ДА СИ УБАВА, ЗНАЧИ ДА СИ СЛОБОДНА И СРЕЌНА!
Колку често се фаќате себе си притиснати од теророт на убавиот изглед? Колку често нашите срца и врски страдаат кога ја ставаме блескавата маска на совршеноста? Колку често формалностите на кои им робуваме нè спречуваат да создадеме вистински и автентични врски? Не знам за вас, но ова е мојата приказна...
Фризер, педикир, маникир... сè со ред, мислиш се подготвувам за телевизиски настап, а не за одмор. Го слушам внатрешниот критички глас дека жената секогаш, во секоја пригода, треба да е „средена“ и почнувам да се пакувам. Го вадам најголемиот куфер и полнам во него како да заминувам на шестмесечен престој на Марс, каде што нема ни вода. Списокот со работи што планирам да ги понесам е долг колку романите на Достоевски. Од најосновното до најсофистицираното, од турпија за нокти, до блендер за в кујна. Некоја внатрешна несигурност ме убедува дека сè може да ми притреба. Личам на подвижна аптека, подвижен супермаркет и подвижна библиотека. Не планирам да се разболам, но планирам да читам. Носам и пет книги со мене. И онака секогаш шашаво читам по неколку во исто време, плус книга за на плажа, плус за на планина... Оправдувањата се секогаш тука за да ме оддалечат од реалната слика...
Тамам успевам да ги затворам торбите, во собата влегува мојот сопруг. Ми упатува прекорувачки поглед со кој низ остар, стаклен молк, без зборови, ме суди. Порано ме болеше кога во некоја конфликтна ситуација вербално ќе ме навредеше, денес ме боли неговата тишина. Знам што мисли - дека сум консумерист кој не умее да се ослободи од материјалното, иако постојано ламентира на таа тема. Точно знае дека таквите квалификации ме болат при обидот за себе да мислам дека сум високо освестена и продуховена. Со зен-техники за самоконтрола мудро решавам да избегнам кавга, па сама си ги симнувам куферите в кола. Не ми треба помош, имам и јас кичма за расипување. Тргнуваме. Куфери, куче, дете, базенче, играчки, подвижно креветче, точаче... кој ли асфалт ќе нè издржи?!
Додека се оддалечуваме од градот, далеку од зовриениот асфалт, како ехо од духови се слуша шумот на сите пцуења изречени во сообраќајот, пред шалтерите во банка, во редиците на каса, низ административните процедури... Колку сме заробени во бетонските кутии на урбаниот живот, си мислам. Едвај чекам да стигнеме во дивина. Ја кршам тишината меѓу нас за патот да ни мине побрзо. Kако навиен будилник зборувам цело време, ко првпат да сме се запознале. Секогаш има теми за кои сè уште не сме се искарале. Барем никогаш не ни е здодевно.
Стигнуваме на местото за одмор. Мирис на лаванда ми го дразни носот. Излегувам од автомобилот и тргнувам накај водата, а Тој цинично ме потсетува дека имаме пола ден за отпакување на торбите. Алекс и Ада (нашето дете и куче) срипуваат од колата и безгрижно трчаат кон езерото. Малото раче ме вика да си играме во песок. Нестрпливо е. Нема време да ме чека да ги отпакувам мојата библиотека и аптека. Му давам знак да оди со татко му, дека мама ќе дојде подоцна откако ќе ги заврши обврските. Како што се оддалечува кон плажата, неколку пати го врти главчето по мене. За миг ми светнува - каква будала сум!!! Има ли нешто поважно од неговата желба за игра?! Во пет минути како филм ми се одмотува секој миг што залудно сум го потрошила во неважни работи, во формалности, во домаќинлуци, во прекумерна грижа, во стил, во робување на навиките... Животот си врви додека правиме проекции како е најдобро да го живееме. Нема жива сила што ќе ме натера овој пат да го пропуштам капењето во езерото со моето дете! Нема ништо позначајно од малите радости сега и тука.
Ги спуштам куферите полни грижи и се стрчувам кон плажата. Не ми е гајле дали косата ми е средена, дали луѓето ќе ме препознаат, дали ќе ме споредуваат со Ана од малите екрани, не ми е гајле што сум во истите алишта со кои патував, не ми е гајле за десетте марами што ги понесов за на плажа, не ми е гајле за дрвените ѓердани, ниту за шапките во разни бои. Боја на моите денови им даваат насмевките на луѓето што ги сакам. Нивната искреност е без филтер. Трчам кон водата и сфаќам дека сум боса. Жежок песок ми ги скокотка прстите на нозете. Не ми требаат ниту едни од петте пара апостолки и сандали што ги зедов. Вака подобро се поврзувам со земјата под мене. Нејзината природна енергија ми струи низ телото. Ветрот ми ја бушави косата, а јас заборавам да се грижам за фризурата. Не ми е веќе важно како ќе ме перципира околината, туку како се чувствувам внатре, во себе. Слободна!
Како дупнат балон, полека издишувам и нечујно се ослободувам од преголемиот обѕир кон другите. Кучето прво ме здогледува и срипува накај мене. Другпат ќе го прекорев за прашината што ја кренало трчајќи од радост, но овој пат не се тревожам. Морам да ја научам тенката граница помеѓу преголемата внимателност и живеењето за други луѓе. Луѓето се единствените суштества што се ограничуваат себеси поради репресијата на културата. Ми текнува на „Неугодното во културата“ од Фројд и ги пуштам сите узди од моите емоции. Ја гушкам крзнената миленичка и ја насочувам да ме упати кон моите луѓе. Чекорот кон нив ми е лесен. Не ми тежи ни карминот во чантата, го немам. Ги здогледувам како весело се превртуваат во песокот. Татко и дете. И едно весело куче. Езерото е како тепсија што ги вшмукува сите човечки грижи. Се прашувам кога последно бев среќна само со рацете в џеб и со луѓето што ми значат?
Наеднаш решавам сите несигурности и стравови во мене, спакувани во несесери и куфери, да ги скршам на ситни парченца кристали. Амбиентот е совршен за соочување со себеси. Околу мене нема луѓе со замрзнати насмевки, нема луѓе со болни амбиции, нема луѓе што прават пари, за потоа да си купат малку мир. Езерото има чудна прочистувачка моќ. Те соочува со својата рефлексија, дури и со онаа што сакаш да ја скриеш. Песокот ми ја гушка сенката која полека се ослободува од товарот на егото. Сè станува некако полесно. И јас станувам полесна...
Почнувам да се прашувам дали секој ден сум некоја друга? Одам подалеку со умот... Се присетувам на летните одмори од пред десет години. Помнам колку ми беше важно да сум убава и дотерана, a денес излегувам од дома во најкомотните алишта за да можам слободно да трчам со детето и кучето. Пред пет години ми беше важно секој ден да имам нов „филозофски муабет“ со партнерот, како храна за умот. Денес ми е убаво по сто пати на ден да повторувам баналности кои ни ја смеат душата. Колку сме различни од ден на ден... дури и од вчера до денес. Животот е контрастен. Треба само да се избрусиме себеси во неговите контури. А, да си убава, значи да си слободна и среќна!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и тренер за личен развој