Да те немав, ќе измислев дете како тебе: Синот на Ребека наполни 12 години

Добивај вести на Viber

Синот на пејачката Ребека, Маркијан денеска полни 12 години. Ребека со емотивен статус му го честиташе роденденот на синот.

„ Маркијан, љубов моја, да знаев дека ти ќе бидеш причината за да научам како и невозможното е возможно и дека целите кои ги поставувам се градење на поубаво утре за многу деца, ќе си измислев дете како што си ти. Моето сѐ си ти, но и сите ближни, сите луѓе околу тебе и сѐ што Бог ни дал за да се радуваме и да го менуваме овој свет кон подобро. Ти благодарам за љубовта и за секојдневиео твое: „Мамичке, многу те сакам.“ Среќен 12. роденден, супер- хероју мој“, напиша Ребека на својот Фејсбук профил.

Ребека со трите сина: Маркијан, Макариј и Доротеј 

Во интревју за Женски магазин лани, Ребека отворено зборуваше за ретката болест на синот, туберна склероза.

Ребека со Маркијан во 2006 година, кога беше бебе 

„ Дека со Маркијан нешто не е во ред забележавме уште во седмиот месец од бременоста, но во прво време не бевме сигурни дека тој има туберна склероза. Видовме тумори на срцето, но не и промена на срцевата работа. И покрај високите сомнежи, ние одлучивме Маркијан да продолжи да живее и да ги прифатиме сите предизвици и искушенија доколку навистина следат. На тримесечна возраст прв пат ги забележавме симптомите - епилептични напади. Од тој момент почнаа сите детални испитувања и патувања, консултации низ многу болници. Денот ни започнуваше со прашањето дали и колку напади ќе има, дури имаше и периоди кога во еден ден забележувавме и по стотина“, раскажа пејачката која е основач на здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“.

„ Го гледате детето пред вашите очи како се бори за живот и барате терапија која ќе му ги сопре нападите. На два пати Маркијан за малку ќе го изгубевме. Молитвите и вербата во Бога, разговорите со него, беа мојот спас. Слава на Бога за силата и здравјето што ни ги даде во тие тешки моменти“, се присети Ребека. Маркијан сега е ученик во петто одделение во Основното училиште “Димо Хаџи- Димов“ и е одлично прифатен од другарите и од наставниците. 

Од 2013 година, домот на Ристески е повесел и побогат за уште два члена, близнаците Макариј и Доротеј за кои Ребека вели дека го обожаваат братот. М.Џ.