час-два порано односно пред 4 часот. Вечерта, откако ќе го заспиев, со последни сили повторно продолжував со работа.
Сум имала и друг пат искуство на станување со петлите в зори, пред петнаест години, кога две години работев на Утринската програма во Сител телевизија. Емисијата започнуваше пред 6 часот, а ние новинарите-водители требаше да бидеме стигнати во студио половина час порано, освестени и нашминкани ко за пред камери. Но тогаш жртвите за новинарската кариера ми беа калкулирани, а и немав дете и куп обврски кои доаѓаат со куферот на родителството. Да се вратам на актуелната ситуација – мајки во пандемија! Значи, со секој ден започнат уште пред да се раздени, а после цел ден обврски и истоштеност, работата остануваше да ме чека и вечерта по заспивањето на малото. А, кога си жена, на тебе е и готвењето, миењето садови, перење, чистење на домот, планирање на милион ситници во денот што ти прават емоционална магла во главата. Обврските тежат, а ти мораш да си силна и да издржиш сè за да си на помош на сите!!!
Но ништо не беше поважно од тоа да се победи партијата шах со коронавирусот на моите родители. Шах-мат над смртта! Кога таа гадна епизода заврши, сфатив дека нивното пост-ковид здравје е променето и дека им е потребно многу повеќе одмор и терапија од претходно. И покрај нивната голема желба да продолжат да го чуваат своето внуче како претходно, тие ја немаа потребната сила да се грижат и да трчаат по едно активно и темпераментно мало човече по осум часа во денот. Немаше друго освен детето конечно да го пуштиме в градинка, и тоа во моментот на пролетниот пандемиски бран, во пикот, кога бројките на заразените беа вртоглаво високи, кога секој ден умираа по педесетина луѓе.
И покрај стравот, дента кога Алекс тргна во градинка почувствував олеснување. Се разбира, тука беше и неизбежниот стрес како ќе се вклопи во новата средина, меѓу туѓинци со кои допрва треба да изгради релација, но сите родители минуваат низ оваа животна фаза кога тргнувањето во градинка претставува стрес во првите денови или недели. Од една страна, се чувствував некако полесна, од друга страна некое подло чувство на гризење на совеста ми го буричкаше умот. Верувам дека таков емоционален вртлог ѝ се случува речиси на секоја мајка одвреме навреме. Сепак, дома беше тивко и можев непречено да работам со полна концентрација.
Таа „работна идила“ се прекина после само три дена. Од градинката ми јавија дека Алекс крева температура, веднаш да го земам. Ништо чудно, си реков, како и секое дете кое не било изложено на групирање со други деца во затворен простор, сосема очекувано дека треба да помине период на размена на бактерии и вирусии и да се имунизира. И сè ќе беше нормално и подносливо ако неговата температура се симнуваше како што е редот со лекарства, сирупчиња и со вообичаените методи на туширање, облоги... но веќе трет ден топломерот покажуваше 39. 5, 40, 40. 6... детето беше многу малаксано, не јадеше, едвај успевавме да му дадеме течности, а повраќаше, дијареа.. сè така до моментот кога итно моравме да се упатиме во ургентен педијатарски центар. Тахикардичен, со температура над 40, Алекс го ставија на инфузија веднаш штом ја исклучија можноста да биде ковид-позитивен. Откако ни олесни дека не е корона, следуваа дополнителни медицински испитувања. Докторката ни рече оти ќе мора неколку дена да доаѓаме во дневната болница, по неколку часа да лежи за интравенозно да му ја аплицираат потребната терапија за силната бактериска инфекција. Резултатот стигна. Ни повеќе, ни помалку - салмонела! Не ми се веруваше. Коренот на салмонелата претпоставивме дека е од сладоледот кој го јадеше претходните денови надвор, бидејќи ниту едно друго дете во градинката не беше заболено. Во тој миг воопшто не ми беше важно да изигрувам детектив, важно ми беше само Алекс побрзо да оздрави...
Пред очи ми се неговите солзи и вресоци, неговите напади од страв и болка... неговото мало усте што се тресе и завива во плач. Се разбира само мајката е во болничката соба со детето и треба да има срце на лав за да го гледа страдањето на соспственото дете и при тоа да не пушти солза, да биде силна пред него и да го теши дека ќе му мине ко на кутре. И само жена може да најде насмевка кога толку ѝ се плаче. И потоа некој жените ќе ги нарече понежниот пол, а мажите – посилниот?!
Тогаш се сетив на извонредниот филм „Животот е убав“ со Роберто Бенињи кога тој како татко го забавува и засмејува својот син, сакајќи да го камуфлира насилството и бруталноста на нацистите за време на војната. Маестрален! Тоа ме потсети на страшните борби на човековиот род. На траумите на цели генерации. Не само на војните, туку и на природните катастрофи во кои луѓе гинат. На хроничните и неизлечиви болести со кои некои родители се соочуваат. Таа проектирана туѓа болка ме натера да сфатам дека ништо не е страшно кога е со помин! Наеднаш ми надојде сила ко бура да се смеам и да викам: Животот е убав и тогаш кога е суров!
После неколку дена в болница, три недели домашна нега и антибиотици, Алекс оздраве и повторно го вративме во градинка. Свесни дека одново ќе го минуваме процесот на адаптација, но овој пат тоа траеше само два дена. Да, да и мене не ми се верува исто колку и на вас. По само два дена в градинка детето беше повторно болно. Овој пат на температурата друштво ѝ правеа затнатиот и мрсулав нос и нежната кашлица. Кај него мина за неколку дена, кај мене и кај сопругот со пролонгирани симптоми. За среќа, обичните вируси за време на пандемија ни се гледаат ко „мачја кашлица“, па сè што не е ковид, го пречекуваме со широко отворени раце – нека дојде, ќе пројде. И немаше да биде ништо спектакуларно ако и овој пат не требаше да ги откажам сите работни ангажмани во текот на таа седмица додека седев дома со болно дете, а и јас самата болна. Се работи за проекти и обуки што ги подготвував цел период претходно, а сега требаше да се финализираат со закажани датуми токму таа седмица. Ама никому не му е гајде дали си ти мајка на болно дете или и самата разболена кога си самостоен хонорарен работник. Овие неколку здравствени предизвици ме натераа да се прашам каков е мојот статус во општеството. Познавам многу фриленсер(к)и кои се соочуваат со слични борби…
Оваа колумна ја напишав за низ моето искуство да прозборам за сите жени кои се соочуваат со слични ситуации. За сите жени кои во оваа пандемија изгубија работа. За сите врз чии плеќи се скрши најтешкиот товар на обврските. За сите работнички чии права се узурпирани. Оваа колмуна се обидува да допре до срцето на работодавците кои ставајќи го профитот пред сè, забораваат на најчовечкото во човекот! Оваа колумна гласно вреска од името за сите мајки што имаат акутно или хронично болни деца! Мастилото со кое пишувам ги упива човечките борби и болки што се однесуваат на здравјето кое е најважно, а кои се сурови кон условите во коишто жените функционираат! Оваа колумна ја напишав за да потсетам на три работи:
Прво, здравјето е број еден и нема друг приоритет кога имаш болно дете, родител, близок!
Второ, сите сме еднакви, ама некои од нас се поеднакви! Особено оние кои земаат К-15. Онака Орвеловски!
Трето, да се биде жена и мајка значи да се биде народен херој!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој