Дадов предност на професионалниот живот: Одблиску со Сања Лукаревска
Денес се запознаваме одблиску со Сања Лукаревска - директорка на Управа за јавни приходи. Таа ни раскажа како е да се биде на лидерска функција, за предизвиците кои ги донесе пандемијата во УЈП, како таа го минува времето дома, а се сеќава и на Велигденските денови кога била мала.
*Процентот на жени на високи позиции во Македонија, е далеку од европскиот просек. Какво е чувството да се биде на позиција директор на УЈП, какво е Вашето искуство како жена која има лидерска позиција? Се соочувате ли со предрасуди, омаловажувања?
-Секогаш ме импресионирале жени на лидерски позиции. Порано беше реткост, а сега веќе има повеќе жени лидери на високи позиции. Иако е предизвик, ама диоптријата на работењето и функционирањето на една жена, лидер, секогаш е дуплирана. Во мојот случај покрај предрасуди од родов аспект, иако ги немало многу, можеби имало предрасуди заради младоста. Порано се имало перцепција дека на клучни државнички позиции треба да има повеќе ,,бели коси,, . Јас сум среќна дека во мојот тим имам такви колеги кои порано ми биле претпоставени,а сега јас сум им претпоставена. Имам доблест да барам совет и сега од нив, да научам нешто ново, затоа што менаџирањето со даночен орган, столб на Буџетот, не е ни малку лесно, ни едноставно.
*Дали и колку Вашата работна позиција Ви остава простор и време за приватноста, може ли подеднакво добро да се справувате на двете полиња, или сепак работната позиција бара поголема посветеност?
-Сиот овој период на директорување дадов предност на професионалниот живот, иако не го запоставив ни приватниот. Време, се трудам да најдам за моите родители, за моето друштво, за сите оние кои заради моите преголеми обврски имале разбирање секогаш и не ми се лутеле ако пропуштам некој голем настан, значаен за нив. Им благодарам. Сега кога веќе си направив некој свој начин на функционирање, ќе дојде време и за приватниот живот.
*Дали и какви потешкотии Ви донесе пандемијата во работата?
-За институција каква што е УЈП, оваа состојба со пандемијата значи навистина отежнато функционирање, а работата и обврските се зголемуваат од ден на ден. Овој период настојувам да имам помалку состаноци со надворешни лица, секој ден имаме состаноци со Кризбиот Штаб во УЈП, а често комуницираме со колегите и преку skype. Сега сме ставени пред уште еден огромен предизвик , а тоа е успешно и ефикасно спроведување на економските мерки кои ги донесе Владата на РСМ. Скоро сите процеси ќе се одвиваат преку системите на УЈП. Знам дека заедно со колегите и овој пат ќе бидеме на висина на задачата.
Дел од тековните процеси ги завршуваме, но со послаб интензитет, помалку спроведуваме контроли, а сепак сакаме да излеземе во пресрет на барањата на обврзниците. Убедена сум дека една ваква ,,нова,, состојба ќе не направи уште посилни.
*Како го поминувате времето во изолација?
-Најчесто гледам ТВ,во овој период навистина се воодушевувам со сериите со Херкул Поаро. Ме релаксираат многу. Знам да прочитам и добра книга. А истовремено редовно ги следам и економските случувања од земјите во регионот, читам доста за тоа како се справуваат тие со еконмската криза. Иако во вакво време сепак и работните обврски се дел од секојдневието.
Кога станува збор за Велигден, Лукаревска вели дека за неа е најголемиот световен празник, кој
секогаш го поминува во кругот на семејството, традиционално со убава домашна
трпеза и секако со она неизбежно кршење со јајца.
Како за сите така и за неа овој пат Велигден беше поразличен во своето празнување, бранејќи се од вирусот,но Лукаревска вели дека најголемиот
благодет на празникот ќе биде што сите сме заедно, здрави и живи.
Лукаревска се сеќава дека како мала се радувала кога ги цртала велигденските јајца со водени бои.
„Моите баби беа многу инвентивни кога беше во прашање украсување на велигденските јајца.Паметам дека имаа тилови во различни бои,па ги обвиткуваа јајцата со нив и на крајот ги врзуваа со украсна панделка.Изгледаа преубаво.“
Љ.И
Oд новата рубрика „Одблиску со жени лидерки“ прочитајте и:
Изолацијата не треба да се сфати како казна, туку како превенција: Одблиску со Марија Бошковска Јанковски
Малку време имав за радостите на празникот Велигден: Одблиску со Нина Ангеловска